Ноќта е најтемна пред разденување

/, Блесок бр. 69/Ноќта е најтемна пред разденување

Ноќта е најтемна пред разденување

Букурешт 5 ½
Мило сонце
Залегнат врз стихови
Омарнина над планинска вода
Смислата на една ноќ
Добро
TV Screen & Jim Beam на г-дин Коала, по приказната на Снежана Букал
Како да напишеш песна
Нежна песна

добро, ајде да си признаам:
јас сум сам. точка. одиме
понатаму: не ми е лошо?

добро, ајде да помислам:
љубовта е мисла, скриена
во мракот на светот.

добро.

ајде сега, да молчам. малку.
твоите насмевки, сонце.
твоите гради.
остави ме да ги одмолчам.

добро, ајде да помислам:
сонувам ретко но добро.
исто како во рекламата за пијачката
која го уби татко ми – пиј малку,
пиј добро. вињак. Цезар. или Рубин.

точка. добро.

ајде сега да се вратам таму:
во станот на последниот кат.
осите градеа гнезда во празните
пивски шишиња на тесната тераса.
на внатрешниот ѕид од терасата
моите редеа шишиња, ко за отстрел.
загина, прво, оној што ги пиеше по ред:
откако почна да ги пие скришно, тивко.
после, почнавме ние да гинеме, во неговите
болки да гниеме, како безвредни црви на патот
кон бога. ајде сега, биди умен и објасни си:
како може, толку едноставно и лесно,
љубовта да те убива. во дози, ко на лажичка.

добро. тури точка. плукни. исплачи се.
нема да биде подобро: само те лажат.

добро.

ајде сега да се прашам: имам ли храброст,
имам ли мадиња, да се вратам. таму.
само точки пишувам. и потврдувам:
добро. не ми се плаче. не ми се…
што и да треба да правам. мртов. тој.

јас: жив. ко оган жив. ко вода надојдена.
жив, јас. неверојатно. башка што сум луд.
тоа ми е ебаниот бонус во мракот на светот:
ја гледам скриената светлина. љубовта. боли.

добро. што и да направам, ништо не менувам.
не воопшто, не на долги патеки. и онака сум
спринтер. брзи здивови, жесток оган. ако се
пеплосам, значи ми паднала пепелта в скут.

од цигарата. добро.

баш ме заболе…

добро. што и да е.
ајде да молчиме.

не сакам да сум тука. добро. не сакам
да сум каде и да е. а сакам да сум жив.

сум. каков и да сум. оган бездомен.
питом. луд и необјаснив.

сум. точка.
толку е лесно
што е тажно.

07.03.2009 02:11

2018-08-21T17:21:03+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Поезија, Блесок бр. 69|