Надживување

/, Блесок бр. 82/Надживување

Надживување

To Be or Not To Be
Волкот на врата
Сказна за Змејот и Ќелешот
Второ пришествие?
Ѓаволот ни ора ни копа
Човек во себе згрчен Homo in se curvatus
Утија
Зимска сказна
Петлите што рано пеат – ги колат

Во дворот пак ни се разиграл некој змеј
блеска со панцирот вештачки пулејки

и нè обневидува со тие безброј огледалца
кога ќе ни светнат право в очи

бесовите му се вошките невидливи што скокаат
и нè боцкаат под најосетливите мишки и влакна

никако да се испошти тој чесниот од нечестивиот
ниту да си ги оструга струпките со керамитче

иако од окото му блеска леќата снајпер
иако од устата му ждрига оган од граната

си ја влечка така оклопената опашка низ сета земја
ни копа друмови и си копачи нови патишта

кај ќе си свие брлог остава по едно јајце
ако е сматок само ќе пукне и ќе засмрди

ако не – ќе испили нови змејчиња и змијчиња
да ни се џарат киклопски со локвите разлеана нафта

дење си ги мачкаат и митарат крилцата
за ноќе да си побараат нови невести-жртви…

А нашиот ќелеш дење си се брчка во калта а ноќе сонува
како да си разигра коња ко царски син младоженец

си го трие патем најденото пердувче надеж
за да му долета ангелот спасител дома

низ ширум отворени порти, среде запретано огниште
па гледа зазјапано низ прозорец во дворот

за да не го пропушти мигот кога златните крилја
ќе слетаат и ќе се сронат сами во безброј аспри

само да не станат пак лесни конфети толку проѕирни
што ќе се стопат на првите утрински зраци

и пред да кацнат на дланките од сиромасите
тој да им ги собере со еден замав сите.

2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 82|