Екстаза и конспирација

/, Блесок бр. 04, Литература/Екстаза и конспирација

Екстаза и конспирација

Затоа секој човек, или, секое дете, од онаа прва грутка органски пулсации, е, според Кастанеда, резултат на природен избор. Не само селекција, како што еднострано смета површниот биологизам, туку уште повеќе, елекција стои зад секој поединечен човечки живот, дури зад секој биолошки настан! А која е смислата на таа елекција, на тој космички избор, во кој, на најголемата судбоносна лотарија, сè што живее е добитник на далеку најважниот број!? Оној број што е безмерно важен, дури што е услов за секоја можна и замислива важност, бидејќи одлучува за сета разлика што воопшто нешто значи: разликата меѓу Битие и Ништо!
За да одигра свој дел од улогата во големата драматургија на Космосот! Улога нужна за еволуцијата! Конкретно, човекот својата улога ја остварува во склопот на нашиот генетски резервоар – Gene Pool.
Оние најгруби, но и со најголема сила повлечени потези на скицата на светот каков што го гледа Карлос Кастанеда, се сведуваат на следните профилни назнаки:
Светот е единство. На сè со сè. Светот е една бесконечно голема замисла, план – конспирација. Не непријателска, не насочена против. Едноставно, нејзините димензии се толкави што таа е непроѕирна и недостапна за кој и да е поединечен нејзин сегмент. Секој го знае само своето, како што секоја капка дожд паѓа по сопствената линија, а сепак сите заедно го прават живо полето, или дури, биосферата. човекот е оној сегмент што, еволутивно, веќе го достигнал степенот од кој може да се согледа голем дел, ако не и целиот пејзаж на универзумот. За тоа, со познавање и земање в предвид на сите резултати на човечката мисла, мора да се направи, барем во оваа фаза од општиот развиток, еден чекор на саможртва. Мора да се истражат и врз себе да се применат техниките на екстазата!
Во оваа светлина, опусот на Кастанеда добива монолитна и кохерентна рамка и средишен принцип. Тој ги истражува пред сè Сите релевантни димензии на човечкиот интелект. Преку оваа фаза, тој го отвара патот кон најнапред матно насетување за потоа прецизно знаење за димензиите и аспектите на универзалниот интелект. Во оваа фаза спаѓаат практично сите доживувања опишани во рамките на оние техники што ја откриваат резидуалната, архајска личност и древната потсвест на човекот. практично, присутен секаде, овој сегмент е особено концентриран во првите четири книги од Енциклопедија Кастанедијана, нека ни биде дозволена оваа синтагма која, со оглед на длабочината на согледбите и богатството на искуствата на тој опус, секако не е претерана.
Понатаму, Кастанеда ги испитува сите облици на она што во нашиот општествен свет го определува нашето мислење и дејствување. Оваа фаза, или слободно речено, оваа епоха на развивањето на сопствената свест и едукацијата на сопствениот интелект, оди низ истражувањето на Социјалните димензии на персоналитетот. Конституирање личност, карактер, темперамент, предрасуди и афинитети, идосинкразии и одиуми, пасии и фобии, значи, сето она што може да е пречка, но што секако е неразделен ingredient на човекот како социјално и историски дефинирано суштество.
Анализата на историјата на екстатичките средства е оној трет битен дел од гигантскиот потфат на Карлос Кастанеда. Далеку од тоа да го прифати симплицистичкото стојалиште за стриктно физиолошки темели на организирано човечко влијание врз сопствената свест, Кастанеда ги истражува скриените слоеви на оваа практика која е придружник на сета историја на човештвото – без географски, социјални или политички исклучоци. Кренат и над социолошкиот редукционизам, Кастанеда ги објаснува екстатичките техники како елитен, ексклузивен сегмент на секоја човечка заедница. Онака како што стеблото на ела не расне по цела должина, туку расне само со својот кревок, расцутен врв, што стреми кон светлината, нему непозната, но затоа ништо помалку нужна, така и секоја човечка заедница, во овие екстатички техники го наоѓа својот врв преку кој комуницира со метафизичката светлина, исто толку непозната и исто толку неопходна за нејзиниот опстанок. На тој начин се покажува дека навидум спротивните феномени – политиката и културата, всушност работат на иста задача и взаемно се помагаат, дури и кога едната сосема ја потиснува другата. Политичката револуција го прави насилно и жестоко, она што културната еволуција го остварува суптилно и постапно. Принципот на јанг и јин, во нивното вечно сменување, и тоа токму во мигот во кој едниот доаѓа до најголема доминација и климакс, е оној модел што за Кастанеда е применлив и врз социјалната еволуција, пред сè во нејзиниот контекст на фактор на развивање индивидуална човечка свест.
Конечно, највисокото ниво на оваа херојска осаменичка епопеја на Кастанеда, е делот во кој, крајно езотерично и низ суптилни навестувања, како отклонувајќи го превезот на Маја, од будистичката филозофска традиција, Карлос Кастанеда ги открива екстатичките техники за Комуникација со повисока интелигенција. Од сосема разбирливи причини исклучително херметички, овие делови од опусот на Карлос Кастанеда наедно ја откриваат и онаа највисока, езотерична сфера до која стасале неговите истражувања. Нивниот коментар отвора цело едно ново подрачје на акумулирани милениумски искуства на човештвото, контроверзни и опчинувачки во исто време. Макар и сосема бегла, нивната анализа обврзува на одделна студија.
Во супстратот на тој однос, во таа сооченост со безмерноста и вонвременоста рефлектиран на фонот на нашата конечност без кој, доколку се присетиме на класичната инстанца од еден голем филозоф на религија, Шлаермахер, нема религија, а врз кој, како својот нужен темел, се гради сиот религиозитет, Кастанеда ја одгатнува и највисоката порака од своите астрални патувања. Одгатката на светот, на универзумот на вечноста, одгатката на Големата Конспирација, онолку колку што во неа може да се проникне низ организирана и контролирана екстаза, како клучен гносеолошки инструмент, се сведува врз чувството на мистичка соединетост со највисоката интелигенција, или со душата на универзумот.
Во однос на нас, Карлос Кастанеда целиот се преточил во сведоштво за својот пат таму, каде што го водеше неговото срце, и за она што на тој пат го видел и научил.
Во однос на себе, Карлос Кастанеда така се разлачи од својот мек, топол дом, од мазното и пулсирачко тело; и колку се наближуваше кон соларната сфера на својот пат на срцето, толку се разретчуваше, топеше, магла сина се сторуваше во вировите на топлата интелигенција.

2018-08-21T17:22:15+00:00 август 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 04, Литература|