Панорама

Панорама

Панорама


Ќе дојдат кај мене само зашто овде живеам, си мислеше. Воопшто и не сакаат да ме посетат. За нив сум само средство за да дојдат до целта. Сакаат да ја видат панорамата, да се возат со експресниот лифт, да се мотаат како сеништа низ столбиштето од главната кула, да јадат нешто во кафулето. Да нарачаат нешто кај келнерката. Да се однесуваат како млади мајмуни, да мачкаат наоколу и да фрлаат јадење на под. А јас, цело време ќе морам да глумам љубезна тетка, да им го покажам станот, да одам со нив на балкон и да им објаснам колку често седам долу во кафулето и дека е тоа една од малкуте константи во мојот живот.

А потоа одненадеж убаво и јасно ја виде целата ситуација пред себе: посетата на сестра ѝ и внуците ќе биде врвот на утрешниот ден. Како и посетата на техничарот што беше врвот на денешниот ден. Врв, зборот се надува, стана леплив и ѝ го прекрати воздухот за дишење. Моника се исплаши. Ја штракна ламбата покрај нејзиниот кревет и погледна на часовникот. Еден и пол. Впрочем беше веќе многу доцна, ама сепак мораше да се обиде уште еднаш: со мраз студени прсти го сврте бројот на сестра ѝ, остави да заѕвони еднаш и потоа повторно затвори со силно срцебиење. Како некое дете испушташе некакви си звуци. Се разбира дека кратко после тоа ѕвонеше телефонот. Подигна:

