Богомилско движење и неговите импликации

/, Литература, Блесок бр. 15/Богомилско движење и неговите импликации

Богомилско движење и неговите импликации

Своето непочитување на храмовите како „Домови Божји“, го темелеле на Матеевото Евангелие (6.6), во кое како место за молитва (според македонскиот превод), се препорачува „скришна соба“ во нивните домови.8F Сведоштвото за постоење на молитвени простории наоѓаме во легендите за поп Богомил, според кои неговото родно место е селото Богомила, во чија близина се наоѓа и неговиот гроб, каде бил изграден параклис, кој на Богомилите им служел како молитвен дом.9F
За симболиката која ја користеле Богомилите имаме повеќе сведоштва. Првото известување го наоѓаме кај Александар Матковски10F, кој ги наведува заклучоците до кои дошол Александар Соловјев11F, дека на Богомилските надгробни споменици многу чест симбол е младата месечина, чии краци се поставени нагоре, а помеѓу нив е поставена ѕвезда. Оваа симболика нема ништо заедничко со Турскиот симбол. Соловјев ја објаснува иконографијата на Богомилите, односно длабокото симболичко значење што го изразуваат сонцето и месечината, кои биле сметани за небески кораби, т.е. „за живеалишта на душата на праведните пред заминувањето во рајот“.12F

#1Знакот на богомилите, месечина со ѕвезда со краци завртени нагоре

#2Знакот на богомилите аплициран на порта на куќа во с. Кракорница13F

Д-р Милош Константинов, во својот фељтон во весникот Нова Македонија14F, користејќи ги податоците до кои дошол авторот Антон Глогов, во својата книга „Богомилското учење и историјата на Богомилството“, вели дека симболот кој го почитувале Богомилите се две вкрстени елипси, под агол од деведесет степени. Вертикалната елипса ја симболизира силата на создавањето, додека хоризонталната – силата на разурнувањето. Овој симбол немале право на себе да го носат ниту првосвештениците, како што немале право да носат други симболи или украси. Единствено нешто по кое се разликувале од останатите свештеници е тоа што носеле црвено расо, наместо црно, и имале жезол, со украс во вид на сонце на неговиот врв. Без жезолот не се движеле никаде и во никое време.
Многу различна е облеката што ја носат оние лица кои се наоѓале на чело на сечовечката екуменска заедница. Таа е доста сликовито, но непрецизно опишана. Во секој случај ја одразува симболиката која ја користеле Богомилите. Таа личност во секое време, преку својата облека, требала „да го одразува блесокот на сонцето, нежната светлина на месечината, трепкавите ѕвезди и синилото на небесните височини, како и прекрасните зеленила на земјата“.
На обичните Богомили им било забрането да носат какви било украси и накит. Меѓутоа, постоело одликување, кое што се доделувало на поединци за вонредни заслуги, во вид на ланче на кое било прикачено парче бигор. Ова одликување тие можеле да го носат само во текот на петте „мртви дни“, кои, според Богомилскиот календар, поделен на триесетишестдневни месеци, остануваат на крајот на годината. Овие пет дена, како и останатите шеесет неработни дена од шестдневната недела, Богомилите им ги посветувале на силата на создавањето.
Драгољуб Драгојловиќ15F, изнесува податок според Евтимије Периблепта, дека „овие безбожници, фундијати или богомили, не ги почитуваат иконите, но дека куќите во кои ги одржуваат молитвените обреди, однадвор и одвнатре ги зографисуваат и украсуваат“.
Во поглед на симболиката со која што ги илуминирале своите ракописни евангелија, дадени се податоците од Козма Презвитер. Полемизирајќи со учењето на Богомилите, тој пишува дека тајната на евхаристијата ја создал самиот Господ и дека таа преставува „суштествено тело“ Христово, а не неговиот образ, кој еретиците симболички го преставувале во Матеевото евангелие со ликот на херувим, во Марковото со ликот на теле, во Лукиновото со ликот на лав, а во Јовановото со ликот на орел.

#b

8. Драгојловиќ Д.,БОГОМИЛСТВО НА БАЛКАНУ И У МАЛОЈ АЗИЈИ, стр.132,174, СВЕТО ПИСМО, Свето Евангелие според Марко, 6.6.
9. Ангелов Д., БОГОМИЛСТВО, стр.107, Панов Б. СРЕДНОВЕКОВНА МАКЕДОНИЈА, книга 3, стр.250
10. Матковски А., ГРБОВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА, стр. 62
11. Соловјев А., Постанак илирске хералдике и породице Охмучевиќ, стр. 101
12. Драгојловиќ Д.,БОГОМИЛСТВО НА БАЛКАНУ И У МАЛОЈ АЗИЈИ, том 2, стр.315
13. според Славко Брезовски, Реканска куќа, БИГОСС, Скопје, 1993
14. Константинов д-р М., ЕТНОЛОШКОТО ВО БОГОМИЛСКОТО ДВИЖЕЊЕ
15. Драгојловиќ Д., БОГОМИЛСТВО НА БАЛКАНУ И У МАЛОЈ АЗИЈИ, том 2, стр.88

2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 15|