Словачката поезија по 1945 година

/, Литература, Блесок бр. 74/Словачката поезија по 1945 година

Словачката поезија по 1945 година

#1 Квалитативна промена донесува дури политичката промена што настана по смртта на Ј. Сталин, а последователно и падот на култот на личноста. Сепак, дотогаш словачката литература се најде во криза каква што веќе и не се повтори во дваесеттиот век. Поетите во тие мрачни години можеа да објавуваат само во согласност со строго ограничените културно-политички директиви или пак можеа доброволно, а во некои случаи и принудно, да се одмолчат. Повеќемина претставници на културните и уметничките процеси беа затворани во исконструирани политички процеси (најпознат е процесот со т. н. буржоаски националисти каде што беа осудени повеќе престижни уметници – Л. Новомески, И. Хорват и други), при што во monster-процесите кои им претходеа многумина беа обвинети и осудени на смрт и погубување (од редот на уметничката интелигенција на пример – Владимир Клементис).
Први исклучителни таленти од втората половина на педесеттите години се поетите Милан Руфус и Мирослав Валек. Двајцата влегуваат во литературните води задоцнето, намерно заобиколувајќи ги „вулгаризираните“ години на схематизмот. Првата издадена збирка на Руфус – Кога ќе созрееме (1956) се надоврзува на симболистичката линија во словачката поезија чиј основен тон е тагата, чувството на трагичност и враќањето кон личниот и кон интимниот извештај во поетското писмо. Руфус од самиот почеток се претстави како поет на трајните човечки и уметнички вредности кои не се менуваа ни во понатамошните негови дела (повеќе од дваесет збирки во периодот од 1956 до 2008 година, на пример: Камбани – 1968, Момчето црта виножито – 1974, Строгиот леб – 1987, Читање од судбината – 1996, Верност – 2007).
#2 Поенергична промена во словачката поезија внесува Мирослав Валек, кој повеќе се надоврзува на модернизирачките тенденции на домашната и на странската авангарда. Тежиштето на поезијата од Валек лежеше врз погледот на човекот како битие индивидуално и општествено, кое знае да љуби и да ја губи љубовта. Иако антропоцентричниот карактер ѝ е иманентен на уметноста во целост, поетската призма на Валек насочена кон човекот има елементарна и метафизичка важност. Во таквата антропологичност, човекот постои самиот за себе, тој е единствено битие, но исто така е и дел од поголемата целина на светската историја. Исклучителен е и формалниот израз на поетот обележан со цивилизам, со динамични метафори и со иронија (збирките Допири – 1959, Привлечност – 1961), а во подоцнежните збирки и со дезилузивност, сарказам и цинизам (Немир – 1963 и првенствено Љубов во гускина кожа – 1965). Песната мора, според зборовите на Валек, да произлегува од идејата, а определувачка значенска единица е самата песна како целина. Валек се претстави како поет од мисловен тип („аналитичар и синтетичар во една личност“, Е. Јенчикова) и како поет на сугестивната поетска слика.
Заедно со Мирослав Валек и со Милан Руфус во поезијата покажаа продуктивни зафати и други автори, на пример Вилијам Турчани со својата задоцнета дебитантска збирка Овчички во пределот (1957) со која ја враќа во поезијата – заборавената идиличност и восхитот од класичната форма. Клучен настан на преминот на педесеттите и шеесеттите години беше појавата на силната поетска група, т.н. трнавска група, нарекувана и група – конкретисти: Јан Стахо, Јан Ондруш, Јозеф Михалкович и Љубомир Фелдек. Нивната позиција во словачката поезија на почетокот од шеесеттите години беше толку силна што генерацијата поети која стапи на книжевната сцена неколку години подоцна чувствуваше потреба да ја анулира поезијата на конкретистите за да го отфрли нејзиното влијание. Поезијата на конкретистите произлегуваше од мисловната конкретност и од „конкретната меморија“ (оттаму и називот на групата), кои навлегуваа директно во поезијата преку звучните и сликовните импулси, преку евокацијата на детството и искуството. Конкретистите ѝ одредија важно место на метафората („метафората ќе го спаси светот“ – Љ. Фелдек), способна да воодушеви со својата имагинативност и со можноста од повеќезначенско толкување. Во нивното отклонување од актуелноста кон смисловноста и надсмисловноста можно е да се забележи, исто така, и стремежот за исфрлање на политичките барања на официјалната културна доктрина.
