За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

/, Литература, Блесок бр. 26/За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

Стилската изразност на Андриќ и Конески

Дека основниот принцип на двајцата автори е хуманоста, редот и смислата се огледа и во нивната стилска изразност, во речениците кои се смирени и хармонични, јасни и полни со скриена мудрост. Под превезот на наводната едносавност на нивните стилови се крие длабока контемплативност, идејна сложеност и визионерство. Нивните зборови предизвикуваат широк спектар на асоцијации и можеби токму затоа нивните дела остануваат запаметени.
Авторовиот став дека крајната цел на човекот е хуманоста се огледа и во тоа како Андриќ ги опишува ликовите кои зрачат со својот алтруизам. Тој целиот се внесува во текстот зборувајќи секогаш во прво лице и од свое име. Личностите во кои се содржани цртите на нивната најдлабока хумана природа ги слика со љубов и топлина со силата на сета своја раскошна изразност. Со ваквата своја постапка сакал да ги издигне тие мигови на љубов и убавина над сите норми, правила, ладни закони, слепи конвенции и да докаже дека радоста е вечна и неуништлива. Таква е следната сцена од расказот „На државниот имот“: „Тешко беше да се каже кој послатко се смеел, девојчето или Миќан. Тие се судруваа, одбиваа и привлекуваа, занесени и обмајани под радосниот плусок на својата смеа. Од таа игра се околу нив почна да се менува. Голиот и посен предел околу шталата се исполни со жуборкање и шумење од некои чешми и потоци, со зеленило, овошје и богат цвет. Околу нив се ширеше радосната атмосфера што ја создаде играта и која со секоја нова трка, со секој судир и восклик стануваше се побогата и опојна.“8F
Со посебна одбивност и резигнација ги опишувал ликовите кои своето битисување го оствариле преку постапките штетни за човештвото. За крајно егоистичниот лик на госпоѓа Ната од расказот „Семејна фотографија“ го употребува следниот опис: „Фустанот од крем свила по последна мода непогоден е за нејзината кратка дебела фигура… Под силното црвило бледеат нејзините тенки усни кои не ги прикажуваат забите ниту при говорот ниту во смеата. За Каменковичите смеата е златник, а златниците тие не ги расфрлуваат туку ги чуваат за себе. Нешто навредено, луто има во нејзиниот глас, израз и во целото држење. Таа од ништо не се лишува, пред никого не се чувствува нелагодно, никогаш не се воздржува, кажува се што ќе помисли и токму тогаш кога ќе го помисли, не штедејќи никого и неводејќи сметка за ништо. Затоа што тоа што ќе го помисли тоа за неа е вистина, тоа што ќе го каже, тоа за неа е закон, а што ќе направи тоа е она вистинското.“9F
Секое исполување на античовечките сили на распаѓањето, непостоењето и смртта Андриќ го сликал со постапката на краен објективизам и дистанцирање. Тие акти на насилство и деструктивизам ги претставувал како неразумна и неразбирлива манифестација на злото. Такви описи има во „Олујаци“ во „Аника“ во „Приказната за везировиот слон“.
Емотивниот став на Конески е задскриен зад формата на интелектуалноста. Тој умее искрено, едноставно и јасно да го искаже личниот став кон нештата, а потоа преку него да воопшти некои заднички сознанија. Но сепак чести се синтагмите „родот мој“, „веселба јасна“, „бисер јасен“, „спокој мек“, „топол глас“ кога станува забор за нешто со есенцијални димензии и морални вредности и „лоша коба“, „црни водје“ „блесок црн“, „црни гласје“ „жален крик“ кога се опишува универзалното зло, човечката мака, осаменоста, разделбата и тагата.

#b

8. Андриќ, Иво, На државном имању, во Жеѓ, Светлост, Сарајево, књ.6, 1989, стр. 235.
9. Андриќ, Иво, Породична слика, во Знакови, Светлост, Сарајево, књ.8, 1989, стр. 275.

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 26|