За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

/, Литература, Блесок бр. 26/За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

Општочовечката ориентација на Андриќ и Конески

Етиката на двајцата автори кои се предмет на ова истражување поаѓајќи од тесно националните рамки се движи кон светот на хармоничната целина. Со својот ангажман и творештво тие излегуваат од тесните национални рамки свртувајќи се кон пошироките простори на Балканот. Нивниот интелект бара отвореност на просторот, а тој факт ја имплицира алтруистичката насоченост. Тие го врват „тешкиот но, свет пат преку националното кон човештвото“ како што самиот Андриќ се изразува во еден краток есеј објавен во „Книжевен југ“, алудирајќи на подвизите на следбениците на Младобосанското движење. Но оваа констатација слободно може да се употреби и за нивната насоченост. Овде пред се ја истакнуваме ангажираноста на Андриќ во младобосанскотот движење и борбата што ја водел пред 1914 година за опстанокот за чистотата на својот јазик. Во повеќе свои дела, објавени подоцна, тој искажува почит за заложбите кои ги прави Петар Кочиќ12F и младобосанците за зачувувањето на народниот јазик како средство на опстанок на својот народ. Конески е творецот на македонскиот литературен јазик и граматика. Тој ја водел истата оваа битка во годините по ослободувањето. Јазикот е тој што ја покажува генезата на еден народ, што го сочувал битот на културната припадност. Тие сметаат дека јазикот е животната сила со која е поврзана не само културата, туку во крајна линија и опстанокот на еден народ. Затоа за него треба да водат сметка сите субјекти во државата, да бидат чувари и творци на јазикот. Со ваквиот свој однос и ангажман тие ја искажуваат страсната љубов кон својот народ и земја. Иако ги ценеле и им се восхитувале на националните преродбеници, Андриќ бил опиен од идеите на Караџиќ и Његош додека Конески се преокупирал со ликовите на Климент Охридски и Мисирков, тие никогаш не дозволиле националното чувство да ги заслепи, да ги заведе или да биде причина за жртвувањето на општочовечкото добро. Независно од нивната национална припадност идеите изразени во нивното творештво ги определуваат како космополити кои се залагаат за доброто на луѓето независно од националноста или верата. Борејќи се за својот национален идентитет тие не ги занемаруваат правата и вредностите на другите народи бидејќи се свесни за интегритетот на човековата заедница. Борбата на современиот свет за рамноправност на народите, почитувањето на духовниот свет на малите народи придржувањето до хуманистичките принципи се содржани во исказот на една личност од „Травничка хроника“ која со право се прашува: „Зошто мојата праведна и добра мисла да вреди помалку од истата таква мисла која се раѓа во Рим или Париз“? Вредноста на човековиот интелект или човековото битие во целост не треба да биде условена од националната и верска определба или од каква и да е друга конвенција. Во Андриќевата хуманистичка концепција секое човечко битие има еднакви права и чекори по патеки кои водат кон една заедничка цел. Андриќевите романи и раскази покажуваат смисла за енциклопедиска анализа на моралните вреднувања, но таа негова енциклопедичност, како што вели Миодраг Павловиќ13F, „има посебна заслуга затоа што го опфаќа немирниот простор на Балканот и неговите османлиски и словенски координати каде што е многу тешко да се задржат вообичаените мерки и стабилните судови на вредности.“

#b
12. Андриќ, Иво. Нешто о Кочичевој борби за народни језик, Настава језика и књижевности у средној школи, Београд, 1951, 1-2, стр. 4.
13. Миодраг Павловиќ, Један поглед на Андриќево дело, Зборник радова о Иви Андриќу, САНУ, Београд,1977, стр. 204.

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 26|