Словачката поезија по 1945 година

/, Литература, Блесок бр. 74/Словачката поезија по 1945 година

Словачката поезија по 1945 година

Само со неколкугодишна разлика влегува во литературата и еден друг, млад и талентиран поет – Даниел Хевиер, кој по виртуозните први книги каде што проникна неговото исклучително чувство за јазик, ги објави збирките Нонстоп (1981) и Електронски кловн (1983). Во нив успеа да создаде алтернатива на цивилизмот, кој во неговиот случај произлегуваше од обичните ситуации на човекот кој ги живееше „сивите“ години на комунизмот. Хевиер ѝ поставува исмејувачко огледало на политичката нарачка, а својот отпор го завршува во кловновско-декадентски манир. Од половината на седумдесеттите години во словачката поезија е подеднакво присутна и Ана Ондрејкова, која се обидуваше да најде заеднички црти на фолклорот, социјалниот сентимент (Додека трае песната, 1975) и личната длабока исповед (Снежна невеста – 1978, Дивјачка – 1984). Во споредба со Хевиер, нејзината поезија делува поумерено и потрадиционално, но во последните две споменати книги и значително посмело (благодарение на чувството на откорнатост, расеаност и незрелост). Со конзервативната атмосфера на Ондрејкова повеќе се совпаѓаше поетското творештво на Јан Замбор – авторот кој најизразито ги оживува основните модернистички гестови на симболизмот (збирките Зелена вечер – 1977 и Неодложно – 1980), но исто така користи и минималистички форми (сиџа и танки) со чија помош ги збогатува таквите гестови со функционални и аналитички фрагменти.
Квалитативен пораст во поезијата настанува во втората половина на седумдесеттите години и на почетокот од осумдесеттите години, кога постепено можеа да се вратат на сцена талентираните поети од претходните децении. Освен постарите автори (В. Турчани), тоа беше силната генерација поети од шеесеттите години. Поетски книги издадоа конкретистите Ј. Стахо и Ј. Михалкович; сепак новите тенденции успеа подобро да ги долови Љ. Фелдек во збирката Белешки за еп (1980) која претставува збир од (тематски и формален аспект) разновидни песни што реагираат на импулсите на времето, но и ја продлабочуваат врската индивидуално – историско и интимно – јавно.
По одмолчувањето, во краток временски распон, се претставија со нови книги Микулаш Ковач, Иван Штрпка, Штефан Моравчик и Јан Штрасер. Микулаш Ковач ги објави книгите: Зимница, Пишување во снегот (двете во 1978 година) и Семејна пошта (1980), каде што го гледаме поетот во подеднакво растревожено расположение поради трагичната ситуација на обичниот човек проголтан од слепиот механизам на историјата. Со нови импулси ги исполни своите збирки Сега и други острови (1981), Пред промената (1982) и Вести од јаболката (1985) – Иван Штрпка. Скратеноста и паралелноста на световите се прелева во комплексната свест на лирскиот субјект олицетворена на повеќе нивоа, која е пак конфронтирана со обичните и со заострените моменти на поединецот. Исходиште на поезијата на Моравчик, пак, е избрусеноста на зборот и екстатичната опиеност од еротиката, од животот, но и од смртта, кои задолжително се поврзуваат во природниот круг на самата природа (Глад за црешни, 1979). Во следните збирки што содржат и некои текстови од првата авторска етапа, поетот ја испробува моќта на зборовните игри, како и безграничната слобода на поетското пишување и на животот. Во песните, сепак, се јавува и постојаната свест за присуството на превртената страна што ја создаваат границите на човечките можности, но и политичката реалност (Еросничарка, Тивко домаќинство – двете во 1981 година, Насликани јареми – 1984). Јан Штрасер по дебитантската книга Одрекување (1968) се претстави со збирките Подмет (1980) и Дневно (1981) во кои аналитички ги вреднуваше можностите за егзистенција на човекот во типичните услови на секојдневниот живот. Штрасер го поврзува со