Космополис

Космополис

Космополис за Јосип Ости, Сараево – Љубљана
Безгранична соба
На ретките пријатели
Морска верност
Очевидец во градината
Последен излез
Колумбо
Отрезнување

Старци по влезови спијат со пци, презрени
како минати диктатури и сон за сè

што би можело да се случи. Еј, Господе,
а што е со мојот копнеж, во полумрачните

спални на палатите да гледам како во коњските
седла гнијат мајсторите на клуновите на Марија,

Ниња и Пинта, додека под моите нозе тивко
јачи солта, смеленото битие на Атлантикот, луѓето,

наметлив, од куќните прагови ме гледаат
зачудено, додека самиот, ништо помалку зачудено,

во длабочината зад нивните уморни плеќи
гледам бездни под јужниот крст.

Станарите пребираат зрнца броеници
и во пурпурни наметки гатаат

над коските на истребените племиња, лифтовите
во стаклената кула на внатрешните дворови

бавно се лизгаат горе и долу, без климакс
кој би ги растоварил сништата за слава и херојство

и патниците на крстосувањето со часови
ги гледаат ѕидовите кои се лизгаат крај нив,

без желба да ги допрат. Едни пред
други го кријат она што ги поврзува.

За јавнати врз коњи и каравели, преку
горските пасишта и бледозелениот кајмак

на Сарагашкото море конечно сепак
да стигнат в град, каде законот од потсмев

ги штити чудаците и непослушните филозофи.
Исцрпени се како билка под врело

сонце, гнил цвет, лесна омаеност.
Свежа вода добро би им дошла, усните

испукани и исушени, се напнуваат
и стврднуваат во шок, како бокал

кој празно одекнува и твоето име,
Господе, се разлева за последен пат.

2018-08-21T17:21:02+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Поезија, Блесок бр. 71-73|