Извадок од романот „Учител на љубовта“

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/Извадок од романот „Учител на љубовта“

Извадок од романот „Учител на љубовта“

Знаеше да се заигра со група деца на која наишол до толку што забораваше каде тргнал пред да ги сретне и се враќаше таму од каде што дошол. Најчесто во крчмата, во која знаеше да започне и да води стручни расправи за она за кое другите на масата немаа поим. При тоа, со прстот и истуреното вино, врз чаршафот црташе необични скици и испишуваше таинствени формули, сè додека не останеше сам и продолжуваше, до фајронт, да разговара со себе самиот.

А и чичко Лојзевата ситноцветеста врска пеперутка не беше обична. Кога ќе се соберевме околу него, тој ќе притиснеше копче на палтото и таа се вртеше како ветерница. И тоа беше ситница во неговиот богат репертоар необичности, зашто знаеше повеќе магионичарски и други трикови и од мојата мајка, за која бев убеден дека некогаш работела во циркус. И дека со циркусот, италијански, поголем од „Адрија“, гостувала во многу земји, целата 1949-та година, која ја минав сам, со баба, а мене ми кажуваа дека е во болница. Дека боледува од таква болест што не можат да ме водат ни кога и’ одат на посета. А и кога, од сето она што го начув и насетив дека била, не во болница, туку во затвор, верував дека тато се развел од неа поради циркусот, а не од политички причини, како што тогаш, најчесто жените, а најмногу поради децата, се разведуваа од мажите осудени поради ИБ-то.

Мојата мајка ни правеше, мене и на останатите деца од соседството, вампирски заби од компир. Со нив, завиткани во бели чаршафи, носејќи во рацете глави направени од како златник жолтите тикви во кои гореа свеќи, ноќе ги плашевме ретките минувачи и љубовниците припиени до стеблата на платаните чија кора, под нивните грбови, се лупеше. Ни покажуваше како, како сам од себе, се крева шапката на глава, а потоа ни откриваше дека ја помрднувала со сукало, на која била закачена, провлечена под јакната и мрдана со раката скриена зад грбот. Како двајца изгледаат како да носат трет. Мртовец. Така што првиот, стоејќи, ќе ги пружи рацете, на кои се навлечени чевли и ќе ја наведне главата, а вториот, стоејќи зад него, ќе ги стави рацете на неговите раменици, преку кои се префрла чаршаф, а главата, со затворени очи, ја зафрлува наназад. Како цигарата, а пушеше така и толку што само првата ја палеше со чкорче, а, потоа, сиот ден запалуваше една цигара од друга, прилепена на усната, ја врти и ја држи в уста, а чадот го испушта низ нос, правејќи, при тоа, не крукчиња, туку синџир крукчиња. Како паричката, која ја држи на дланка, кога дланката ќе ја затвори и повторно ќе ја отвори, исчезнува. Како и’ исчезнува половина од показалецот од едната рака, кој, со другата рака, го фрлаше во воздух, а потоа повторно го фаќаше и го враќаше на неговото место. Како конопот, повеќе пати пресечен со ножици, останува цел. Како… Само никогаш не ни покажа како од устата вади на конец нанижани жилети кои еден по еден ги голташе и ги залеваше со чаша вода, после секој отворајќи ја устата и покажувајќи ни дека устата и’ е празна.

Чичко Лојзе не откриваше што како прави, но извлекуваше од ракавот мноштво шарени свилени марами меѓусебно цврсто врзани кои ги разврзуваше и не допирајќи ги со рака. Вадеше од паричникот банкноти и ги кинеше на четири дела, па ги туткаше, а кога тутките од хартија ги размотуваше тие беа цели. Од очите, додека ги бришеше очилата, му испаѓаа метални парички и ги полнеа подметнатите дланки. Со ѕвекот ги истресуваше во џебовите, а кога ние во нив му ги вовлекувавме рацете, им немаше ни траг. Од носот, во шамиче, секнеше големи гускини јајца кои му исчезнуваа од дланката. А од џепчето на палтото, од кое ѕиркаше шамиче со ист дезен како врската пеперутка, вадеше мало жолтоклуно пајче, а кога некој од нас сакаше да го погали, се претвораше во голем букет ружи направени од украсна хартија… И секому даваше по нешто. Некому кутија од кибрит, од која, кога ќе се отвореше, излетуваше мајска бубачка. На друг коцка шеќер која беше солена. На трет шишенце мастило кое, откако ќе направи навидум неотстранлива дамка, испаруваше и очајот на оној чија облека била извалкана го претвораше во радост. На четврт…

А и неговата куќа, однадвор, и уште повеќе однатре, беше понеобична од сите куќи кои дотогаш и оттогаш сум ги видел. На врвот на ридот, и оддалеку привлекуваше сечие внимание, зашто беше изградена и обоена поинаку од другите. Сета во живи бои, со црвени капаци на прозорците на кои беше изрежано срце. А на неа и околу неа имаше разни справи и направи. Се креваа големи антени. Се вртеа ветрокази и ветромери со различни облици и бои. Од куќичките со разни стилови излегуваа дами со чадори за сонце или господа со чадори за дожд, претскажувајќи сонце или дожд. При тоа ѕвечкајќи и свирејќи како што, и на најблагиот ветрец, свиреше жичената ограда со која беше опкружен овоштарникот. И тоа мелодија слична на онаа која се повторуваше кога ќе се навие венецијанската гондола, која мама, за да не можам да ја дофатам, ја чуваше на орманот во нашата спална соба. Стеблата на овошките на Лојзе беа многу помали од оние во другите овоштарници, а на нив плодовите многу поголеми. И неговиот овоштарник, не само цветниците околу куќата, полн со цвеќе и забодени разнобојни стапови на кои имаше сјајни кугли и куќички за птици…

АвторЈосип Ости
ПреводИгор Исаковски
2021-08-17T20:58:28+00:00 август 15th, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 138 - 139|