Лице в лице

Лице в лице

Неупотребливи дарови
За корисноста на музиката
Снег во чевлите
Убави мртви мориња
Лајбниц
Лице в лице
Мишима
Пролетни занаети

Од ден во ден ти давам само испарливи нешта:
магла над асфалтот, магла во џебовите
и полиња кои ги изедоа мршите од зборови.
Наместо карти за пат во пар
ти нудам прооди низ иглени уши.
Од ден во ден, просипувам пред нозете
убави мртви мориња.

Живееме од фалсификување
на хроничната слобода: адресата е позната.
Помеѓу главниот затвор и старата шеќерана
каде некогаш завршуваа поети, а сега
други клошари ја собираат исчезнатата сласт.

А мислам, доволен ми е само еден град:
сплетот на улиците кој го чинат твоите вени.
Шатор и засолниште создадени од твојата кожа.
И дека е твојата коса бирнамската шума
што ќе ми пријде и тогаш
кога стојам вкопана, како свеќа:
прејакото согорување понекогаш ме прилепува за тлото.
Се лажам самата себе дека е доволна водата
која се пресипува од уста на уста,
дури и тогаш кога ќе се претвори во мраз.

Во твојата земја на млади со презреан ум
јас сум незрела девојка која треба да се води за рака.
Во мојата, каде времето одамна веќе застанало
носам душа на старец и ставови на мудра кучка.

Ми зборуваш дека морам да се навикнам
на новата агрегатна состојба:
тоа што испарува таму, на зовриениот југ
тука со работа на рацете го претвораш во вода
која можеш да ја продадеш за богатство.

Се наведнуваш,
на дланката ја спушташ натежнатата глава:
твојата воздишка ја зголемува далечината
помеѓу нашите две полупразни чаши,
мојата ги потера до работ на заедничката маса.

,,Купувам веднаш, ама во натура плаќам“, велам
И ти ја лизнувам капката пот од челото:
ми се виде дека свети
како жар од цигара.

,,Од премногу споредби банкротира и песната“,
те слушам и гледам, во пламен ти се
веќе сета коса и лицето:
но не знам, дали од восхит
или од очај.

2018-08-21T17:20:58+00:00 август 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 77-79|