Читање на тишината

/, Блесок бр. 71-73/Читање на тишината

Читање на тишината

Изградба на писмото
Симулација на соучесникот
Хорови на обичната смрт
Космичка верзија
Привиди на Медитеранот
Можен распоред на стиховите
Имиња на копнежот, женско име
Доживување на собата

I

Го закопав секој свој збор,
секое размислување што се однесува
на ликот на човечкиот страв. Денес,
мојот свет е сопственост на празнината –

отсутна е надежта која му припаѓа
на утринскиот привид на вистината.
Мислам дека разбрав:
величав баналности

– иако тоа му е својствено на
меланхоличниот миг кој ме
обзема во оваа исповед на нередот.
Од оваа страна на Јадранот речиси е разденето:

ниту небото го покри полето зад морето,
ниту ќе ги видам обрисите на минатото лето.

II

Пребирав по патиштата,
со чекори ја оставав тишината,
овој пат неподнослива.
Столчен од избеганите денови

речиси слушнав крици –
како средоземниот миленик
на ноќта станал посветен на чувствата.
Ништо не можеше да го смени

создадениот ред меѓу пределите.
Одеднаш, се сетив на времето
во кое рамнодушноста ги победува
обичните стравови. Потоа,

загледан во далечните брегови,
ја отворив својата студена мисла.

2018-08-21T17:21:02+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Поезија, Блесок бр. 71-73|