Надживување

/, Блесок бр. 82/Надживување

Надживување

To Be or Not To Be
Волкот на врата
Сказна за Змејот и Ќелешот
Второ пришествие?
Ѓаволот ни ора ни копа
Човек во себе згрчен Homo in se curvatus
Утија
Зимска сказна
Петлите што рано пеат – ги колат

Доцнајануарскиот ден се буди бавно
како од стајките на тежок мамурлак
но од завесите тргнати тој сепак
светна бабуњосан со заруменети образи:

макар и под пластови магла сиот беше закитен
со тантели скреж по гранките од дрвјата.
Штом раката ми се одлепи од надворешната квака
видов – надвор уште врнеше првут од слана.

„Последна парада од терористичката ЗИМА!“
рече соседот и отиде на пазар да си ја продаде изреката.
Се мушнав меѓу младоженците и невестите накитени
од светецот-сињак сред делников престорен во празник

и во процесијата пензионери од тронтави борови
што си ги оставиле кожувите и бундите
на клупите заковани со шајки мраз
па џогираат во пиџами како лудаците од Бардовци.1F

Стапалата го крцкаат и дробат зрнестиот снег
крај црниот Вардар, побелен само од ѓубрето што го носи,
или како прематар што го трампи од еден ракав до друг
(не само што парите вртат пари туку и стоката – стока)

од еден депозит на брегов до друга депонија на другион,
што се зголемува со огромни камати и профити низводно
– така на Грците им се враќа вложениот капитал во плодна кал,
со баражот од повратна и пловна флота амбалажа.

Бездомниците што го преживеале теророт од ноќта
под мостовите палат огнови и печат мрши,
си ја пијат мочката-чај и си ја сркаат чкембе-чорбата.
Бароне! Бароне!
вика еден господин со шубара,

не се знае дали по своето куче или по рибарот-питач.
Како само му текнало да излезе со нешто на глава,
си велам, дур мене студот ме скалпира гологлав,
оти сметав – денот сепак ќе се круниса со жолчката-сонце.

Ене го, конечно низ облаци и магла ѕирна и тоа топче-копче,
па можев да се вратам како изѕемнат крстоносец од ходочастие,
во кое се покрстија и венчаа толку пагански бракови:
од крвнички тек душмани во светечки правоверни парови.

Не само свадби, туку сите почнаа и да се лигават
во кармакараш пијанки, накитот од сињак
здивот див им го истопи во локви тиња,
па не знаеш сред вревата дал викаат: аман! или амин!

#b
1. Ментална болница крај истоименото село. на сливот на Лепенец во Вардар, близу мојата населба Влае и Скопје. (Белешка на авторот)

2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 82|