Без разлика на заедничкиот групен настап (во 1958 година), оваа поетската група ја сочинуваа силни поетски индивидуи кои најпосле и се разминаа во остварувањето на сопствените уметнички програми. Како прв во таа група се профилираше Јан Ондруш, кој уште во втората половина од педесеттите години го предизвикуваше вниманието со своето творештво во списанијата. Песните подготвени за дебитантската книга, сепак, не му беа примени од страна на издавачката куќа, па така тој книжевно се презентираше дури шест години подоцна со збирката Луда месечина (1965) што е сметана за една од најважните книги на деценијата (М. Хамада). Ондруш во своите книги, со помош на поливалентни паралели, ја акцентира ситуацијата на човечката комуникација, изолираноста и потребата за човечки допир. Сликите за ранливоста на човекот, мотивите на болеста и нарушениот интегритет кај него се растајнуваат во незаменливиот поетски ракопис заснован врз „свитканоста“ на зборовите (иновативни зборовни споеви засновани врз нови синтактички врски) и врз субјектно-објектната замена при која самиот автор е „фиктивен ко-субјект“ (Федор Матејов). Ондруш ги развиваше таквите теми и во следните стихувани композиции Движење со цвет (1968), Во жолчна состојба (1968) и Клекнување (1970). Друга значајна поетска личност која на почетокот од шеесеттите години сврти најголемо внимание врз себе беше конкретистот Јан Стахо. Тој ја донесе сугестивната метафора во поезијата што произлегуваше од единственото човечко доживување богато со смисловни импулси (областа на еротиката и телесноста), кои поетот ги евоцираше со живи слики и со асоцијации – често разбирливи во процесот на нивниот надсмисловен (невербален) прием. Постепено во неговото творештво се продлабочува вертикалната, па дури и барокизирана врска на човекот кон светот, кој е свесен не само за своето интензивно преживување на земјата, туку и за дуалноста на делата во нивната друга, спиритуална димензија. Екстатичните песни за опиеноста од телесното (збирката Свадбено патување, 1961) се менуваат во песни за неисполнетоста и за неможноста од исполнување на човекот (Двораменско чисто тело, 1964), како и за барањето хармонија, која човекот не успева да ја најде. Повеќе ниту „зборот“, кој му беше верен водич врз кој поетот можеше да се потпре во првите книги, не го донесува мечтаеното исходиште од исцрпеноста, уништеноста и заканата на смртта (збирките Искрења – 1967 и Апокрифи – 1969). Третиот поет – конкретист е Јозеф Михалкович, чија поезија произлегува од прозаичното движење на „приказната“ со поучни споредби за човечкиот живот во која често се поврзува сегашноста со минатото (темата на детството и спомените). Интензитетот на преживувањето ги раѓа зборовите, па таквото длабоко преживување е можно да се именува само со помош на соодветната и асоцијативно богатата метафора (Сожалување – 1962 и Зимовница – 1965). Противтежа на умерениот и складен израз на Михалкович ѝ прави поезијата на Љубомир Фелдек; независно од тоа што и двајцата се пресретнуваат во некои теми (семејството, улогата на мажот), Фелдек повеќе се надоврзува на авангардната игривост која е постојан елемент во неговата поетика. Тој ја воздига безграничноста на детското набљудување на ниво на стилска база, па пишувањето литература за деца станува за него подеднакво важно како и пишувањето за возрасни.

АвторЈан Гавура
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|