Богомилско движење и неговите импликации

/, Литература, Блесок бр. 15/Богомилско движење и неговите импликации

Богомилско движење и неговите импликации

Крајот на IX и почетокот на X век е означен со крупни промени во општествената структура на Македонските Словенски племиња. Во тоа време, територијата на македонските племиња влегува во состав на моќната феудална држава на Бугарскиот цар Симеон (823-927). По завладувањето, за да ја задржи власта, како и заради можноста за побрза и поефикасна експлоатација, и на овој простор е проширена воено-административната поделба, каква што веќе постоела во Бугарското царство. Тоа значело и забрзано распаѓање на родовските општини. Во овој процес била вклучена и црквата, која добивала поседи како подарок од владетелите. Така црквата почнала да станува една од најјаките феудални институции. Како крупен големопоседник, таа застанала на страна на монархијата, во одбрана на вака поставениот општествен поредок.
Околностите во кои се нашле Македонските Словени, посебно се влошиле во средината на X век, за време на владеењето на царот Петар (927-969), кога нагло биле зголемени даноците за големиот воено-административен апарат, кога ги завршил своите освојувачки походи.1F Во едни такви критични историски услови, се појавува силно народно движење, за верско и политичко ослободување – Богомилството. Во основа тоа претставува религиозно учење кое за своја база ги има дуалистичките еретички учења.

1. Карактеристики и симболика на Богомилството

Религиозната основа на која настанало Богомилството е Христијанството, во неговиот изворен облик. Богомилите за себе велеле дека се „крстјани“ и за Христос имале извонредна почит. Тргнувајќи од ставовите од почетоците на Христијанството, тие сметале дека за поединецот да му се обрати на бога, не му се потребни посредници – луѓе од црковната институција, кои веќе биле длабоко огрешени во лакомоста и неморалот, ниту пак е неопходен црковен објект. Тие, во почетокот, своите проповеди и нивните духовни покрстувања, ги изведувале најчесто на отворен простор во близина на селото, односно градот.
Во почетокот на X век веќе се појавуваат и првите пишани документи кои зборуваат за почетокот на Богомилството. Тоа е една листа анатеми од провинцискиот синодик на православието, донесена помеѓу 912 и 925 година, за време на патријархот Никола. Во речиси исто време се појавува полемиката на Јован Егзарх, со дуалистичките еретици. Овие документи ги поткрепува и житието на Св. Климент, во кое се зборува за „лошата ерес“ во охридската област, по Климентовата смрт.2F

И покрај ваквата основа на нивното учење, тие го отфрлиле Христијанскиот монотеизам, а го прифатиле теолошкиот дуализам. Според нив целиот видлив и материјален свет е создаден од двата бога, богот на светлината и на темнината, на доброто и на злото, кои паралелно постојат во светот и во секого од нас. Со светот владее постојаниот двоен принцип на создавањето и на уривањето. На тој начин тие ја објаснувале и социјалната неправда, постоењето на богатите феудалци и црквата и сиромашното закрепостено селанство. „… Да му се рече на светот од ‘светиот феудален строј’ дека ‘не е создаден од бога’, туку од ‘Ѓаволот’, дека во него нема ‘света вистина’, туку ‘вечна борба’… во која ‘слепи фарисеи’ ја задушуваат вистината на ‘словото божје’, дека човекот не треба да верува, туку треба да мисли… дека има смисла човекот да живее, да има висок и совршен идеал – борба со сето што е од ‘сотоната и од сотонско потекло’, но не само во самите нас, туку во прв ред во општеството, во општественото устројство, во општествениот живот… дека светот на господарите и болјарите е светот на ‘сотоната’ и треба да пропадне и дека само светот на слободата и еднаквоста на ‘децата божји’ е свет што треба да се извојува. Во темната средновековна ноќ, во времето на ‘светата тишина’, во часот кога и нашите православци на изгубеното и уништено човечко суштество му го закопаа длабоко и разумот и свеста… – во тој час и низ таа ноќ, мистично мрачниот дуалистички збор екна и најмногу возможно човечки, навистина епохално историски.“3F
Отпрвин како верско-опозициона секта, Богомилството ги мобилизирало народните маси во борба против сè појакото феудално поробување. Тивкиот и прикриен револт, се претворил во отворен и бурен протест, па движењето се претворило во вистинско социјално реформаторско движење со отворени стремежи за промена на општествениот поредок, при што најизразено било нивното барање за „укинување на сите општествени установи што ги водел феудализмот.“4F
Најважното еретичко жариште на Богомилството, воедно и првата црковна општина, била во Македонија, во областите кои ги населувале племето Драговити. Од тука Богомилството било пренесено во целото Повардарие, потоа на целата територија на Македонија, а од тука било проширено во Бугарија, Србија, Босна, а поминало и во Италија, Франција и некои други земји. Многу длабоки траги остава дуализмот во градовите на Северна Италија и Јужна Франција, каде што станал идеал на граѓанството. Во Италија дуалистите се познати како Патарени, а во Франција – Катари, со тоа што и едните и другите ја сметале Драговитската Богомилска општина за своја матица.5F
За нивното влијание на развојот на дуалистичките движења, како и за нејзините врски со новооформената еретичка црква во Италија и Франција, но и за организацијата и функционирањето на Богомилската црква на Балканот, едно од најзначајните сведоштва представуваат актите на Катарскиот собор одржан во 1167 година во Сан Феликс во Караман, близу Тулуз, во Франција. На овој собор председавал папата Никита од Цариград, приврзаник на еретичката црква од Драговитија, а од одлуките на овој собор се познати „седумте цркви на Азија“, меѓу кои се споменуваат “ecclesia Romanae, Dragumetae, Meliguae, Bulgariae I Dalmatiae”.6F
Врз основа на достапната литература, според Драгојловиќ, може да се докаже вистински континуитет во развојот на Богомилската ерес, од почетните рудиментарни форми до потполно автентична и теолошки заокружена целина, меѓутоа и вистинска хронолошка врска помеѓу временски одвоените вести, од почетокот на X, па сè до средината на XV век, само во Македонија, во областите каде што живееле Македонските Драговити. Во останатите делови на Балканот и Мала Азија, се појавувало повремено, прекинувано повеќепати со подолги периоди на затишје.7F
Она што за нашето понатамошно истражување е многу интерсно, е симболиката која ја употребувале Богомилите, како и остатоците во материјалната култура, обичаите и верувањата, кои можеме да ги сретнеме и денеска.

#b
1. Стојановски А. Д-р, Катарџиев И. Д-р, Зографски Д. Д-р, Апостолски М. Д-р, ИСТО, стр.24
2. Драгојловиќ Д., ПОЧЕЦИ БОГОМИЛСТВА НА БАЛКАНУ, стр.20
3. Рацин К., ПРОЗА И ПУБЛИЦИСТИКА, БОГОМИЛИТЕ, стр. 146
4. Рацин К., Исто, стр. 146
5. Драгојловиќ Д., ПОЧЕЦИ БОГОМИЛСТВА НА БАЛКАНУ, стр.20, Рацин К., ПРОЗА И ПУБЛИЦИСТИКА, БОГОМИЛИТЕ, стр. 146
6. Драгојловиќ Д., Антиќ В., БОГОМИЛСТВОТО ВО СРЕДНОВЕКОВНАТА ИЗВОРНА ГРАЃА, стр.25
7. Драгојловиќ Д., ПОЧЕЦИ БОГОМИЛСТВА НА БАЛКАНУ, стр.28

2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 15|