Ноќта е најтемна пред разденување

/, Блесок бр. 69/Ноќта е најтемна пред разденување

Ноќта е најтемна пред разденување

Букурешт 5 ½
Мило сонце
Залегнат врз стихови
Омарнина над планинска вода
Смислата на една ноќ
Добро
TV Screen & Jim Beam на г-дин Коала, по приказната на Снежана Букал
Како да напишеш песна
Нежна песна

ти треба белина
застрашувачка белина
проголтувачка празнина
и цврста одлука
мирна рака
како на хирург (или месар)
опуштена мисла со допуштени врутоци
влезови во сликите
без размислување за излезите
шепотот и викотот на минатото никако не пеат заедно
освен во некоја процедена песна

во песната кажи нешто тажно
сите сакаат тажни слики случки луѓе
без оглед колку ужас да има во оваа вистина
сите се тешат со туѓи срања
и сакаат да видат како некој победува
секако мораш да имаш победник во песната
инаку ќе помислат дека поезијата е попустлива
дека поетот се предал, иако не знаат секогаш
што сакал поетот да каже

како ни многу од поетите
ако веќе се расфрламе со вистини

сите сме создадени од минато
па затоа вади слики од себе
веројатноста некој друг да се пронајде во нив
е прилично голема
твоите неприлики стануваат туѓи
а патот низ градбите на минатото
станува пригодна прошетка низ урнатини

како воен туризам

што е уште една неодминлива
вистина
сакале ние да признаеме или не
загледани во туѓите страдања
исполнети со слатки трнки
во ’рбетот грбот градите рацете
екстатично возбудени што сме живи
што не сме биле другите настраданите
што не нè проголтала празнината
26 јули 2005

2018-08-21T17:21:03+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Поезија, Блесок бр. 69|