Словачката поезија по 1945 година

/, Литература, Блесок бр. 74/Словачката поезија по 1945 година

Словачката поезија по 1945 година

#3 Одгласот на творештвото на конкретистите беше неверојатно богат. Повеќе значајни поетски индивидуи влегоа во дијалог со оваа поезија и ги примија од неа оние импулси кои им беа природно блиски, на пример Јан Шимонович, Штефан Стражај и Лидија Вадкерти-Гаворникова, други пак се ограничуваа од неа со намерно оддалечување (Јан Бузаши). Вадкерти-Гаворникова во својата поезија на одличен начин ги поврза магичните елементи на фолклорната ризница, личното доживување и рационалната размисла. Песните во кои често се заменува лирскиот пол на песната со наративното пеење се засновани врз конфронтацијата на поединецот со улогата на човек или, во случајот на Гаворникова, со улогата на жената. Секојдневните и исклучителните ситуации на жената (мајка, ќерка, сопруга) се доловени со прецизен и експресивен јазик, неретко комбиниран со функционално користење на пословици и на други фрази (збирката Пропасти – 1965, Идентичност – 1970, Вретено – 1973, Песочна песна – 1977 и Вино – 1982). Активното користење на фраземи во поетскиот јазик, освен за Л. Вадкери-Гаворникова, претставува особеност и за Јан Бузаши. Од воведната збирка Игра со ножеви (1965) почнуваат во поезијата на Бузаши да се провлекуваат повеќе внатрешни спротивставености кои авторот се стреми да ги хармонизира. Во првата книга може да се почувствува напнатоста меѓу поединецот и општеството кое го посакува востановувањето на подреденоста кон поголемата целина (социјалистичката мисла за колективизмот). Таквата напнатост во подоцнежните книги ќе се замени со спротивставеноста на телото и душата, битисувањето и живеењето (Киничка школа, 1966), страстите и девственоста (Наусикаја, 1970).
Кон крајот на шеесеттите години вниманието го сврти уште една влијателна група поети, кои се именуваа според познатиот расказ на Ален Силито – Осамени тркачи. Тројцата автори Иван Штрпка, Иван Лаучик и Петер Репка се претставуваат групно со заеднички манифести во списанија во кои ја отфрлија поезијата ослободена од етика, како и политичките нарачки во творештвото. Сите тројца стигнаа да издадат две книги уште во послободната атмосфера на шеесеттите години, а по политичкиот пресврт (во 1970 година) групата стана непожелна (И. Штрпка – збирките Кусото детство на копјаниците – 1969 Тристан дрдори – 1971; И. Лаучик – збирките Подвижните во подвижното, 1968 и Блиски сме на почетокот, 1970 и П. Репка – збирката Кокошка во катедралата, 1969 и книгата репортажи Стани и оди, 1970, која цензурата ја забрани пред дистрибуцијата).
#4 Интересот за групата се зголеми на преминот меѓу осумдесеттите и деведесеттите години, во времињата на барање нова насока за пост-комунистичката Чехословачка (од 1993 година – самостојна Словачка).
Независно од новите трендови и растот на словачката поезија во шеесеттите години, официјалната литература постојано ја репрезентираа авторите кои со поголеми или со помали варијации ја продолжуваа традицијата на социјалистичкиот реализам. Погледот наназад кон педесеттите години иако донесе извесна себе-рефлексија – имено, се признаваше дека во „процесот на потрагата се појавија и грешки“, но во еден здив се додаваше дека „за главната насока на развојот тие грешки не беа воопшто суштински“ (гледиште од 1962 година). Сликата на словачката поезија на шеесеттите години беше необично богата; едниот нејзин пол го претставуваше плејадата автори верни на социјалистичкиот реализам, а покрај неа, исто така, и групата автори која во таквата насоченост донесе и неколку иновации (В. Михалик, Ј. Костра, П. Хоров). Словачката поезија понатаму ја збогатуваше големото мноштво други автори кои влегуваа во поезијата со сопствени програми. Придонес претставуваше Микулаш Ковач и неговиот недостаток на стилизација (Одбрана на сложувалката, 1963 и За синиот лебед, 1966), потоа Иван Купец и неговата анти-утопија (Маховини, 1964 и Соблекување од гневовите, 1965), Јозеф Мокош и неговата способност да ја наслика тегобната ситуација на поединецот во светот поставен пред атомската закана (Прскање на крвта, 1962), Штефан Моравчик и неговата избрусена игра со зборот и сеприсутната еротска инспирација (Празнувањето на јагнињата, 1969 и За големата смисловност на белите овчички, 1970), Штефан Стражај и неговиот минимализам и голема сугестивност (На предметите на маса, 1966), Камил Петерај и неговиот нов, објективизирачки пристап (Градината на зимските птици, 1965 и Времето на виолата, 1966), Маријан Ковачик и неговата мисловна бистрост (Соработнички, 1963), Томаш Јановиц и неговата безгрешност во гномските анегдоти (Епиграматика, 1962) итн.
Шеесеттите години претставуваат најпосле и години на враќањето на поетите, кои не смееја да објавуваат поради строгата партиска забрана, или пак се одмолчија од други причини. Меѓу најголемите враќања сигурно спаѓа објавата на трите книги на Лацо Новомески, поемата Вила Тереза и Триесет минути од градот (двете во 1963 година) и посебно збирката Оттаму и друго (1964), која произлегува од напливот на доживувања на авторот за време на неговиот затворски престој во комунистичкиот период (1951-1955). Придонес од враќањето, сепак, гледаме и во делата на централните писателски имиња од меѓувоениот книжевен период: Јан Смрек, Јанко Силан, Емил Б. Лукач, Маша Хаљамова, како и Павел Бунчак и Рудолф Фабри.
Во редот на книгите со најголема трајна вредност спаѓаат делата на М. Валек, Ј. Ондруш и на останатите конкретисти, а пред сè книгите на М. Руфус, чија збирка Камбани (1968) и изборот Триптихон (1969) претставуваат прецизна анализа на кризата на човечките и на меѓучовечките вредности. Руфус со непоткупливоста ја отсликува дволичноста на човекот и неговата често и попусто изразувана грубост.

АвторЈан Гавура
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|