Моравчик смислата за сатира, која двајцата богато ја користеа во збирките од втората половина на осумдесеттите години. Во редот на искусните поети кои продолжија да објавуваат во осумдесеттите години спаѓа и Камил Петерај. Наспроти дотогашното творештво, Петерај ја закотвува својата поезија во поконкретните ситуации и реалии. Творештвото на Петерај, независно од тоа што често произлегува од личното искуство, умее да создаде драгоцена претстава за заедничкото преживување на еднаквите состојби, напати силно дијалектички или парадоксални (во прв ред збирките: Минутови песни – 1986 и Утехи / максими / телеграми – 1987).
#5 Освен познатите имиња, во осумдесеттите години се појавуваат и квалитетни поетски дебитантски книги. На почетокот од деценијата тоа беа, имено, двете авторки – Мила Хаугова (Зарѓана глина – 1980, Променлива површина – 1983) и Дана Подрацка (Љубовница на месечината – 1981, Зимски гости – 1984). Додека поезијата на Хаугова се насочуваше кон интимната исповед заснована врз прецизната интроспекција и нејзиното симболично природно отсликување, Подрацка придаваше повеќе книжевна начитаност во интроспекцијата, а исто така нудеше и интертекстуални соодноси и интелектуална обработка на самата инспирација.
Побурен одглас предизвикаа младите поети кои влегоа во литературата кон средината на осумдесеттите години, во прв ред: Јозеф Урбан, Иван Коленич и Татјана Лехенова. Нивната бескомпромисна поезија на револт го разбуди незадоволството на книжевната критика, која поетите ги обвинуваше за поголем број непристојни начини на јавно настапување (на пример, игриво еротските песни на Лехенова беа обвинети за порнографија). Збирката на Урбан – Малиот бесен Робинсон (1985) реагираше полемички кон затврднатите општествени и поетски конвенции и со младешкиот револт на интимните и предизвикувачките ситуации провоцираше за надминување на заслепеноста од дволичноста. Поезијата на Урбан ја воздигнува над останатите и исклучителната јазична умешност и ефективниот стил на ослободената поезија во која се вмешуваат и елементите на врзаниот стих. Револтирачкиот манир на Урбан соодветствуваше и со поетскиот дебитантски ракопис на Иван Коленич – Донесено со бурата (1986), кој го акцентираше силното чувство на слобода и неврзување, а на друга страна и на голема емотивност и чувствителност. Следните поетски книги на Коленич се карактеризираа секогаш со поизразени промени во поетиката и во целосната концепција. Иако сите тројца поети влегоа во поезијата енергично, нивниот иновативен потенцијал во следната деценија стагнираше, а тогаш, впрочем, почнаа поинспиративно да делуваат други поети.
Политичката промена во ноември 1989 година го донесе конечното ослободување од политичкиот диктат во уметничката сфера. Воведувањето на парламентарната демократија создаде доволно услови за сите автори без исклучок. Новите околности, сепак, донесоа со себе и ограничувања од поинаков карактер – економски. Масовната поддршка на литературата, густата мрежа на библиотеки и пристапноста на цените на книгите престана да биде разбирлива сама по себе, па наскоро и економските фактори станаа непосакуван, но круцијален критериум во издаваштвото. Друга тенденција која негативно ја погоди пред сè поезијата претставува растот на медиумската конкуренција, при што „медиумот“ на книгата се повлекува на маргините од интересот; литературата се „маргинализира“ (Петер Зајац), а првенствено поезијата станува малцински книжевен вид. Значењето на литературата во годините на комунистичката неслобода (но и во изминатите столетија во време на формирањето на Словаците како самостоен народ) беше поголемо, бидејќи литературата ја исполнуваше тогаш функцијата на поширока општествена трибина, често како противпол на официјалната политичка власт.

АвторЈан Гавура
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|