Надживување

/, Блесок бр. 82/Надживување

Надживување

To Be or Not To Be
Волкот на врата
Сказна за Змејот и Ќелешот
Второ пришествие?
Ѓаволот ни ора ни копа
Човек во себе згрчен Homo in se curvatus
Утија
Зимска сказна
Петлите што рано пеат – ги колат

На Шејмас Хини

И самото ѝ име беше опомена (при допир со неа
плунката од прстот да не ти се одлепи сосе кожата)
и закана со тежина (тргај се да-н’ те удрам!)
дур стамената домаќинка ја мафта разгорувајќи
ѝ ги низ штрбавите заби залчињата-жарчиња
(што претходно ѝ ги беа ставале в устата
со маша – како да колкаат живина за гоење –
директно од утробата на усвитената печка)
како што попот ја ниша кадилницата со закана
на клетва пострашна ако не се прекрстиш…

Но друга реа испушташе стијава-утија
дур едната рака ги гланцаше алиштата
а другата ги прскаше со света водица:
чад пецкав на тлејните јагленчиња и пареа
од водата запенето искашлана од пумпата,
или од иструганиот сапун заостанат во вешот
издуван наврапито на јажето за сушење,
иако претходно го биеле самовили со пиралка
на камен, или го плакнеле и плавеле во корита
(за да го диплат акробатките на трапез?)

Небаре галија со глава од чудовиште на клунот
се пробива низ здрачна измаглина над мртвица
а од веслата, што не се гледаат од брзи замави
и разлетана пења, на чекреците избиваат искри
(тешко им на дланките корави од галиотите!)
и веднаш ги палат вршките од сувиот шамак
што паѓаат и цврчорат во водата – грчки оган
или литија од примрачни факели што чадат катран?

Ќе пропарадираше така пампурот од синиот воз
пеглајќи братство-единство (за да не стане брато-убиство)
низ потемкинови огради од пароли, знамиња и униформи,
па ќе ѝ го отвореа остинатото ждрело
да ждригне истлеана згура и пепел –
развиличена страшната уста ѝ е сега
музејски фосил од препотопска ламја
– ене ја изгланцана со гар на полица! –
а беше еднаш весталка на вечен оган.

2018-08-21T17:20:56+00:00 март 5th, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 82|