За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

/, Литература, Блесок бр. 26/За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

Односот на Андриќ и Конески кон традицијата

Она што ги изделува од другите автори е длабоката свест за вредноста на книжевното наследство и длабокиот творечки нагон да и се спротистават на хаотичноста на модерниот свет со хармоничната стварност на уметноста. Додека модернистите во својот револт против утврдените закони и норми ја раскинувале драстично својата врска со минатото, тие ја гаснеле својата жед на богатото извориште на традицијата. Познавањето на „националниот фон“ на поезијата на некој автор, според Конески, е основниот предуслов за правилно толкување на поетските идеи на тој автор. Ова повторно не води до портите на колективното искуство, а не оддалечува од актуелните авангардни тежненија. И повторно ќе ја нагласиме констатацијата за важноста на традицијата во легитимирањето на алтруизмот. Откривањето на универзалните човечки вистини, смислата за вонвременското ги внесува во редот на големите творци низ чие дело говори сета балканска традиција. Ним им е јасно дека духот на Балканот или духот на нивната сопствена земја е многу поважен од нивниот личен дух. Нивниот интелект ги цени вредностите на колективното искуство, а тој факт имплицитно води кон алтруистичките тежненија. Народот е силата што го вдахнува поетот да создава стихови кои со својата сила и убавина продираат до длабоките корени на исконските сознанија на човештвото. Изнесувајќи ги на виделина древните мудрости на сопствениот народ и обогатувајќи ги со своите творечки визии тие создаваат трајни вредности. Во тој контекст можеме да ги спомнеме песните „Везилка“, „Тешкото“, „Болен Дојчин“, циклусот за „Марко Крале“ и многу други кои ја откриваат врската на поетот со народната почва од која тој изникнал.5F Тој чудесен спој на традицијата и визионерството резултирал со плодотворност во развивањето на многу оригинални идеи.6F Односот на традицијата и иновациите (термин употребуван од Блаже Конески) тој пошироко ќе го образложи во интервјуто за списанието Израз: „Никогаш не сум верувал, во некој целосен раскин со традицијата како залог за обновување на поетскиот израз. Како што се вели тоа обично, на традицијата во сите области, па и во уметноста, треба да и се приоѓа на творечки начин“.7F Традицијата кај нив се јавува како подлога за достигнувањето на нови уметнички вредности и во градењето на сопствениот изразен стил.

#b

5. Улогата на традицијата и традиционалното во поезијата на Конески е евидентна. Најексплицитно по ова прашање во македонската критика се произнесол Атанас Вангелов.
6. Андриќ имал разработен став за његошевата борба против апсурдот и за „побунетиот човек“ десетина години пред Ками.
7. Конески Блаже, Израз, Сарајево, бр. 7, 1977 (Овде сакаме да го нагласиме и фактот дека Конески нема да се вклучи во расправата што се води во педесеттите години во македонската литература меѓу реалистите и модернистите и со тоа тој останува доследен на своите теориски и творечки определувања кои течат по самосвоен пат.)

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 26|