препев од црногорски: Игор Исаковски
Во валканиот воз,
на меѓународната линија Минхен – Солун,
се обидувам да го читам Човек без својства од Роберт Музил.
А тоа е, се уверувам, на вакви места речиси неможно.
Посегнувам по банални замени:
да се продолжи читањето е неспоредливо потешко
отколку да се пронајде дремлива битанга
во секое купе, исто и во првата и во втората класа,
на сите железнички линии.
Интересно, меѓународниот воз
често застанува и на локални станици:
барам невидливи симболи во тоа непочитување на возниот ред.
Сфаќам дека е подобро да се откажам од читањето.
Затоа молчам и гледам
прво во ноќните пејзажи на Славонија,
па во огледалото спроти мене –
ги гледам своите две неголеми торби,
наизглед не толку тежок товар.
Но ми се чини невозможно да се ослободам од него.
Како што одминува возот
и како се приближува денот
мислам дека е сеедно
на која станица ќе излезам
и чиј товар ќе го понесам.