Предавање (избор песни)

/, Литература, Блесок бр. 149/Предавање (избор песни)

Предавање (избор песни)

Мистерија на срцето
Смрт на дланка
Вовед во форма на останки
Друг вид
Таен акорд (Гитара)
Бебоп хипнози
Рака преку уста


Вовед во форма на останки

Облечени сме во црно

но црнината не нè одредува.

Во маглата е нашиот

непредвидлив крај

и мртви се дефинициите.

Слободен како

малите стапала

во океанот

првпат оставам

прсти во туѓа коса.

Неподвижноста е решение.

Сакам пулсирачки простор

помеѓу нас

и раширените нозе

додека од усните

ги читам најновите вести

            извештајот од  болница

            причините

            зошто е запалена

седмата полициска станица.

Облечени сме во црно

па сепак никој не ја поседува

нашата осаменост.




Форми на останките

Пијани девојки цела ноќ оркестрираа под нашиот балкон. Најпосле го издишуваш Буда од себе и почнуваш да се нишаш во ритамот на оковите. Ги повикувам за сведоци невозможниот песок и огледалото на морето. Се ебевме на Карибите, го правевме тоа карипски сино, наспроти расизмот кој себеси се рекламира на секој чекор. Ние сме протест во движење, занишани се спојуваме во победи. Црни ангели нè чуваат, рече ти. Не сум сигурен во врска со ангелите, но црната е моја боја и ова беа феноменални седум минути. Дури ни шапката на закачалката не се чувствува веќе осамено. На излегување немој да заборавиш да го поздравиш рептилот кој веќе со денови спие под нашиот кревет. Донеси ми цвеќе, ако е можно маргарити. Нека те избезумат формите на љубезноста. Пронајди ја вистинската за мене.

АвторМехмед Бегиќ
2023-03-17T05:08:40+00:00 март 12th, 2023|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 149|