Богомилско движење и неговите импликации

/, Литература, Блесок бр. 15/Богомилско движење и неговите импликации

Богомилско движење и неговите импликации

Она што како прво и основно го детерминира односот кон религијата е времето на изградбата на црквите во овој крај. Според истражувањата на д-р Коста Балабанов во монографијата Комплексните проучувања на планината Бистра, односно Спомениците на културата и уметноста на станати од периодот од X до XIX век во поширокиот регион на планината Бистра, најстариот црковен објект е во селото Лазарополе: црквата Св. Ѓорѓи, чиешто зоографисување е завршено во 1751 год.19F Во сите останати села црквите се изградени во средината на XIX век. Во селото Галичник, црквата Св. Петка потекнува од крајот на XIX век, а централната Св. Петар и Павле е изградена во 1931 год.20F црквата Вознесение на Св. Илија во селото Селце е завршена во 1867 год.21F а Св. Петар и Павле во селото Тресонче е изградена во 1844 год.22F Во истото село црквата Св. Никола е зографисана во 1873 год.23F, а Св. Богородица во селото Гари, во 1856 год.24F Во селото Осој црквата Св. Ѓорѓи е зографисана во 1887 год.25F
Овие податоци сосема недвосмислено упатуваат на фактот дека Мијаците го негувале Христијанството, но во една сосема поинаква форма – преку Богомилството, односно во себе имале изградено свој личен однос кон религијата и Господ и воопшто не им биле потребни посредниците од институцијата – Црква. Затоа и црквите се изградени толку доцна, и тоа во периодот на континуиран притисок на Турската империја за муслиманизирање на покорените народи, односно во моментите кога јачината на Богомилската мисла почнала да попушта, а со цел и црквата да го намали притисокот за муслиманизирање.
Постоењето на манастирот Св. Јован Бигорски, континуирано од XI век па до денес, воопшто не претставува негација на јачината на Богомилската мисла во Мијачкото племе. Неговиот настанок, барем онолку колку што нè известуваат досега пронајдените пишани документи, не е поврзан со историјата на ова племе; во времето на Турската окупација, црквата имала силно позитивна улога во развивањето на националната свест, а воедно и во отпорот кон муслиманизирањето, така што истиот станува центар на религиозната и национална самосвест на ова племе.
Фактот, што напротив, нè води до сликата за јачината на Богомилството во ова племе, е постоењето на еден специфичен простор во речиси секоја куќа – параклис. Тоа е мал, издвоен простор, што служи за лична молитва. Издвоен од погледите на другите луѓе, осамен, човекот сам го поставува и го развива својот однос кон Господ. Првиот параклис е изграден на гробот на поп Богомил, и, по негов углед и сеќавање на нивниот прв водач, понатаму е сместуван во домовите. Освен тоа, она што Богомилите го прифатиле според Матеевото евангелие, е препорачаната „скришна“ соба за молитва во нивните куќи, бидејќи не ги почитувале Храмовите Божји како место за молитва, ниту сметале дека им се потребни посредници за духовното обраќање кон Господ. Многу долго, параклисот бил просторија без никакви знаци и обележја, а особено икони, коишто Богомилите не ги почитувале, за во последниот век, со прифаќањето на православјето, во нив да почне поставувањето на икони.
Она што е посебно интересно и вреди да се истакне е дека освен во куќите на Мијаците, параклисот ретко се сретнува во Македонската традиционална куќа, освен во некои делови на Западна Македонија, каде што и делувањето на Богомилството најдолго опстојало низ виорите на средновековниот период и Турското владеење. Тоа е уште еден податок којшто ни укажува на јакото влијание што го имало Богомилството во развојот, дејноста, духот и културата на ова племе.
Исто така, интересно за анализа е Мијачкото знаме. За досегашното толкување на неговата симболика веќе стана збор. Фактот што најјако ја негира поставената теза на толкувачите, за употребени симболи на поробувачите на овој крај, на аглите на знамето, е поставеноста на месечината со краците нагоре. Овој симбол е чисто Богомилски и нашол свое место на знамето на Мијаците, со што тие ја покажуваат и нагласуваат својата припадност. Многу подоцна, Турците го превземаат знакот, го модифицираат и го поставуваат на своето знаме, како знак на нивната национална припадност.26F

#3 Мијачко знаме

Сите овие елементи речито говорат и ја потврдуваат поставената теза за јачината на Богомилската мисла, која со векови го продуховувала живеењето и делувањето на ова племе. Својата одреденост кон Богомилството, не само што ја преточувале во своето творештво, туку често и ја нагласувале, како на пример, на знамето. Чувствувајќи ги сите позитивни влијанија што ги носи негувањето на оваа религија (а можеби многу повеќе социјално движење), Мијаците нашле свој особен начин да ги материјализираат малкуте почитувани симболи.
Посебната склоност на Мијаците кон уметнички занаети – зографството, резбарството и градителството – се должи на долговековното прифаќање на движењето на Богомилите, што доведува до раскинување на стегите што ги наметнува институцијата Црква, а со самото тоа и ослободување на личноста и нејзините највисоки креативни и интелектуални потенцијали. Затоа и најјакото, суштинско влијание на развојот на креативните и високо интелектуалните способности на Мијаците, го наоѓаме во движењето коешто, ослободувајќи ја единката, остава можност за развој на нејзиниот длабок внатрешен потенцијал. Потврдата на оваа теза ја наоѓаме во многу елементи од материјалните споменици. Длабоко вкоренето во нивната бит, ова движење, оваа религија, остава траги во секој елемент од нивното творештво, и покрај временската дистанца од настанокот и неговото активно делување. Во суштина, материјалните докази покажуваат дека во ова племе се задржало многу подолго отколку каде било на друго место и веќе станало дел од нивниот начин на размислување и живеење, односно во голема мерка ја одредило нивната бит.

#b

19. Балабанов К.,Комплексните проучувања на планината Бистра, Споменици на културата и уметноста на станати од периодот од X до XIX век во поширокиот регион на планината Бистра, стр. 80
20. Балабанов К., Исто, стр. 79
21. Балабанов К. Исто, стр.79
22. Балабанов К. Исто, стр.71
23. Балабанов К. Исто, стр.74
24. Балабанов К. Исто, стр.72
25. Балабанов К. Исто, стр.72
26. Матковски А., ГРБОВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА, стр. 62

2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 15|