гледај, си велам, како
раката ти отежнува додека
ја креваш чашата. гледај,
колку е светот бавен,
тром како летна омарнина.
гледај, мрморам, колку полека
капките ти се слеваат во грлото –
како бисерни зрна врз песок.
гледај си ги градите, гледај
колку мирно ти почиваат
под брадата, гледај, речиси
и не се движат – ти молчат
градите како да се полни
бистра планинска вода
во која се прелеваат боите
на изгрејсонцето. гледај,
полека нешто светнува.
гледај, си велам, чашата пак
ти е празна како збунет молк,
гледај, широко отвори ги очите
и гледај – како е да живееш сам.
11.07.2008 18:34