Надживување

/, Блесок бр. 82/Надживување

Надживување

To Be or Not To Be
Волкот на врата
Сказна за Змејот и Ќелешот
Второ пришествие?
Ѓаволот ни ора ни копа
Човек во себе згрчен Homo in se curvatus
Утија
Зимска сказна
Петлите што рано пеат – ги колат

Цел живот згрчен
во кујнското ќоше крај огништето
(па дури и кога имаш цела куќа
се пикаш сам како дух во шише)
како во тесна надрасната облека
со секое движење под строга контрола
нешто да не удриш или скршиш
па да се повредиш себеси или блиските.
Дури и малку подгрбавен, сабјата ако замавне
да ти ја отсече само замислената грба,
или ако случајно ти се поткрши ноктот
да се преживее како црна подноктица,
бескрајно да се криеш во стапици
од сопствените остатоци…
Но затоа, пак, на сон
да шеташ со денови крај пловни реки по широки булевари,
да јаваш – со секое влакно настрхнато – по степи и прерии,
да се возиш бескрајно без скоро да стигнеш на целта
– особено без кошмарот на предвремено враќање
во домот претрупан со предмети, во сокакот од маалото
од малата татковина, без ничија освен татковата вина
и мајчината што таму те родила…
Затоа и приучениот кенгурски скок
(со бовчата во стомакот) дур до Австралија,
и не во када со згрчени раце и краци како во утроба
туку во Океан за да се размавташ како Октопод
и со пипалата да ѝ продреш во секоја пора на Земјата
па и да бидеш загушен од нејзините цврсти прстени

како црв од илјадници членови
и секој од нив – дур и згазнат
да може да почне нов живот.

2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 82|