За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

/, Литература, Блесок бр. 26/За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

За некои допирни точки во поетиките на Андриќ и Конески

Односот на Андриќ и Конески кон декадентноста во уметноста

Андриќ и Конески ја започнуваат својата литературна кариера во првите децении од векот токму кога на Балканските простори почнуваат да се апсорбираат декадентните литературни влијанија заедно со нивните морални и психолошки претпоставки. Но тие не ја следат бурната динамика на авангардните текови и струења. Нивната воздржана меланхолична природа се противела на групните акции и гласните декларации. Оние кои ги познаваат Андриќ и Конески ги опишуваат како воздржани, смирени луѓе кои добро го обмислуваат изречениот збор. За разлика од наметливото самољубие на декандентните поети, преокупирани со помодниот нарцизам и со уживањето во самопостоечкиот солипцизам,тие се преокупираат со трагичното чувство за животот. Незадржливиот бран на песимизам присутен во лириката на Конески и Андриќ раѓа меланхолична рефлексивност и спиритуално визионерство. Нивната поезија е автентичен глас на човековата самотија, внатрешен немир, на нивното страдање и очај. Но, треба да се прави разлика помеѓу романтичниот индивидуализам што се базира на психолошки субјективизам и декадентниот морален егоизам во вид на негирање на националното, на традицијата на колективните искуства. Исповедниот тон на лириката на Конески особено изразен во „Лирски записи“ и во „Ex Ponto“, „Немири“ како и во бројните лирски патеписи и есеистички записи на Андриќ, како што нагласува и Предраг Палавестра1F, пред се може да се поврзе со традиционалната струја на мисловната лирика која ги влече своите корени од времето на романтизмот. Тие и двајцата се самотници и сонувачи за подобра иднина, алтруисти загрижени за судбината на светот. Нивниот внатрешен интимен свет се спротиставува на надворешниот и во тој антагонизам тие го наоѓаат поттикот за творечката работа ослободувајќи се на тој начин од своите пречуствителни интровертни личности. Нивната визија на уметноста претставува перманентен и страстен напор за спојувањето на субјективното поетско „јас“ со големото „јас“ на светот. На тој начин се отвараат кон филозофијата на хуманизмот која ги води кон разборитост и ја потенцира свесноста за постоењето на злото. Во многу нивни искажувања се насетува вербата во хармонијата и тагата што до неа во животот тешко се доаѓа. Изразувајќи ги своите ставови за пријателството, љубовта и жената Андриќ внесува надеж и желба за една широкоградост. Неговата порака до луѓето гласи: „Живејте и борете се како што најдобро знаете; молете му се на бога и сакајте ја целата природа; но најмногу љубов, внимателност и сочувство оставете за луѓето.“2F Алтруистичката настроеност се чувствува и во редовите:“Чувствувам голема љубов кон луѓето, кон нивните дела, кон среќата и несреќата, кон гревот и страста и кон сиот јад што излегува од нив, кон борбата и паѓањата, кон заблудите и страдањата и жртвите, кон се што е човеково на оваа планета“.3F Конески пак својот незадржлив порив на човекољубие го искажува преку кратката песна „Гушкање“: „Како ми дојде тој порив / да прегрнам ластар од лоза /… Исто така би можел / да прегрнам дури змија / по таа посока иста, – / ништо не би ме паркало, при такво чувство на љубов, / од тоа гушкање!“4F

#b
1. Предраг Палавестра во својата студија за лириката на Андриќ ја дава истата констатација. Види во Палавестра, Предраг, Књига о Андриќу, Београдски издавачко-графички завод, Српска књижевна задруга, стр. 18-85.
2. Андриќ Иво, Ex Ponto, Мисла, Скопје,1967, стр. 28.
3. Андриќ, Иво, Ex Ponto, Мисла, Скопје,1967, стр. 77.
4. Конески, Блаже, Песни, кн.1, Култура, Скопје, 1990, стр.261.

2018-08-21T17:21:49+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 26|