Екстаза и конспирација

/, Блесок бр. 04, Литература/Екстаза и конспирација

Екстаза и конспирација

Имено, голем дел од филозофијата, науката, уметноста и политиката во основа се изведени од уверувањето дека светот е голема загатка, која може да се одгатне, и дека постои пат што води кон одгатнувањето. Поостро формулирано, тоа значи дека сите гранки на теоријата, и најголем дел практични потфати на човештвото, се конципирани врз постулатот дека светот е целина; дека таа целина е скриена; дека е можно нејзиното откривање. Сосема прецизно, иако шокантно за комотна, млака несамостојна свест, тоа значи дека најголемиот и најзначајниот опус на теоријата и на практиката на човечкиот род, е изведен од постулатот за постоење универзална конспирација.
Коментирана со подбив и побивана без коментар, концепцијата на онтолошка, биолошка, социјална и политичка конспирација е нужен услов за разбирање на најзначајните резултати на историја на идеите и на општеството. Само во овој склоп и во оваа констелација, може да се отвори пат за автентично разбирање на централната инспирација на Карлос Кастанеда. Постојат различни избори во однос на најпогодниот пат по кој се стасува кон одгатката на светот. Патот кон откривањето на најголемата конспирација, на Кастанеда, и еден релативно тесен круг сопатници, е патот на екстазата.
Најнапред, ќе покажеме дека клучната инспирација на филозофското, научното и политичкото дејствување е засновано врз имплицитна, но секаде присутна премиса за постоење Голема Конспирација.
Од самиот почеток, филозофијата е барање на скриеното. Сета онтологија, како потрага по темелот, по она непознатото, но нужно претпоставеното архе, е обид да се проникне отаде сетилноста во невидливиот пра-основ на светот. Европската традиција, со своите балкански и малоазиски изворишта на Талес, Анаксимен, Анаксимандар, сè до Хераклит, Демокрит, Елејците, Питагора, Платон, Аристотел… во овој поглед не се разликува од хиндуистичката, будистичката или древната кинеска филозофија. Нивниот заеднички именител е интуитивната сигурност дека суштината на светот за нас е скриена, но дека е можно нејзиното одгатнување. Изворот на заблудата лежи во нашите сетила, без оглед дали таа се изразува како привид на стабилност (Хераклит), или обратно, како привид на движење (Парменид, Елејците), или во директна перцептивна заблуда на сенката и супстанцијата (алегорија на пештерата кај Платон), односно, како превезот на Маја (во будизмот), или во вистината на празнината, односно Патот (Тао). Набројувањето е одвишно. Нека биде доволно да се подвлече дека во сите овие илустративни инстанци со недвосмислена сила се варира истиот аргумент: Да се верува во светот без тајни, онаков каков што непосредно го гледаме, значи да се измеша мапата со територијата! Сè она што ние го знаеме, е само упатство, патоказ – мапа! – која што може на најупорните и на најумните да им го посочи патот кон онаа вистинска безмерна Територија! Во егзактните науки, без оглед дали станува збор за физика, или за биологија, геологија или астрономија, се бара општиот принцпи што ќе ги разјасни сите нешта откога ќе ги демонстрира како елементи на една единствена целина. Тоа е основната експликативна функција на научните закони. Низ целиот свој развиток физиката го бара она што модерните физичари го определуваат како Теорија за единствено поле (Unified Field Theory). Станува збор за едно интуитивно всадено, логички непоколебливо уверување дека зад сите манифестации на светот, се простира поле на универзален обединувачки принцип како нивна општа основа и темел на универзумот. Во интеракција со овие егзактни истражувања се конституира и непрегледниот корпус истражувања од подрачјето на хуманистички науки. Ако имињата на Бор, Келвин, Њутн, Ајнштајн, Шредингер, Хајзенберг, Бом, Пригогин, Максвел, стојат од едната страна, авторитетот на Јунг, Лоренс, Кестлер, Дикенс, Велс, Џејмс, ја репрезентираат другата, со не помал авторитет но со иста концепција. Концептот на синхрониситетот, како онаа обединувачка теориска рамка, во овој бегло даден список ги вклучува имињата и теориите на практично сета филозофија, на Да Винчи, на Кеплер, на тибетските списи, на Тао Те Кин, на индијанските легенди, особено Хопи, Навахо, Наскапи, со истата опсесивна централна тема: да го пронајдат, низ џунглите на овој навидум хаотичен и непрегледен свет, мостот што ги поврзува и ги обединува во неразделен амалгам, материјата и мислата! Термодинамичките закони, или резултатите на квантната механика, дострелите на субмолекуларната физика, како и теоријата на еволуција, небуларните Кант-Лапласови теории, како и теоријата за Биг Банг – Алберт Ајнштајн, или најновите сугестии на Стивен Хокинг – сите од ред се концепции кои во емпирискиот материјал гледаат мапа, со која треба да се стаса кон вистинската територија.
Потполно идентична логика темел е и на хуманистички науки, социологија, антропологија, политикологија, како и во социјалната и политичка практика на човештвото, секаде и секогаш. Маниту, кај северноамериканските племиња, во социолошките и економските закони на историјата, во поимот на праведноста, во демократијата, либерализмот, или светскиот поредок, има свој директен психолошки пандан и концептуален синоним, без оглед на големата разлика во сложеноста на изведбата. Во оваа смисла, политичката практика е јасна илустрација. Таа без исклучок се заснова врз една теорија на акција, која, следствено, нужно подразбира некаков конзистентен модел на светот. Самата ноторно злоупотребувана дефиниција на политиката како вештина на можното (со посочување кон тоа дека, освен што е преширока, наедно е и тавтологиска – „вештина на невозможното“ е contradictio in adjecto!) евидентно покажува дека политичката практика се одвива како интервенција во еден модел стварност и негово приспособување, менување, преобликување.
Ова подразбира две работи: 1. Дека постои некаква смисловита целина; 2. Дека таа е скриена. Тоа е концептот на Конспирацијата, во класична форма. Сите знаат дека постои дипломатија, и дека, згора на тоа, фигурира и „тајна дипломатија“! Дека постојат „Центри за стратешки истражувања“, дека секоја политика, во секој внатрешен и меѓународен домен, гради краткорочни и долгорочни планови! Дека архивите на секоја политичка институција се полни со купишта службени документи, фотографии, микрофилмови, досиеја со печатот “Top Secret”! Па сепак, нема професионален политичар, социјален научник или просечно образуван граѓанин кој нема да се поведе по онаа инертна флоскула со која тема за врвен подбив е самото спомнување на некаква Теорија на конспирација! Сета нивна контра-аргументација се сведува врз контрапрашање: „Кои се тие што ја организирале конспирацијата!?“ Се разбира, на ова прашање никој не може да даде дециден одговор од типот на тоа да посочи со прстот кон оваа или онаа организација или поединец.

2018-08-21T17:22:15+00:00 август 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 04, Литература|