ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

/, Литература, Блесок бр. 144/ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

– А ти остани, остани – заповедно му рече гробарот на Иван Петров, кога и тој се обиде да стане. – Еве, и Софка ќе остане, рано ти е да си одиш. Имам уште цело шише, непочнато.
Иван Петров сакаше да ја одбие поканата, но погледот му падна на девојчето.
Му се виде уште поубава. Имаше нешто во неа – и тој не можеше да каже што. Се напрегаше, се сети на некои стари вицови, изнакажа еден куп глупости, само и само да ја слуша како се смее.
Малку пред квечерината и таа стана.
– Треба да си одам – рече. – Од Костинброд сум, ќе го пропуштам автобусот. И на детето му се спие.
– Не е точно! – викна Паунчо некаде зад бараката. – Не ми се спие! Кажи ѝ бе, чичо Христо! Кажи ѝ дека не ми се спие!
Гробарот ништо не рече.
– Јас ќе ве испратам – се исправи и Иван Петров. На свое изненадување, стоеше цврсто на нозе. – Ако ми дозволите, де.
– Ти дозволува, ти дозволува – одговори Христо наместо неа.
Младата Ромка го соблече портокаловото елече и го напика во чантата.
Тргнаа.
По нив одеше момчето, уште налутено. Одвреме-навреме го слушаа како мрмори:
– Кажи им бе, чичо Христо! Кажи им!
Кошулата на Иван Петров одамна се беше исушила и сега празнично светеше под косите зраци на сонцето што заоѓаше.
– Брзаш ли многу?
Софка заниша со главата.
– Тогаш дојди да те однесам до моето место. Многу е убаво, ќе видиш. Најубаво во целите гробишта.
Девојчето послушно тргна по него.

Земјата беше топла и опојно мирисаше. Иван Петров имаше чувство како липата повторно да процветала. На најниските гранки, како фантастични плодови, висеа нивните облеки и гробишниот ветрец занесно ги лулаше.
Со главата на неговите гради Софка дишеше длабоко и рамномерно, небаре спие.
– Се умори ли? – Иван Петров ја помилува по косата.
– Малку.
– Да бев десет години помлад, немаше да те оставам да мигнеш цела ноќ.
Очекуваше да се насмее, но таа ништо не рече.
– Е, не беше ни толку лошо, нели? Сепак, можам да ти бидам дедо.
Софка продолжуваше да молчи.
– Покрај тоа и пиев. А и оваа горештина…
Ромката ја крена главата. Во полутемнината очите ѝ блескаа, дали од радост или од нешто друго, Иван Петров не можеше да процени.
– Мене ми се допадна. Дури и многу – рече таа најпосле.
– Ајде, тргнувај, да не го испуштиш автобусот. Каде ти е Паунчо, да не го изгубиш?
– Нема, нема, не е игла, па толку лесно да се изгуби. Тука е некаде.
Софка стана и едно по едно почна да ги зема деловите облека од липата. Иван Петров продолжуваше да лежи. Се чувствуваше потполно изнемоштен, но не смееше да си признае. А сакаше уште малку да одмора. Кога таа беше сосема готова, и тој почна да се облекува.
– Дома сигурно те чекаат?
– Ме чекаат.
– Да не те тепа мажот ти зашто си задоцнила?
– Нема. Тој не е таков.
Иван Петров го закопча коланот на панталоните и од задниот џеб извади дваесет лева.
– Земи.
Ромката се стаписа, не посегна да ги земе.
– Земи, земи. За детето.
– Нема. Не сакам.
– Земи бе, девојче! Не се за тебе! За Паунчо се!
Таа нерешително ги прибра парите.
– Чичо Христо ми забрани да ти земам пари. Ако разбере…
– Нема да разбере.
– Ти си добар човек, чичко Иван.
Иван Петров се насмеа.
– Едно време жените ми велеа дека сум убав маж. А не им паѓаше на ум да речат дека сум добар човек.
– Многу жени ли си имал?
– Многу – излажа Иван Петров. – Не им го помнам бројот. Но како тебе никоја не била.
Софка се вцрвени. Во секој случај пак ништо не рече.
Однекаде се појави Паунчо, ѝ се обеси на раката и почна да цимоли:
– Мамо… Мамо, ма… Мамо…
Дали видел сè, се зачуди Иван Петров.
– Јас наскоро може пак да наминам – рече неопределено тој. – Да си го надгледувам имотот. А и дома не се седи. Тука е посвежо.
– Дојди – кратко одговори Ромката. – Секој ден сум на работа. Во сабота – до ручек. Ќе те чекам.
Иван Петров се поколеба дали да ја бакне на разделбата, но се откажа. Смешно ќе беше да се однесуваат како вљубени – тој на негови години, па и таа со тоа дете… Можеби следниот пат. Можеби уште утре.
Тргна да излезе од сенката на липата, да ги испрати барем со поглед, но сенка веќе немаше. Немаше и жена со дете.
Беше се стемнило.

Превод од бугарски: Катица Гароска Ацевска
АвторЕлена Алексиева
2022-07-12T11:35:04+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 144|