Словачката поезија по 1945 година

/, Литература, Блесок бр. 74/Словачката поезија по 1945 година

Словачката поезија по 1945 година

Парадоксално, огромната општествено-политичка промена не донесе во подеднаква мера и темелна промена во литературата. Од поранешните поетски текстови им се посветуваше поголемо внимание на делата од Јанко Силан, а подоцна и на делата од останатите поети на католичката модерна, кои емигрираа во втората половина на дваесеттиот век (Р. Дилонг, К. Стрмењ и М. Шпринц). Развојот на духовната поезија ја претставува изгледа најизразената промена во однос на претходниот период. И кај овие поети, сепак, се забележува појавата типична за целата литература по 1989 година – индивидуализацијата. Нејзиниот резултат лежи во тоа што имаме широка палета на спиритуални поети и нивни програми. Бројна група создаваат поетите кои спиритуалноста и религијата ја ставаат на прво место и отворено ги варираат темите според христијанските (најчесто католичките) принципи. Многубројна и уметнички силна е групата поети кои не го тематизираат христијанството како самостоен објект, туку се занимаваат со анализа на човекот и на светот во неговите природни соодноси, при што религиозните принципи се видливи од гледиштата и од вреднувањата на авторите.
#6 Кратката ретроспектива на поезијата по 1989 година покажува дека најголеми вредности донесува творештвото на авторите кои влегуваа во литературните води во шеесеттите години – групата Осамени тркачи, Јан Бузаши и Јан Ондруш, која во 1996 година ја издава една од клучните книги на деценијата – поправеното издание на своите претходни книги под наслов Проголтување на влакното. Позицијата на авторитет не ја изгуби ниту за генерација постариот Милан Руфус (1928-2009), кој во деведесеттите години и во првата деценија од новиот милениум се појави пред читателската публика со повеќе поетски и есеистички книги. Независно од тоа што неговата поезија на неменувачки вредности на човекот во светот и пред Бога се затвораше во тесно ограничен круг кој авторот не го обновуваше неколку децении, тој постојано успеваше со мелодискиот стих да го востоличи чувството на тегобно и искрено преживување. Со истрајувањето врз фонот на традиционалните вредности тој покажуваше дека „верноста“ кон вистинските вредности во времето на нивната релативизација претставува израз на вистинска „машка смелост“ (Д. Подрацка).
Етичката програма на Осамените тркачи – И. Штрпка, И. Лаучик и П. Репка стана повторно актуелна, имено, на почетокот на деведесеттите години, кога словачкото општество и култура бараа правец за излез од новата, сè уште незаштитена ситуација. Сепак, тројцата автори не се затвораа во својата програма од минатото, туку активно бараа нови импулси и позитивно влијаеја и врз други поети од тој период. „Де-хуманизираната поезија“ (Ф. Матејов) на Иван Лаучик која го отсликуваше светот на горите, на пештерите и на негостољубивиот север создаваше терен за разигрување на повеќе настојчиви човечки ситуации – прашањето за моралот пред немиот свет на природата, а последователно и пред човекот, но и проверката на вредностите и на силите на човекот при опстојувањето во кризните ситуации (На прагот од слухот – 1988 и Со воздушна линија – 1991). Во последната збирка Гавранче (1998) се придава кон тоа уште и географската и историската поврзаност во едната и единствена човечка свест. Без разлика на де-хуманизацијата, Лаучик е поет на силната емотивност што предупредува дека човекот е кревко битие, а пред таквата кревкост стои заканата од нашата лична игнорација и кукавичлук. Иван Штрпка се надоврза на некои елементи на „отворената“ поезија, која ја бранеше уште во шеесеттите години и ја разви истата во нова, процесуална поезија. Фрагментарниот карактер поддржуван од богатата лична и културна „меморија“ се прелева, при творечкиот процес, во компактната, но внатрешно раздробена целина. Поетот често ги потенцира состојбите на привремена и на постојана криза на идентитетот и на комуникацијата, кои ги демонстрира со разбивањето на поетскиот јазик. За разлика од И. Штрпка – Петер Репка во деведесеттите години создаде сосема поинаква поетска програма заснована врз конфронтацијата на сегашната ситуација (индивидуална и целоопштествена) со надвременското послание на крстосувачкиот пат што стана композициско јадро за неговите поетски циклуси. Репка, авторот на познатите репортажи од шеесеттите години, на тој начин истрајува во аналитичкото гледање на светот (Же-лез-ни-ци – 1992, Пријателката на пустините – 1996, Карневал во манастирот – 2002 и Реликвии од ангелите, 2006).
