Панорама

Панорама

Панорама


Првиот оргазам се навести многу бргу. Уште пред тој да настапи имаше одлучено трипати да се задоволи, но потоа сврши толку жестоко, што повторно почна да плаче и комотно можеше да ги заборави останатите двапати. Плачеше како дете и со исправена дланка плескаше по водата која прскаше насекаде. Најмногу би сакала да стане и гола и мокра да се симне во Wheel Bar, за таму да клекне на колена пред девојката и да ја запроси.

Постепено се смири.

Со благо растреперени нозе излезе од кадата, се наведна (такашто пријатен дополнителен трепет ѝ мина низ долниот дел од стомакот) и ја пушти водата да истече. Со мек пешкир се избриша, особено внимателно меѓу нозете. Беше многу осетлива. Лесно можеше да се повреди. Благ ветрец можеше да ја убие.
Апаратот за масажа го врати назад во комодата и врз него смести два слоја шарени гаќи. Потоа седна пред телевизорот и на тепка ги менуваше каналите. Во еден ситком седеа насмеани луѓе во едно кафе, а нив ги служеше една прастара и грда келнерка. Моника мораше да се насмевне и задоволно се прегрна себеси.
Токму кога успеа да го следи збиднувањето во ситкомот заѕвони телефонот.

– Ало?
– Ало, Мони. Елке овде. Слушај, сакав уште еднаш да прашам дали е во ред утре да поминам со момчињата? Знаеш, пред неколку недели зборевме за тоа.
Елке беше сестра ѝ. Беше самохрана мајка на двајца синови. Моника се сети дека Елке еднаш на телефон беше спомнала, оти двете нејзини момчиња би сакале да ја видат панорамата однатре. Тогаш Моника немаше време, а оттогаш Елке се имаше јавено најмногу три или четири пати. Одамна се немаа видено.
– Океј, рече Моника и се запрепасти за тоа, колку лесно беше да се каже тоа. Кога утре?
– Ох, мислев попладне. Околу три?
– Фино. Инаку ти како си?
– Впрочем како и секогаш. Овде нема ни секунда да е мирно, за тоа се грижат моите мали уметнички изведувачи.
Сестрите си разменија уште неколку зборови и се поздравија. Разговорот не беше собено продлабочен, ама тоа беше сосема во ред така, сметаше Моника. Му се врати на ситкомот, но беше почнала реклама, па затоа смени програма.

До вечерта гледаше телевизија. Во меѓувреме си стопли една замрзната пица. Имаше одвратен вкус, премногу шампињони. Половината ја фрли.
Горкиот вкус на печурки повторно ја наведе на мрачни мисли, а таа бараше емисија на која се зборува. Ѝ требаа гласови кои секогаш исто звучат, инаку –
Бараше и бараше и на крајот најде некоја дискусија за модерна музика. Слушаше и се концентрираше, за да може барем малку да разбере за што се зборува.
– Проблемот на низата сама по себе уште не е ни застарен, а камоли решен, рече еден од мажите.

Моника не разбираше ништо. Сепак ја ислуша дискусијата до крај, потоа отиде да си легне. Веќе беше навистина доцна, го заборави времето. Тоа се случуваше често кога седеше пред телевизор. Часовите одминуваа небаре се раствораа во врела вода. Додека миеше заби Моника уште еднаш накусо мораше да помисли на девојката во кафето, нејзините движења се забавија. Направи гаргара, ја плукна пенливата вода во мијалникот и гледаше како исчезнува во одводот.

Креветот беше студен, перницата неудобна и безоблична. Небаре лежи на цврсто надуван балон. Брадата ѝ се притискаше врз градите, а таа и покрај лежечката положба имаше чувство дека главата ѝ виси нанапред. Значи мораше повторно да седне и да ја протресе, па дури и малку да ја испердаши перницата додека доволно да смекне. Потоа долго лежеше мирно свртена настрана и се слушаше како дише. Левата ноздра ѝ беше за нијанса погласна од десната.

АвторКлеменс Ј. Зец
2018-12-19T12:51:06+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 103-104|