Богомилско движење и неговите импликации

/, Литература, Блесок бр. 15/Богомилско движење и неговите импликации

Богомилско движење и неговите импликации

2.2. Развој на уметничките занаети кај Мијаците

Кога се зборува за уметничките занимања во овој крај, се наметнува констатацијата дека се работи за една исклучителна појава, којашто е длабоко вкоренета во нивното битие. Затоа може и да се зборува за карактеристиките – особина, вештина, кои со векови наназад се пренесувани на генерациите кои доаѓаат, најчесто во рамките на фамилијата. Разгледувајќи ги нивните остварувања, посебно во периодот на XVIII и XIX век, неминовно се наметнува констатацијата на неговата посебност, односно исклучивост, во однос на остварувањата на тајфите од останатите краишта.
Мијачките градители се основоположници на градителството и традиционалната куќа на јужниот дел на Балканскиот Полустров и источниот дел на Мала Азија. Потеклото на градбата е од искуства кои се создавале на овие простори (материјал, конструкција, начин на градба), организацијата се потпира на индивидуалните потреби на корисникот и воопшто на менталитетот на луѓето од овие простори и не е оптоварена со туѓи искуства, а обликувањето е изворно и има сопствен идентитет. Градителството, како и останатите уметнички занаети, резбарството и зографството, се појавуваат и се развиваат врз база на сопствени, длабоки, внатрешни потреби и развој на индивидуалната, слободна креативна снага на поединецот, неоптеретени со законите на уметничкото и градителско творење на даденото време. Истражувајќи ги дострелите на оваа архитектура, во компарација со останатата традиционална архитектурата на наведениот простор, иманентни и` се карактеристики кои ја издвојуваат, посебно заради нејзините можности да се прилагодува и да се трансформира, а во суштина да не го изгуби својот сопствен идентитет. Овие карактеристики говорат за посебната улога што ја имаат Мијачките градители Преку својата градителска дејност; тие, во суштина, поставуваат еден специфичен објект, прилагоден на климатските и географските услови, како и на традициите на местото и потребите на луѓето. Иако е постојано користена истата градителска постапка, во оформувањето на конструкцијата и на објектите воопшто, во Мијачкиот крај обработката на материјалите е доведена до совршенство, па е создаден еден сосема карактеристичен објект. Посебно треба да се одбележи креативниот набој на градителите, коишто секој елемент поединечно го доведуваат до совршенство, исто како и целината на објектот.
Мијачките градители, преку печалбарството и преселбите, ги пренесуваат своите градителски искуства на целата територија на Јужен Балкан и Мала Азија. Во сите краишта каде што тие дејствуваат, иницираат развој на градителството и уметничките занаети кај локалното население, па тие стануваат центри на развојот на градителството и уметноста воопшто.19F
Трагајќи по корените на длабокиот и исконски однос на Мијачкото племе кон уметничките дејности – резбарството, градителството и иконописот, неопходни се навраќањата на главните историски случувања и миграции на ова племе. Словенската религиска основа којашто во вид на архетипска матрица длабоко е врежана во свеста на единката и постојано е проткаена во помала и поголема мерка во творештвото на сите племиња.
Меѓутоа, она што најдлабоко и најсуштински го одредува битот и дејноста на ова племе несомнено е Богомилството. Иако се работи за една временска дистанца од неколку векови, сепак се работи за длабочината на прифаќањето на Богомилската мисла и нејзиното суштинско вкоренување во основната бит на племето. Должината на периодот во којшто племето живеело и егзистирало според неговите основни поставки, како и длабочината на прифаќањето на неговата мисла ќе ја претстави натамошната расправа.
Појавата на Богомилството е поврзана со племето на Драговитите, од каде што потекнуваат Мијаците. Бититето на ова племе, неговиот стремеж за слобода и интегритет, се основните карактеристики коишто го даваат не само почетниот иницијал за развојот на Богомилството, но и суштински се поврзуваат со неговата дејност и постулати. Многу скоро по првите искричави појави, движењето во ова племе е масовно прифатено. Сите автори коишто ја обработуваат темата на Богомилството истакнуваат дека тука настанува првата организирана црковна општина, а особено дека Драговитската црква е најјаката црковна општина на Богомилите, со особено изразено влијание што таа го има на останатите Богомилски општини на Јужните делови на Балканот (а, како што видовме, и во ширењето и организацијата на ова движење во Италија и Јужна Франција). Несомнено е дека сето ова остава длабока и неизбришлива трага во животот и верувањата на ова племе. Следејќи го силно изразеното чувство на индивидуалност, посебност и самобитност и постојаното стремење кон вистинските вредности, карактеристики коишто јасно го одвојуваат од останатите околни племиња, а посебно склоноста кон уметничката дејност, посебно мајсторското градителство, недвојбено доаѓаме до фактот дека само еден доволно јак философско-религиски систем, длабоко втемелен во битисувањето на ова племе може да има толкава движечка моќ.
Основните постулати на Богомилското движење – неговото суштинско навраќање кон основните идеали на Христовото учење, еднаквоста на секој поединец, не само во однос на религијата, туку и во секојдневното живеење, неприфаќањето на догмите на црквата, а посебно неприфаќањето на хиерархијата властелин – закрепостен, не само што го даваат основниот иницијал, туку се и најјакиот двигател во постојаното трагање и јакнење на сопствената самобитност на ова племе. Со цврстата организација на Богомилската црква во рамките на ова племе и со нејзиното континуирано делување, посебно ја зајакнува длабоката индивидуалност, слободниот дух и постојаното стремење кон вистинските вредности, т.е. она што особено го карактеризира уметничкото творештво. Константниот отпор против догмите на црквата, а особено против закрепостувањето, особено ги зацврстуваат овие карактеристики на племето коешто со векови нанапред го задржува племенското уредување.
Единственото јако и широко прифатено револуционерно движење од тој период, со неговата не само религиозна, туку и длабоко социјална програма го оформува битот и делувањето на племето, но и на секој поединец.
Во историјата и во традицијата, како и во многу елементи на творештвото на ова племе, можеме да го најдеме континуираното влијание и суштинско поврзување со основите на Богомилското движење. Нивната миграција, односно изборот на просторот за организацијата на селата во најнепристапните краишта на Западна Македонија, сигурно не е случаен. Поставеноста на централните села така да се видливи само во моментите кога непосредно се пристапува до нив, односно природната заклонетост, како и пристапноста исклучиво по тесни коњски патеки, во средновековното феудално општество овозможува ова племе да го задржи племенското уредување и слободно да ја развива својата дејност.

#b

19. Шерденковска М. ВЛИЈАНИЕТО НА МИЈАЧКИТЕ ГРАДИТЕЛИ ВРЗ РАЗВОЈОТ НА ГРАДИТЕЛСТВОТО И ГРАДБАТА НА БАЛКАНОТ И МАЛА АЗИЈА, Зборник, Музеј на Македонија, Скопје, 2000

2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 15|