Извадок од романот „Учител на љубовта“

/, Литература, Блесок бр. 138 - 139/Извадок од романот „Учител на љубовта“

Извадок од романот „Учител на љубовта“

Јатата врани кои слетуваат на високите круни и, испуштајќи крескави гласови, полетуваат од нив. Како во небото да паѓа некое големо црно лисје. На тие платани беа закачиле гласни, чкрипливи звучници и со свои уши, како и останатите во местото, здрвени, таму каде што гласот на звучниците ги затекнал, го слушнав преносот од закопот на Борис Кидрич. Ги гледам зелено обоените железни чешми меѓу секоја втора куќа од кои, и после силно пумпање, пред првиот млаз вода, долго излегуваше само шумен млаз воздух. Ја гледам Босна, лете, речиси пресушена и капачите на браната кај мелницата, меѓу кои беа и мојот татко и мојата мајка. Тој, во црвени тарзанки, со бела вертикална црта на средината, кои се врзуваа од страна, скокаше од врбата надвисната над водата, а таа, во поткренат комбинезон, шлапкаше низ плиткото, топејќи ги нозете само до глуждови. И во есен, со боја на какао, високо надојдена. Како го преплавува мостот, заканувајќи се дека ќе го однесе. Која се повлече дури откако ги поплави куќите крај брегот, а со влажниот јазик, како мене, толку пати, по образот телето на дедовата Шарка, ја лизна и куќата во која ние живеевме, подготвени, со она што може да се понесе в раце, да бегаме во ридовите. Прво на ритчето на кое беа црквата и школото. А, ако треба, и понатаму. Го гледам огромниот пламен кој, разбуден среде ноќ, го здогледав веднаш пред нашиот прозорец. Кој, потпукнувачки и заканувачки, со бранови неиздржлива врелина сенишно ја нишаше завесата, а по ѕидовите се издолжуваа темни сенки на растрчаните гасители, изгаснат откако веќе ја пречекорил дрвената ограда на нашата градина и ги спржил мамините процутени убави кати, убави момци, цареви очи… Ја гледам мама како ја капе умрената старица од соседството. Во плехано кадиче. Како што и мене ме капеше, во сабота. И тоа збрчкано тело со боја на восок, со опуштени дојки, со кожа преполна старечки дамки, со седи ретки влакна под стомакот, беше после теткиното и на роднината, прво сосем голо тело на жена кое сум го видел. И тоа остана сè додека, мојата врсничка, соседовата ќерка Силва и јас, во грмушки и во висока трева обраснатиот агол на бавчата на Мехо, соблекувајќи дел по дел од облеката, не се соблековме голи и, на крајот, си ги покажавме еден на друг мочињата. Не допирајќи се, туку само внимателно гледајќи и разгледувајќи. А тоа го сторивме тогаш и никогаш повеќе, зашто двајцата толку настинавме што моравме да одлежиме  и долго не нè пуштаа во бавчата на Мехо, полна со скришни места, засенети агли, во кои се мешаа смрдеата на влагата и гнилежот со опојните мириси на разновидното цвеќе. Не долго потоа и престанавме да си играме заедно. Девојчињата си играа со девојчиња, а момчињата со момчиња. Гледам, како овој час, како некој, со грбот завртен и наведнат, низ веавица, ме влече на санка. Во скутот имам сива мачка и две шарени мачиња. Како кое ќе падне од санката в снег, таа скокнува, го фаќа со забите за шија, нè стигнува и, заедно со него, скокнува на санката. Истовремено гледам и како со момчињата од соседството, на ромобил, јурам низ завидовичките улици и фрлам во воздух разнобојни конфети и тие снежат врз оние кои седат на масите пред единствениот хотел и слушаат, хавајски гитари од хотелскиот оркестар, морска музика, која, заедно со двете кино-претстави неделно, беше единствената забава за мештаните. Гледам уште многу нешта. И тие слики се умножуваат, како што се умножуваа пред мене додека, во тоа време, лежев болен и обессилен од висока температура. А врз сето тоа сега, како памучно снегулестите мачиња од тополите тогаш, снежат разнобојни конфети.

Првиот лик кој секогаш ми се појавува од таа сликовница е татиниот пријател, мајсторот чичко Лојзе, кој важеше за голем стручњак, конструктор, изумител и иноватор, но и за уште поголем пијаница. За тој добитник на бројни меѓународни признанија за разновидни патенти, од кои повеќето, поради немаштијата, никогаш не беа применети во завидовичката фабрика, едни зборуваа дека е многу умен, образован и начитан, а други, не порекнувајќи го тоа, дека, и кога е трезен, а камо ли кога е пијан, не само на своја рака, туку и чукнат, шашав, чакнат, удрен со мокар чорап… од оние на кои не им се сите на број.

И додека мојот татко, роден во Босна, колку што се сеќавам, никогаш не изговори ни еден единствен словенечки збор, на чичко Лојзе секој втор му беше словенечки или негов не секогаш точен превод, така што само него, покрај не малиот број Словенци вработени во „Криваја“, многумина го викаа не по име туку, едноставно, Словенец. При тоа му се смешкаа, но не и потсмеваа. А во смеа ќе прснеа кога, покажувајќи на пијалакот, наместо: „Ајде да испиеме по една од нога“, велеше: „Ајде да испиеме една во нозе“, или, кога и да сакаше да каже: „Кој последен се смее најслатко се смее“, велеше: „Кој одзади се смее најслатко се смее“. Иако имаше сериозно, па и тажно лице, околу себе ширеше заразна смеа. Смеата ја предизвикуваа не само неговите зборови, туку и неговиот изглед, и неговата облека, и неговото однесување, како и многуте негови вештини, изуми и измислици. Особено кога беше добро цврцнат. Или, како што велеа, во свој елемент.

АвторЈосип Ости
ПреводИгор Исаковски
2021-08-17T20:58:28+00:00 август 15th, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 138 - 139|