Лице в лице

Лице в лице

Неупотребливи дарови
За корисноста на музиката
Снег во чевлите
Убави мртви мориња
Лајбниц
Лице в лице
Мишима
Пролетни занаети

Денови на завештанија, денови на признанија: прва песна
во која реков „Јас“
влегувајќи во зборовите како со склопени очи
да го зашивам копчето за џеб
со игла подигнувајќи го од кожата.
На левата страна, над самото срце.

Кои ги заобиколував со внимателни убоди
зашто прочитав негде: така се крои
искрена поезија –
кога ќе го увериш срцето дека си се откажал од него.

Кога ти се чини дека не можеш ништо да кажеш
ниту за љубовта, ниту за стравот, ниту за казната
ниту за тоа што е сеќавање одминато
во широк лак,
тогаш сето тоа, неизговорено
самото се изговара; и дури тогаш

одговорна сум за она што не сум
и што можеби некогаш допрва ќе бидам.
Секој збор, како врвот на иглата
се спушта бавно
барајќи ја вистинската раздалечина од кожата и срцето.

Мерата на подносливата искреност.
Вештината на кројачот кој со ткаенината не го сокрива лицето.
Поуката од приказната која со векови ја шепотат
хасидските старци, покрај топол ѕид:

за земјата, која е само напрсток на Бога –
за секој утнат убод, само начин
да се заштити Неговата рака од болката.

2018-08-21T17:20:58+00:00 август 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 77-79|