Ден и ноќ, ноќ и ден
патуваме кон Словенија:
во мал автобус, меѓу нас
тишината расте
како град отцепен од земјата и светот.
Сè уште непознајнички, како две
мрзливи муви, склопчени
секоја на својот прозор –
Таа, ситна старица, Марушка можеби –
Во скутот дроби кекс, марка
,,Лајбниц“
како монадата од монада одново да ја дели
и се смешка, ѕурејќи во мракот
на светот што е сè уште
најдобар од сите…
Таа, која ја познава хармонијата –
Марушка, Блашка, Мојца можеби.
Во својот скут ја дробам поезијата
под слабо светло, на лош пат
лист по лист, збор по збор и слушам:
Сречко Косовел се одрекува од среќа
зашто секоја убавина е дел од болката.
Над стиховите
нема оправдување за Бога
и монадите кои ги праќа
никогаш не стигнуваат до Земјата:
како лажен снег испаруваат
во првиот слој на небото.
Во мојот скут, книга на поет
чие име однапред се откажало
од хармонијата со срцето и душата.
Ден и ноќ, ноќ и ден
патуваме кон Словенија,
таа и јас, сè уште непознајнички…
И целиот семир ни се лула
врз колената
како да би сакал да се одвои од заспаниот Бог
и бара соучество
шепотејќи ни нежно, на уво:
,,Браќа сме, по татко…“