За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

/, Литература, Блесок бр. 26/За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

Балканска алтруистичка некохерентност

Проблемот на меѓучовечките односи, на поделеноста на светот која ја имплицира отуѓеноста и осаменоста се обработени во поетиките на двајцата автори. Кај Андриќ ова е поексплицитно нагласено преку размислите на неговите јунаци кои ја чувствуваат тежината на поделеноста меѓу луѓето. Стариот христијанин Левентанец му се жали на францускиот конзул Дефосе: „ Никој не знае што значи да се родиш и да живееш на работ меѓу два света, да ги познаваш и разбираш и едниот и другиот, а да не можеш да сториш ништо тие да се разберат и зближат меѓу себе, да ги сакаш и мразиш и едниот и другиот, да се чувствуваш во двата родни краја како без ниеден, да бидеш секаде како дома, а да останеш засекогаш како странец, накратко да живееш распнат, но како жртва и мачител во исто време.“14F Таквото чувство на осаменост и изгубеност го носат длабоко во себе и другите странци од Андриќевата проза. Тоа се ликовите на Давна, Никола Рота, Давил, Ибрахим – Паша, или Макс Леванфелд. Тешко е да се биде странец во Босна. Тоа добро го знае и фра Никола од расказот „Чаша“ кој е ужаснат од сознанието дека живее во светот кој го мрази сето она што не е негово. Конески му се обраќа на духовниот и мисловен човек да не презира и марзи, да не осудува, туку со помош на алтруизмот да го сфати и разоткрие тоа што му е туѓо и далечно, зошто само така може да преживее како човек и да се разбере и самиот себе си. Кај него овој однос се разоткрива на индивидуален план. На пример во песната „Гулаби“ прави споредба меѓу гулабите кои „подеднакво си ја делат љубовта“ со гестовите на луѓето кои или не ги разбираат алтруистичките гестови или не се осмелуваат да ги изречат гласно. Можноста љубовта да се пројави и во најнеповолни услови е асоцирана преку расцветувањето на ружата во длабоката зима во песната „Ружа“.
Комуникациски процес игра битна улога во воспоставување на доверба и љубов меѓу луѓето. Но таквиот процес во Балканот е сведен на минимално ниво или воопшто го нема. Кај Андриќевите јунаци од разни вери и цивилизации доведени на исто рамниште не започнува процесот на енкултуризација.15F Усвојувањето на основните вредности, содржини и принципи на културната средина во која што тие живеат им е туѓо и неважно. „Како може – се прашува Дефосе – оваа земја да се смири и среди и да прими цивилизација барем колку што нејзините најблиски соседи имаат, кога народот во неа е разделен како никаде во Европа? Четири вери живеат на овој тесен планински и скуден простор. Секоја од нив е исклучително и стого одделена од другите. Сите живеат под исто небо и од иста земја, но секоја од нив го има седиштето на својот духовен живот далеку во туѓиот свет, во Рим, Москва, Цариград или во Ерусалим.“16F Дали воопшто може „Балканската ледина да се престори во англиски травник“, дали воопшто може народите на Балканот да го достигнат потребниот стапен на цивилизација за да можат заедно да живеат, се прашува Конески. Во записот „Бавча“ ќе се констатира раснењето на магарешкиот трн, и другите неканети гости. Со оваа поетска персонификација се открива трагизмот на Балканот во кој неконтролирано се шират разни вери и цивилизации дрчни да завземат што поголем простор. Но при тоа не се свесни дека со своите плитки корени осудени се на кратковечност. Тоа некогаш го прават едни националности (пирејот), друг пат други (детелината) но никако да надвладее разумот и толерантноста на која толку инсистира култивирачкиот процес (засадената англиска трева).
Во Андриќевата проза јунаците чувствуваат страв и одбивност кога ќе сфатат дека нивниот идентитет не е единствен и дека светот кој до сега за нив бил целосен се состои од низа различни дури и спротиставени подсветови. Ова сознание доведува до конфликтни ситуации во кои тие се чувствувааат несигурно, незадоволно и резигнирано. Од тука се раѓа и омразата и верскиот фатализам, толку присутен меѓу ликовите со различни вероисповеди. За жал точни се констатациите на Дефосе дека секоја од верските заедници во Босна верува дека нејзиното добро и корист се условени од штетата и назадувањето на останатите вери и дека нивниот напредок може само да им штети. Проблемот е во тоа што процесот означен како хабитуализација,17F кој се состои во сведување на необичното, непознатото и туѓото на обично, познато и домашно не функционира кај босанскиот човек. Токму тој механизам на хабитуализација, кој е вообичаен кај другите културни средини доведува до измирување на страстите и до воспоставување складна атмосфера за живеење. Отсуството на овој процес во Босна, најверојатно, се должи на карактерните особини на босанскиот народ, кои Андриќ децидно ги формулира во романот „Травничка хроника“: „Турското вледеење остави кај своите христијански поданици извесни карактерни особини, како лицемерноста, упорноста, недовербата, мрзеливоста на мислата и стравот од секоја новина и секоја работа и движење. Тие особини преминаа во природата на босанскиот човек и станаа трајни црти на неговиот карактер“.18F Тој е премногу недоверлив кон се што е непознато и ново, но и своеглав и упорен во зачувување на сопствената состојбата.
Со овие свои согледби Андриќ како да ја антиципирал денешната состојба во Босна. Додека во европскиот контекст се помалку се зборува за граници и за меѓунационални поделби, во Босна се случува обратен процес. Создавањето на мултикултурни општества во кои припадниците на различни култури живеат едни покрај други но и едни со други, за Босна претставува голема утопија.

#b
14. Андриќ, Иво, Травничка хроника, Светлост, Сарајево,1989, стр. 328.
15. Melville W. Herskovits, Man and his Works: The sience of cultural antrophology, New York, Knopf, 1948.
16. Андриќ, Иво, Травничка хроника, Светлост, Сарајево,1989, стр. 296.
17. Tерминот е земен од книгата на Peter L. Berger, Brigitte Berger и Hanssfried Kellner, Hoeless Mind, Penguin Books, London, 1974, str. 165.
18. Андриќ, Иво, Травничка хроника, Светлост, Сарајево,1989, стр. 296.

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 26|