Екстаза и конспирација

/, Блесок бр. 04, Литература/Екстаза и конспирација

Екстаза и конспирација

Но, тоа што не знаеме кој е сторител на некој злостор, не значи дека сторителот не постои. Тоа што не знаеме каде е скриено златото од некој потопен брод, не значи дека тоа и го нема. На некаков тешко разбирлив начин, луѓето тука одбиваат да го видат она што е сосема недвосмислено пред нив. Ако во онаа бајка голиот цар го гледаа како да е во најубави алишта, овде во богато облечениот цар сите го гледаат само голото човече! Како кога некој авторитет јавно би рекол дека најголема глупост е да се верува оти дождот врне од облаците, зашто никој не може да каже кој е тој што ги прави облаците! Време е да сфатиме дека дождот врне токму од облаците, без оглед на тоа што никој не го идентификувал нивниот творец!
Да земеме за пример некој голем оркестар, Бостонска или Скопска Филхармонија, сeедно. Да претпоставиме, натаму, тој да изведе едно музичко дело, но без диригент. Ако меѓу слушателите на еден ваков концерт претпоставиме некој што е сосема неинформиран во музичките работи, тој би бил крајно збунет. Фактот што 60 музичари свират во голем број различни инструменти, и што при тоа, резултатот е, до секој поединечен тон, несомнено компактно музичко остварување, тој би можел да го објасни само со воведување некаков концепт на еден вид претходна вежба. Така би дошол нужно и до концептот на авторот на музичкото дело – композиторот, и до концептот на оној што ги обединува напорите на музичарите во музичката изведба – диригентот! Ваквата логички изнудена дедукција, би го обврзала да претпостави одредена претходно постоечка активност, за воопшто да може да го разбере она што сега го сведочи со свои очи и свои уши. Претпоставката дека на манифестната стварност – музичкиот перформанс – нужно ѝ претходела стварност која го подготвувала (инспирирала, конспирирала) сегашниот настан, за таквиот слушател би била апсолутно недвосмислена. И кога ние денес слушаме изведба на музички дела од композитори кои одамна заминале од овој свет, ние исто така нужно знаеме дека тие постоеле. Отсустен, невидлив, можеби одамна починат, композиторот е секогаш нужна премиса на секое музичко дело, секој концерт е нов доказ на претходно постоечката организирана идеја – композиција/ конспирација.
Во религијата, самата централна идеја на светот и на Господ е изградена со оглед на претходно апсолвиран постулат за конспирација! Светот е дело Божје, со многу непознати нешта, но без сомнение, до крај, до најситен детаљ, обмислено. Големиот Композитор, на овој свет, сфатен како вечна музичка партитура, нужно е претпоставен, иако не се појавува на сцената. Совршеноста на некои детали од изведбата, нивната синхронизација и хармонизација, сведочат дека во истиот таинствен лик нужно е вткаена и улогата на Големиот Диригент. Има ли пат кон Него? Може ли да се стаса макар до пред портите зад кои е дворецот Негов и самиот Тој!?
Кон што друго стремел и стреми секој голем религиозен мистик, теоретичар, теолог и теозоф? Сакајќи да му се предаде, да го запознае, да го разбере, да го почувствува Господ, зарем не го бара Големиот Диригент, Големиот Композитор, зарем не копнее по тоа да ја разбере својата партитура во таа безмерна, вонвремена симфонија создадена од Него!? Што друго посакува, морничаво, страствено, мистикот, испосникот, верникот, со својата вера, надеж и љубов, туку да ја открие Тајната Господова! Да проникне во Големата Конспирација!
Она што се гледа како заеднички именител за сите организирани форми на човечката систематска социјална активност е фактот на сеопштата увереност дека светот е загатка, дека таа загатка ја има својата одгатка, и дека, следствено, барањето решение е не само легитимно, туку е и највисока должност на суштество обдарено со мисла и страст.
Секој бара во согласност со своите капацитети и афинитети на истражувач. Луѓето од кругот во кој е Кастанеда, одбрале да го бараат тоа низ примена и усовршување архаични техники на екстаза! Мораш да излезеш од овој свет, за да влезеш во оној. Мораш да излезеш од себепривидниот, од оној кој не знае, за да влезеш во себе вистинскиот, во оној кој знае!
Карлос Кастанеда го прави токму тоа. Во делото „Окултното“ (Colin Wilson: the Occult, 1973), кое претставува енциклопедиска студија на големите, историски магови на окултизмот, Колин Вилсон констатира дека меѓу неколкуте вистински автентични истражувачи на вонемпириското искуство, и тоа низ екстатички техники, сега спаѓа она што го прави Кастанеда. А тогаш кога овие редови на К. Вилсон биле напишани, Карлос Кастанеда одвај им бил познат на неколку најблиски познавачи на оваа проблематика. Но, тој уште тогаш се издвојува не како употребувач на халуциногени и ексцитанси, туку како човек кој својот живот го насочил кон тоа максимално бескомпромисно да ги истражува сите патишта на екстазата, за со сета можна, колку инаку и да била кревка, сигурност, да се обиде да стаса до одгатката на Conspiratio Universalis!
Неговите десет книги се пораки од тоа трагање. Хронолошки проследени, тие наедно ја следат и хиерархиската структура на откривањето, односно, на светот. Само така можат да се најдат заедно, во ист тим, во ист ментален круг, филозофот, физичарот, теологот, шаманот.
Централните сознанија на тие резултати се длабоко под дескриптивното рамниште на раскажувачка проза низ каква, главно, до нас стасуваат пораките на Кастанеда.
Најнапред, во однос на големата загатка на сопствениот идентитет, од која почнува и со која завршува практично секој филозофски, но исто така и секој доследно проведен егзактен систем, Карлос Кастанеда внесува една радикална иновација. Тој не ја прифаќа тезата за меѓуиграта на нужност и случајност на некаква биолошка детерминација, во која еден од десетици милиони сперматозоиди се изборува за тоа да отпочне некаков нов живот. Во таквата констелација, смета Кастанеда, би останал сосема необјаснет персоналниот идентитет.
„Јас не сум репродуциран!“
Овој громогласен восклик, што одекнува над галактичките бездни, од кои сме, како што сакаат да нè убедат, случајно произлезени и во кои, пак без трага ќе се расточиме, е онаа Архимедова точка со која Кастанеда не само што го подвижува, туку го гради сопствениот ментален и психолошки универзум. Секој од нас е создаден низ интелигентен, кон некаква цел насочен, телеолошки обмислен процес. Во него дејствуваат незамисливо сложени, префинети, богати, но во основа, природни струења на процени, од анорганските, до високо етички, од индивидуалните, до универзалните, од оние на мигот, до тие што зафаќаат кон вечноста!

2018-08-21T17:22:15+00:00 август 1st, 1998|Categories: Есеи, Блесок бр. 04, Литература|