Иако повеќемина стожерни поети во деведесеттите години се одлучија да молчат, други си најдоа доволно инспиративност за нова кулминација. Меѓу таквите поети можеме да го сместиме Јан Бузаши, кој продолжува со пишувањето на својата гномска поезија, обележана со внатрешниот спор на класицистичката јасност и романтичарската предодреденост што авторот не успева дефинитивно и хармонично да го затвори. По книгата Отстранување со вино (1993) поделена на рефлексивни циклуси и книгата со лакрдиско-комични песни Госпоѓата Фауст и други песни (2001), Бузаши почнува да пишува прецизен поетски дневник во форма на врзани четиристишија (на пример Денови – 1995, Затишје – краток пост – 2004, Двокрилна врата – 2006 и Бистроока – 2008).
#7 Своите најдобри книги ги пишуваат и поетесите Дана Подрацка и Мила Хаугова. Во поезијата на Подрацка, интимниот човечки живот се конфронтира со архетипската определеност на мажот и жената (ама и на човекот универзално). Поетесата ја користи богатата симболика на митовите и на литературата и со интензивно нуркање (емотивно или аналитичко) се стреми да ја дефинира суштината на поединецот што ја смета за најважна улога на човекот (на пример збирките Име – 1999, Зандани – 2004 и Персона – 2007). Голем интерес во деведесеттите години предизвика поезијата на Мила Хаугова, која во збирките Праљубов (1991), Носталгија (1993), Дамата со еднорогот (1995) и т.н. го пишува својот „документарно и постепено граден – длабок и монолитен извештај“ (Е. Јенчикова). Во книгите на Хаугова, конкретните животни искуства се поврзуваат во една целина со архетипот на „пра-жената“ што говори за суровоста и за силата на животните ситуации низ кои минува жената.
Во редот на често дискутираните поети спаѓаат исто така и Ерик Јакуб Грох и Петер Мачовски. Ерик Грох е автор на разновидни збирки што ги сврзува вредносниот акцент и довербата во едноставноста и дури и во наивноста, која е важна не само при спознавањето на светот, туку и при заштитата на човекот. Во првите збирки, поетот ѝ се препушта на инспирацијата од поезијата, филозофијата и теологијата, но сепак си создава и сопствен имагинативен јазик заснован врз повторувањето, модификацијата и умерената хиперболизација. Во својата клучна книга Втората наивност (2005) – избор од постари песни и неколку циклуси на нови текстови, веќе станува очигледна христијанската ориентација на авторот. Едноставноста од франтишканскиот црковен ред при отсликувањето на природните појави и човечки ситуации се урамнотежува во свесната конфронтација со пост-структуралистичката филозофија и метафизичката елементарност. Покрај Грох, книжевната критика често зборува за поврзаност на таквата христијанска ориентација со модерниот интелектуален израз во поголемиот дел од творештвото и на други поети (Рудолф Јуролек, Игор Хохел, Д. Пастирчак, Маријан Милчак, Петер Милчак, Јан Гавура, Ј. Палашчак). Стиховите на Р. Јуролек го преместуваат акцентот исклучиво врз содржинското рамниште кое на извесен начин ја обележува насоката кон едноставноста и кон поедноставувачкото видување, слично како кај Е. Ј. Грох. Двајцата автори ги поврзува блискоста кон природата во која го наоѓаат совршениот поредок, организираниот систем од Бога, кого човекот што е роден без инстинкт за управување мора да вложи големи напори за да го достигне. Слична духовна база содржи и творештвото на братската двојка Маријан и Петер Милчак. Додека постариот од браќата – Маријан, од херметичките и концизните извештаи преминува во поновите творби – кон полемичка драматизација, во прв ред, со Хербертовата претстава на Господинот Когито и со Милошовската скептична вера, Петер Милчак се сосредоточува врз семејството, природата и принципите на животните појави во кои има потреба да го оддели вредното од испарувачкото, спознавачкото од закриеното и смисловното од тенденциозното. Песните на П. Милчак прозвучуваат како белешки од истражувањето на човекот (со автобиографска основа и со универзална надминливост), а нивен заклучок претставуваат гномските именувања со силна емотивна обоеност.

АвторЈан Гавура
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|