Премногу и премалку

/, Блесок бр. 85/Премногу и премалку

Премногу и премалку

Премногу и премалку
Отклучувања и заклучувања
Турција и Европа
На гробот на Кант
Повторно за Кант
Критика на чистиот (д-р) ум
Завист
Unheimlich

Им завидувам на колегите
универзитетски професори
кои читаат на предавањата
од пожолтените листови
испишани пред многу години
кога тие биле млади.

Им завидувам на поповите
кои добро си ја познаваат
и наизуст си ја владеат
својата единствена книга,
без оглед што таа е
долговечна и света.

Им завидувам на политичарите
што единствено знаат
да ги повторуваат зборовите
од своите програми
со постојано навраќање
кон економијата, Европа и НАТО.

Им завидувам на македонските
прочуени писатели кои освен
сопственото генијално дело,
и делата на истомислениците,
не прочитале ништо друго
а мислат дека сè си знаат.

Им завидувам на бизнисмените
што ги читаат Куељо и Ден Браун
како врв на книжевноста во светот
и со таквата лектира се фалат
низ седмичните семејни магазини
исполнети со возбудливи содржини.

Им завидувам на оние што возат
прескапи автомобили и џипови
а пепелниците ги испразнуваат
на улици пред семафори,
додека пластичните шишиња
ги фрлаат возејќи низ природа.

Им завидувам на сите оние
што купуваат (или добиваат)
најскапи билети за концерти
на музичари со светска слава,
а потем ракоплескаат меѓу ставовите
фаќајќи со нозете ритам.

Им завидувам на сите нив,
а се радувам и се чудам
како воопшто сум опстојал
и не сум станал досега еден од нив!

АвторИван Џепароски
2018-08-21T17:20:53+00:00 септември 2nd, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 85|