Екстаза и конспирација

/, Блесок бр. 04, Литература/Екстаза и конспирација

Екстаза и конспирација

– Одгатнување на мистеријата Карлос Кастанеда

Во конзистентното пишување, насловот треба да е супстрат на идејата, а текстот нејзина експанзија. Поднасловот, таму каде што е даден, посочува на некои тешкотии целата идеја да се опфати во само една формулација – онаа насловната.
Идејата на оваа студија е изложена во насловот. Одгатката на мистеријата позната како Карлос Кастанеда, сугерира насловот, е во контекстот на поимите на Екстаза, односно, Конспирација, како клучни за разбирањето на неговиот опус. Поднасловот упатува на тоа дека покрај контекстот на делото, во синтагмата Карлос Кастанеда, мистериозен е и авторот на опусот што е предмет на оваа студија.

Кој е Карлос Кастанеда

Во историја на литературата постои уште само еден автор што во сокривањето на сопствениот идентитет и биографија, успеа да остане толку, или дури и по енгиматичен од Кастанеда. Тоа е веќе ноторната случка со идентитетот на Б. Травен, авторот на „Побунетото Мексико“ и на низа други дела од кои секако најпознато е прочуениот бестселер, неколку пати ефектно и филмски екранизиран, под наслов „Благото на Сиера Мадре“. Иако пред крајот на животот на овој таинствен писател издавачот го пласира и името на кое до тогаш упатуваше само инцијалот „Б.“ – како „Бент“ – што требаше да сугерира нордиска етничка генеалогија, добрите познавачи се согласни дека до денес не може со сигурност да се тврди дали Б. Травен бил име или псевдоним, машко или женско, Мексиканец, индиос или европеец, па дури ни дали зад овој псевдоним воопшто постоела некаква личност, или со него се означувала цела група автори што преферирале да останат во непроѕирна анонимност.
#1 Со Карлос Кастанеда, работите стојат сосема слично. И повторно, како и со Б. Травен, тоа Mejico lindo mi coraso! Повторно еден автор што гравитира кон оваа необична земја, сèуште не само непозната на други, туку, се чини, со големи празнини во сопствената самосвест. Спиритуалната енергија на Мексико практично не е ниту допрена со ниедно систематско истражување, а сепак останува магнетично привлечна и исто толку магнетично одбивна за ваков тип проучувања. Но, дотолку повеќе Мексико ги плени оние кои се обземени од потрага по некакво скриено благо, а во таа обземеност сета сигурност се сведува на интуиција и внатрешна увереност. Благото по кое целиот живот трагал Кастанеда, било, според негово уверување, исто така, скриено во Мексико. Но тоа благо не било материјално, туку духовно, и не од оној вид што ги контролира другите, туку што ја открива најголемата тајна. Тајната на сопствениот идентитет, во склопот на Тајната на Универзумот.
Карлос Кастанеда е Доктор Фауст на 20. Век!
Готов да стори сè (и тоа значи навистина сè!) со себе, решен да прифати секаков предизвик и да се согласи секој експеримент да го искуси врз сопствена кожа, Карлос Кастанеда го имал на ум само едното: откривањето на онаа Veritas UltimaПоследната Вистина! Ништо помало од тоа, за него не било доволно големо.
Токму затоа, логично е што Кастанеда акцентот и не го стави врз сопствената личност; та не беше тој оној што другите треба да го разберат! За себе самиот, тој беше само еден од трагачите – до душа максимално решителен, со голема дарба и стаменост – со превземена обврска чесно и детално да известува за сопствените откритија и напредокот во трагањето. Неговите книги се токму тоа: писма до непознати пријатели, научни рапорти од сеансите и искуствата со халуциногени ексцитанси, сведоштва, дневнички записи. Затоа и не треба премногу да зачудува што соопштението од издавачот за смртта на Карлос Кастанеда било издадено дури на 20 јуни, а за датата на смртта е наведен 27 април – значи повеќе од 50 дена подоцна. Патем, никакви погребни обреди, ритуали и церемонии немало. Пепелта на кремираното тело на Карлос Кастанеда, по негов аманет, пренесена е во – Мексико!
Автор на романи што во серијата врзана за магискиот учител Дон Хуан, достигнале над 50 милиони примероци тираж, на повеќе од 60 јазици, Кастанеда избрал да остане надвор од фокусот на вниманието на јавноста. „Не јас, туку она што јас го барам!“ – така самиот Кастанеда напишал во „Прстенот на Моќта“ за тоа што смета дека е важно во животот на еден човек.
Сепак, за потребите на оној методолошки приод што инсистира врз клучната важност на биографските истражувања, она што може да се пронајде се сведува на неколку штури информации. Роден е помеѓу 1925 (најрано!) и 1931 (најдоцна!) во декември месец, (најверојатно на 25!), според сè некаде во Јужна Америка – (превладува уверувањето дека е тоа Перу!). Според не сосема потврдени информации, Карлос Кастанеда 1973 година докторирал на Универзитетот Беркли (UCLA), отсек Антропологија. Мошне ретко се појавувал во јавноста, така што за автентична негова фотографија се смета само онаа од 1951 година. Насмеан, Кастанеда тука како да ја потврдува тезата за своето перуанско потекло, но и како сериозно да ја доведува во прашање процената на датата на раѓање. Изразот и особено, ушите, упатуваат на човек не помлад од 35 години, а според најраната проценка на таа фотографија требало да има 25 години. Интересно е дека не е позната ниту една единствена снимка на неговиот глас.
Со многу помпа, но и со уште повеќе причини, промовиран во Гуру на Новото Доба, Карлос Кастанеда бездруго силно ќе се одгласува низ своите десет романи-рапорти. Оти, да го парафразираме – „Не гласот, туку она што се зборува!“ – е тоа што вистински е важно во секој говор.

А што навистина говореше Кастанеда!?

„Секој пат е само – пат. Затоа, не двоуми се дали да го напуштиш доколку срцето ти каже така да сториш… Испитај го внимателно, секој пат. Појди по него колку пати сакаш и колку далеку ќе решиш, за да го испробаш. А потоа запрашај се себе – и само себе! – Има ли овој пат срце!? Доколку има, тој пат е добар, доколку нема, залудно е да го арчиш животот на таков пат.“
Карлос Кастанеда: Учењето на Дон Хуан

2018-08-21T17:22:15+00:00 август 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 04, Литература|