За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

/, Литература, Блесок бр. 26/За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

Односот на Андиќ и Конески кон насилството

Страдањето ја условува егзистенцијата на алтруизмот. Прозата и романите на Андриќ во одредена смисла можат да се сфатат како резултат на еден таков обид преку опишаните страдања да се изрази алтруистичката филозофија на авторот и неговото сваќање на историјата на човештвото. За формирањето на ваквиот негов поглед на свет евидентно е и влијанието на лирско-есеистичките ставови на Годфрид Бен за убавината и трајноста на уметничката хармонија. Врз Андриќ големо влијание имал и поетот Волт Витмен од кого го примил чуствовто за пантеистичка солидарност, за демократија и убедувањето дека „Иднината на светот е во слободниот промет и солидарноста на сите раси“.10F Истиот елемент го има и во поезијата на Конески. Тој е длабоко свесен за постоењето на злото во светот но сесрдно се залага за негово надминување говорејќи дека борбата и упорноста и издржливоста ја чинат суштината на човечката егзистенција. Само со работа човекот може да и се спротистави на смртта и несреќата, човековата безнадежност ја наоѓа својата утеха во создавањето. Можеби и затоа го поставува прашањето за моралната издржаност на „лирата на поетот во скудните времиња“.11F
Решително застанува во одбрана на Елиот и Есенин кои, впрочем како и самиот тој, во скудните времиња повеќе претпочитале да се занимаваат со пишување отколку со војување. И Андриќ ги пишува своите најголеми дела во окупираниот Белград повлечен и изолиран од бурните настани на Втората светска војна. И двајцата веруваат во моќта на своето перо. Желбите, големината на човекот, и убедувањата, според нив, се доволни за да се премостат бројните препреки и бездни на патот кој води кон хармонијата. Заложбите на творецот иако на многу луѓе им се чинат безумни и суетни во суштина го означуваат рационалниот напор со кој може да се саовлада метафизичкиот очај и да се премости бездната меѓу животот и смртта. Тој напор секогаш му помага на човекот да издржи охрабрен од фактот дека не е сам, напуштен и беспомошен туку дека е дел од големото човечко братство.
Филозофските определби на Адриќ и Конески се блиски до сфаќањето дека односот на севкупното добро и зло на земјата, на алтруизмот и егоизмот кај луѓето, секогаш е ист, дури и понекогаш тој однос е повеќе на страната на злото. Но човекот треба да се залага да го пренасочи тој однос во спротивна насока. Во своите дела од една страна тие предупредуваат за можните злодела, страдања и искушенија, додека од друга страна, свесни за неминовноста од егоизмот пропагираат храброст, достоинство и верба во алтруизмот. Една од главните идеи на песната „Стерна“ е побуната против подземните сили на злото. Во таа борба, за разлика од Андриќ, тој не се заложува за апсолутна победа на доброто над злото. Крајното негово сознание е дека по сите победи и порази доброто и злото остануваат во состојба на релативна рамнотежа и дека човечкиот подвиг се состои во одржувањето на таа рамнотежа. За Андриќ насилството е минливо затоа што е неприродно и сака да ја наруши логиката на редот. Тоа може само моментно да избие на површина, но не може да се задржи подолго и да владее, зошто тогаш светот би се претворил во хаос, а Андриќ верува во законите на хармонијата. Тој создава голема плејада на ликови насилница како што се: Хафиз, Ибрахим-паша, Хуса Кокошкар, газда Јеврем. Кај Андриќ истакнувањето на вредноста на човекољубието е на прво место. Тоа е олицетворено во чинот на создавањето на светот. А тој го љуби светот и поседува способност и во она што е искривиколчено да гледа со благост и надеж за промена, затоа што тој ја гледа севкупноста на сите настани кои го чинат совршенството.

#b

10. Андриќ, Иво, Есеј за Волт Витмен, 1919 .
11. Конески, Блаже, Лирата, Tеми и ликови, Култура, Скопје, 1990, стр. 379.

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 26|