Богомилско движење и неговите импликации

/, Литература, Блесок бр. 15/Богомилско движење и неговите импликации

Богомилско движење и неговите импликации

2. Импликациите на Богомилството

2.1. Развој на фрескоживописот во Македонија

Богомилското движење, со својата длабоко-народна, верска, и политичка програма станало многу масовно, меѓутоа не било во состојба да го оствари својот политички идеал – прахристијанското општество на еднаквост. Во тогашните недоволно развиени општествени услови, тие можеле да ја развијат само својата културна дејност, која оставила траен печат на севкупното понатамошно творештво. За влијанието на Богомилството врз народниот бит, Рацин16F го напишал следното: „Нашата народна култура, нашиот богат народен фолклор, неисцрпната ризница на нашиот народ низ многувековното искушение – повеќе се дело на Богомилството, одошто од влијанието на православјето… Има ли во нашето народно минато повозвишена појава, повозвишен идеал и посветла цел, но што е Богомилската? Колку луѓе и денеска се напојуваат од него, мислејќи дека се опираат врз најдобрите народни традиции, иако можеби и не знаат колку е тоа длабоко народно, истовремено и суштински Богомилско“.
Неоспорна оставнина на Богомилството е борбата за духовно ослободување од црковните авторитети и од идејата за непроменливоста на општествените односи. Поттикнувањето на идејата за личниот однос кон Господ, исклучувањето на посредниците – свештеници и попови, претставува стремеж кон јакнењето на индивидуалноста на личноста, на нејзината снага да создава и да живее без стегите на духовната зависност од Црквата. Тоа во суштина е и ортодоксниот прахристијански идеал, за кој дознаваме преку евангелијата, а посебно преку гностичките евангелија на останатите осум апостоли чии записи не се вклучени во Новиот Завет и евангелието по Марија Магдалена. Јакнењето на индивидуалноста и организирањето отпор против експлоатацијата, црковна или феудална, претставува чин, преку кој индивидуата станува свесна за својата можна активна улога во светот.
Во исто време со разнишувањето на стегите, со чија помош во средновековието поредокот опстојувал, се развиваат креативните и интелектуални потенцијали на поединецот. Длабоко-човековите потреби за слободно живеење и работа, го наоѓаат својот потстрек во Богомилството. Стигнувајќи до најшироките народни маси, борејќи се за нивното достоинство, Богомилството претставува основа за понатамошни духовни, културни и политички револуции, не само на нашиот простор, туку и многу пошироко во Европа, преку дејноста на Катарите и Патарените. Различниот поглед на светот, спротивставен на доктрината на официјалната црква, овозможува основа за развој на мислата и стремежите на луѓето отелотворени преку можеби најголемата културна револуција на постхристијанското време – Хуманизмот и Ренесансата.
Добро познати ни се расправите за појавите и причините кои се основа за развојот на хуманизмот и ренесансата, меѓу кои основната е во широкото граѓанство отворено прифатениот дуализам на катарите и патарените, а со самото тоа се поставува Богомилската мисла како основната иницијација на развојот на слободната граѓанска мисла, односно како нејзин вистински дострел – неслутениот развој на науката и уметноста.
Токму затоа, воопшто не изненадува податокот дека единствените слики кои што претставуваат претходница на Ренесансните слики, според општо прифатените византолошки и средновековни расправи, се настанати токму во Македонија, во колевката на Богомилската „еретичка“ мисла – фреските Оплакувањето на Христ – познатата Пиета во црквата во Нерези од XII век – 1164 год., како најизразити претставник на новиот дух во живописот во Македонија и останатите фрески од таа црква, како фреските од црквата во Курбиново, исто така од XII век – 1191 год.
За овие дела на нашите непознати зографи Димитар Ќорнаков напишал: „Тоа што можела и не го сторила Византија, го создале нашите зографи, во нашите македонски средновековни цркви и манастири. И додека во византиската средновековна уметност има претстави со смирени изрази на ликовите, без нагласени гестикулации и чувства, нашиот зограф ги надминал тие рамки и на своевиден начин ја искажал човековата драма со бол и тага, на начин кој не му бил својствен на неговите претходници…“.
Анонимниот, но затоа, по своите квалитети, голем зограф се определил за она што е суштинско. Имено, поворката која го пренесува Христовото тело, зографот ја „сопрел“ во моментот кога Богородица паѓа на колена, оставајќи ги неприродно разделените нозе; тоа е она коешто во Византија никаде не се јавува; и така во скутот го држи мртвото тело Христово, прегрнато и му го целива лицето… Пред Нерези, ниту еден сликар не успеал да створи толку големо дело.17F
Анета Светиева, бележејќи ја дејноста на нерешките мајстори и јачината на нивното дело, вели: „Маските од Света Софија овде се тргнати; покажан е набојот – немирот на живите луѓе. Светософиското надреално, го губи предзнакот: станува реално. И светителските лица се разновидни, лични, особени. И Христовото тело е поинакво, дури влакнесто. Ако драматичноста и реализмот се носачи на предренесансата, тогаш нерешкиот мајстор им претходи цел век…“.
Византологот Габриел Мие, уште во далечната 1916 година, осознавајќи ја посебноста на сликарството во Македонија, нарекувајќи ја сликописна ризница од општо Византиско значење, го воведе поимот „македонска школа“. Нејзината поставеност iuxta глобалните богословски одредници диктирани од престолнината, новите научни сознанија ја прават уште појасно согледлива.18F
Дури во последната деценија на 20-тото столетие, многу скромно и срамежливо, се појавува претставата за значењето на Македонските фрески во општиот развој на дводимензионалната ликовната уметност во светски рамки. Веројатно ќе ја најдеме снагата, но и валидните аргументи за да ја окарактеризираме со местото што навистина го заслужува – не претходница, но вистинскиот почеток на Ренесансата.
Таа тоа и го заслужува со снагата на елементите и со уметничкиот израз којшто го носи во себе. Тоа е и реалната консеквенца на револуционерната Богомилска мисла, која со бројноста на своите следбеници на нашите простори, но особено со јачината на својот однос кон општествните прилики, како и кон поединецот и неговата внатрешна снага, широко ги отвора вратите за да може да се размавне креативноста на поединецот, ослободена од душевните стеги, но и од општо прифатените тогашни византиски канони.

#b

16. Рацин К., ПРОЗА И ПУБЛИЦИСТИКА, ДРАГОВИТСКИТЕ БОГОМИЛИ, стр. 110-111
17. Ќорнаков Д., ОД ПРВИОТ ГРЕВ ДО СТРАШНИОТ СУД, Матица Македонска, Скопје, 1999, 47-49
18. Светиева А., МАКЕДОНИЈА, КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, СРЕДЕН ВЕК, Мисла, Скопје, 1995, 115-121

2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 15|