– По грешка ти свртив, Елке. Извини.
– Океј е, рече поспаниот глас на сестра ѝ.
– Те разбудив?
– Што?
– Дали те разбудив.
– Да. Мислам дека да. Ме разбуди.
– Жал ми е.
– Ме разбуди. А баш сонував нешто во тој момент …
Гласот се прекина. Нешто шуштеше. Можеби Елке се исправи во кревет. Како ли излгледа нејзината спална соба? Моника уште не била таму.
– Извини, рече, ова беше навистина глупо од моја страна.
– Имам … ах, чекај секунда … Така, сега е подобро. Сонував, знаеш што сонував? Нешто многу смешно. Сонував како врнат вентилатори. Пропелери и слично. Мали пили што се вртат …
– Баш сум будалетинка, рече Моника, не требаше да те разбудам. Ама знаеш, кога веќе си будна, дали можеби … дали ќе можеш евентуално … да ми направиш две услуги?
– Хм?
Пригушеното шушкање на посетлина. Бавно дишење, премногу блиску до слушалката од телефонот.
– Прво: дали може некој друг ден да дојдете со децата кај мене?
Тишина. Дишењето малку се забави.
– Ти воопшто не сврти по грешка, Мони, утврди сестра ѝ сосема трезвено. Кажи слободно. Те знам, зарем не.
Моника си ја гризна усната и си мислеше: си ја гризам усната. Гестот е глупав и не е многу оригинален. Дефинитивно гледам премногу телевизија.
– И второ, продолжи колебливо, те молам немој да се лутиш заради … знаеш.
– Па добро зошто не кажа порано? Што можело да се смени до сега … боже мој, еден и пол?
Сега е ноќ, се сети Моника. Инаку немаше некоја разлика. Малку подразмисли за тоа, тоа беше сè. Повеќе сакаше да биде сама. Барем утре. Барем следните неколку дена или недели.
– Мони, што се случува?, праша Елке после некое време. Зборувај со мене. Ме разбуди, сега зборувај со мене.
– Не знам што да кажам, призна Моника. Можам само да кажам дека ми е жал. Тоа е само затоа што … денеска беше еден техничар кај мене во станот.
– Кај тебе во панорамата, рече Елке со малку поспан глас.
– Да, и тој … мораше да дојде, знаеш, бидејќи имаше проблем со контролната механика или нешто слично. Беше прилично опасно. Што ли ќе се случеше да морав набрзина да избегам од станот. Разбираш ли?
– Не, немам поим што зборуваш, Мони. Ама доколку ти помага: да, разбирам.
– Фала.
– Во ред е. Ама навистина сум уморна, можеби е подобро утре да …?
– Не сакав да те разбудам. Само ете … можеби друг пат. Те молам.
– Ти си сериозна, нели?, рече Елке. Не сакаш да ти дојдам на гости со момчињата.
– Не, не е тоа. Се работи само за утре. И за времето потоа, следниве неколку дена. Повеќе би сакала да бидам сама.
– Ама зошто? И онака си секогаш сама.
– Не сум.
– Да, знам, техничарот што денеска бил таму.
– Не мислам тоа.
– Него да не си го измисли?
– Не. Стварно нешто беше расипано.
– Контролната механика, да, рече.
Тишина. Двете сестри дишеа во слушалката.
– Не ми се лути, океј?, рече Моника после тоа. Сети се на услугата број два.
– На што?
– На услугата број два, што рече дека ќе ми ја … ах, заборави.
– Не сум ти лута, само не разбирам. Момчињата веќе две недели не зборуваат за ништо друго освен за тоа. Сакаат само еднаш да се повозат, еден круг. И сакаат да видат како е на балкон, дали може да се почувствува ветрот од движењето.
– Не, рече Моника тивко и сериозно.
– Што не?
– Не, не може да се почувствува. Тркалото се движи премногу бавно за да може.
– Мони, што се случува всушност со тебе? Зошто ми се јавуваш толку доцна и ми велиш дека е подобро да не доаѓам на гости? Нешто не е во ред со тебе, да не ти треба помош?
Моника размислуваше.
– Ако ми треба помош, тогаш ќе те оставам да дојдеш, зарем не?
– Токму во тоа се сомневам. Нешто ми премолчуваш. Да не си … се преселила?
Моника мораше да се насмее. Не го очекуваше ова. Ама сепак беше елегантно, кристално јасно решение за проблемот – барем од аспект на сестра ѝ -, та речиси и ја расположи.
– Не, рече со смеење, не, не сум се преселила. Уште сум овде горе, тоа значи моментално, мислам, сум прилично ниско доле. Ама после ќе оди повторно нагоре, цел ден, цела ноќ. Нагоре-надолу.
– Нагоре-надолу, повтори сестра ѝ. Сепак, ми премолчуваш нешто.
– Не ти премолчувам. Само долго време лежев и размислував. Тоа е сè.
– Хм. Момчињата во секој случај ќе бидат разочарани. Можно е после да не сакаат воопшто да дојдат кај тебе на гости. Бидејќи се навредени. Знаеш децата какви можат да бидат.
Моника почувствува како ѝ навираат солзи на очи.
– Елке, те молам не го прави тоа.
– Кое?
– Немој со таа психо-финта. Моментално апстинирам од чувства на вина. Што би се рекло на апстинентска криза – cold turkey.
Мораше да помисли на искубана мисирка, која лежи на сребрен послужавник со дебелите бутчиња кренати нагоре. Елке зеваше близу до слушалката, потоа рече:
– Ама сепак би било лага, доколку ти речам дека тие двајцата нема да бидат разочарани. Многу се радуваа за ова. А искрено, исто и јас. Од кога не сме се виделе?
Моника мораше да подразмисли.
– Гледаш?, рече Елке, мораш да размислиш. Три. Станаа три години. Минатата недела негде беа точно до ден –
– Три години, дополни Моника.
– Значи? Каде е проблемот? Три години, тоа е долго време. А утре би можеле да ги окончаме тие три години.
Моника повторно си ја гризна усната. Овој пат не забележа.
– Ама не е баш така. Не е дека не се радувам што ќе ве видам. Не мораш да ми пресметуваш од кога не сме се виделе.
– Да, морам, зашто ти не ни знаеш.
– Моето помнење никогаш не било -, почна Моника. Но не продолжи понатаму. Еден многу, многу нежен трепет мина низ станот. Некој го беше притиснал копчето за сопирање и тоа среде ноќ.
– Мислам дека повторно ќе си легнам, рече. Извини уште еднаш што те разбудив. Некако немам чувство за време.
– Чекај, рече Елке. Навистина не сакаш да дојдеме утре? Мислам, сигурна си?
Моника размислуваше, што би можела уште да каже. Се чинеше дека ги беше испробала сите можни реченици што ѝ стоеја на располагање. Веќе немаше ниту една што е погодна.
– Немој да се лутиш, рече на крај.
Елке не одговори. Потоа го прочисти грлото и рече:
– Добро. Ако така сакаш. Тогаш така ќе пренесам. На момчињата.
– Океј.
– Океј.

АвторКлеменс Ј. Зец
2018-12-19T12:51:06+00:00 декември 21st, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 103-104|