Словачката поезија по 1945 година

/, Литература, Блесок бр. 74/Словачката поезија по 1945 година

Словачката поезија по 1945 година

Богатата разновидност, иако сè уште не и плуралност, на шеесеттите години ја запре повторно една политичка сила. Почеток на крајот на послободната културна и политичка ситуација претставуваше инвазијата на војските од Варшавскиот договор во август 1968 година и постепеното преземање на иницијативата од страна на против-реформските комунистички политичари, поддржувани од советската влада. Во април 1969 година, на заседанието на Комунистичката партија, дефинитивно се одлучи дека понатамошниот развој на односите во Чехословачка нема да се движи во насока на демократизација, туку обратно – во насока на зацврстување на партиските принципи и на тоталитаризмот. Дојде до слична ситуација како во педесеттите години, се укинуваа списанијата и прогресивните весници, сите важни позиции во јавната администрација и во културата беа подложени на проверка на лојалноста, а како резултат од тоа беа благовремено отстранети и заплашувани сите оние кои во претходните години активно се ангажираа во реформите на општеството.
Силниот пресврт беше проследен и со запирање на работата при издавањето на многу книги или пак, на крајот на краиштата, и со забрана за дистрибуирање во јавноста на некои веќе издадени книги. Од 1972 година, кога беше одново „обновен поредокот“ (М. Шимечка), во јавноста можеа да се појават само оние книги, кои можеа да ги издржат строгите рецензии определени од културно-политичките работници (т. н. супер-лектури). Во официјалната литература навидум не се случија пресвртни промени, бидејќи авторите кои ги симпатизираа социјалистичките уметнички методи имаа постојано сигурност дека ќе бидат позитивно примени од страна на комунистичките критичари. Плакат – поезијата со агитациски мотиви, поезијата што ги воспеваше годишнините од комунистичките настани, позитивната фасцинација од Советскиот сојуз и социјализмот кај нас и во странство – сето тоа остануваше во поезијата и понатаму (А. Плавка, П. Којш, Г. Хупка, М. Лајчиак, Ш. Партошова, В. Рејсел и други).
Најголемите таленти не се вклопија подеднакво во новите околности. На многумина од нив им беше забрането да публикуваат, па таквата појава тие често ја надминуваа со резервни авторски програми – пишување литература за деца, преведување или некоја друга културна активност. Големо внимание побуди поетската композиција Слово (1976) од Мирослав Валек (во тоа време – министер за култура), посветена на комунистичката партија. Значењето на ваквиот конформистички потег кај овој престижен поет досега не е задоволително објаснето, затоа што поетската композиција зачувува во себе и многу оригинални елементи од призмата на поетовото нееднозначно сфаќање на човекот. Сосема поинаков карактер пак има неговата збирка лирски песни со интимен и еротски колорит Од водата (1977). Во анализата на вредностите продолжува и другиот значаен поет – Милан Руфус со збирката Масата на сиромасите (1972), меѓутоа и тој во стеснувачките околности на седумдесеттите години му се посвети на творештвото за деца и на соработката со ликовните уметници и фотографи кон чии слики пишуваше лирски текстови.
Постепено и во помал обем се враќаа повторно во полето на поезијата и поетите кои дебитираа во шеесеттите години. Јан Бузаши под влијание на дезилузивноста од општествената ситуација ја пишува надвременската алегориска збирка кратки песни-поуки Убавината го води каменот (1972) во која дијалектички се поврзува аналитичката точност во мислењето со слободната, ателеологичка профилираност на песната. Кон средината од истата деценија, тој објавува и други книги: најпрво стихуваната сценска композиција Приказна (1975), а по неа во краток след и двете книги сонети Година (1975) и Звучниот (1976). Во збирката Година на својот типичен гномски начин се изјаснува за животот на човекот во селските средини, додека во збирката Звучниот се инспирира од светот на музиката врз која повторно ја демонстрира неменливоста на човечките особини и вредности (предаденост, моралност, доследност). Музиката е инспирација и за следната збирка на Бузаши – Базова душа (1978) во која го промислува настанокот на песната и улогата на човекот при нејзиното создавање. Бузаши во целото свое творештво изразува сомнеж над способноста на човекот да го задржи својот морален статус; човекот е сложено битие и еден негов дел има тенденција да прави зло. Освен Бузаши, во својата аналитичка и мелодична поезија продолжува и Лидија Вадкерти-Гаворникова; поголема промена доживеа поезијата на другиот поет од генерацијата – Штефан Стражај. Неговата минималистичка поезија се менува во фрагментарност на целината, а се зголемува во неа и скептичноста и заостреноста. Таквото чувство кулминира во поетската збирка Пелин (1979), а продолжува во следните збирки од осумдесеттите години (во прв ред: Двор – 1981 и Малиновска бр. 96 – 1985). Ненастојчивите песни на Стражај за секојдневните ситуации во животот зборуваат за интензивното дури и за згрченото преживување, иако навидум изгледа дека таму ништо не се случува. Упростениот и де-патетизиран израз со фрагментирачки склоности претставува одраз (синекдоха) на целината на светот.
Во седумдесеттите години забележуваме и нови импулси кај авторите кои дебитираа непосредно по консолидацискиот прелом. Со важно лирско послание поставено против официјалната струја на литературата се презентираше Јан Швантер со збирките За снежното срце (1972) и Ѕвездениот удар (1975). Независно од приклонувањето кон возвишеноста и кон патосот, тој се оддалечи од лошите идилични отсликувања во тогашната поезија. Слично како Бузаши (но со поинакви мотиви и јазик), тој ја изразува потребата за морална доследност и верност во вистинските човечки идеали, а не во тенденциозниот политички конформизам. Творештвото на Швантер продолжи со ист интензитет и во иста насока и во следните збирки од осумдесеттите години: Невидлива музика (1980) и Лампа (1986). Силната етичка основа и тука се развива во конфронтација со човечкото искуство и со размислувањата за местото и за односот на човекот кон таквите „вечни“ вистини, пренесувани од една генерација на друга.

АвторЈан Гавура
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 74|