ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

/, Литература, Блесок бр. 144/ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

Човекот безизразно зјапаше во него. На Иван Петров му текна, можеби не умее да чита.
– Нема такво – отсечно рече мажот по кусо време.
– Како така нема?
– Ами така. Тоа се од новите парцели, уште не се влезени во урбанистичкиот план.
– Значи, ме излажале.
– Зависи. – Човекот му го врати документот и замислено се потпре на лопатата. – Ако е за брзање работата, да речеме, имаш покојник за погребување, те излажале. Но ако не е, по неколку години ќе ја биде.
– А, не брзам, никако дури… – со олеснување одговори Иван Петров. – Тоа… како да ти кажам. Децата ми го подарија за роденден.
Човекот го погледна, цакна со јазикот и плукна.
– Кога е таква работата, ако сакаш ќе ти ја покажам. Нема да е точно тоа место, ама горе-долу таму ќе е. Не е далеку.
Иван Петров почна да го следи црниот маж.
Мажот сигурно чекореше низ тревата, ѓавол знае како се ориентираше, неговите огромни гумени чизми правеа патека по која Иван Петров ситнеше и одвај го следеше. На челото му изби пот, неговите танки градски мокасини сосема се избербатија. Пред нив, сред пустелијата, се извишуваше огромна, бујно раззеленета липа. Мажот со лопатата одеше право кон неа.
– Ете, тука некаде се паѓа.
Иван Петров се обѕрна.
– Таа липа, нели, нема да ја сечете.
– Штом не сакаш, нема. – Човекот се насмевна и во устата му блеснаа три расипани заби.
Обајцата се распиштолија под дрвото, врз влажната земја. Мажот пребаруваше низ палтото и извлече шише со ракија.
– Нà, да ти се врати душата.
Иван Петров отпи и ги стисна забите. Јака беше ракијата, домашна. Којзнае што имаше во неа и во чиј казан беше варена.
– Не е лошо местенцево – забележа. – Ич не е лошо. Летно време тука сигурно е голем раат.
Мажот ги крена рамениците и тој се напи и ја подаде црната рака.
– Христо. Гробар.
Иван Петров ја позеде и машки ја стегна.
– Иван Петров. Пензионер.
Двајцата поседоа така уште некое време.
– Имате ли многу работа?
– Имаме, што да немаме – одговори неопределено гробарот. – Луѓето си умираат, ние ги закопуваме. Кој како најде за сходно.
Иван Петров не го разбра последното, но си молчеше.
Црниот маж стана.
– Ајде, имам погреб. Ако сакаш, да те испратам донекаде, да не се изгубиш.
– Нема потреба. Сам ќе се снајдам.
– Ти си знаеш.
Се разделија кај осамениот багер. Иван Петров остана да си ја чисти калта од чевлите со една прачка, потпрен на синџирот од гасениците. Кога повторно го крена погледот, гробарот беше исчезнал.

Две седмици подоцна повторно го сретна таму, небаре си беа договориле средба.
– О, чичко Иван! Добро ми дојде!
На Иван Петров му стана незгодно.
– Јас просто така… Малку на прошетка.
– Нема ништо лошо во тоа – се насмеа Христо. – Имот е тоа, треба да се надгледува.
– А бе не знам имот ли е, не ли е… Но бидејќи не ми се седи дома.
– Ааа, имот си е, имот. Ова е имот на имотите. Што и да имал во животот, човек без гроб е како куче без синџир.
Иван Петров повторно не го разбра споредувањето на гробарот, но му се допадна. Треба да беше нешто во врска со душата. Во секој случај, убаво беше кажано.
Овој пат сам ја најде липата. Поточно, ја намириса. Таа само што беше расцутила и кога застана под неа, му се стори небаре врз главата му брмчи самиот град. Цел рој инсекти неуморно работеа околу него. Само тој, пензионерот, си беше заработил законско право на неограничен одмор.
За вечни времиња, му текна и сега таа идеја воопшто не му се виде страшна. Напротив, дури му стана и пријатна.
Иван Петров се истегна под дрвото и се загледа нагоре. Значи, тоа ќе го гледа еден ден, кога… Поточно, немаше да го гледа, се разбира, но сакаше барем да знае дека е таму. И таа опојна миризба. И животот што си врвеше и пет пари не даваше за него.
Тој ги затвори очите и по кусо време заспа среде меката, густа трева. Со рацете безгрижно прекрстени под глава.
Дојде август и децата заминаа на море. Жената на Иван Петров тргна со нив, да се грижи за внучето, па младите да имаат повеќе време за себе.
– Да им преседне одморот – забележа тој. – Те знам како се караш со снаата…
Жена му се навреди и додека не заминаа, не му проговори.
Ќерката исчезна на некаков театарски фестивал.
Иван Петров остана сам.
Летото беше во полн ек. Таква жештина градот одамна не паметеше. Меѓу пладне и среде ноќ температурата не се менуваше, само што сонцето не грееше, а преку ден пак печеше колку за десет сонца. Човек немаше како да се скрие, дури и клима-уредите се задушуваа. Единствено можеше да избега, уште да има каде.
На Иван Петров му беше добро кога е сам. Немаше потреба од друштво. Тие десетина дена, кога неговите ќе отсуствуваат, му беа дар од небото. Иако не само жегата однадвор, туку и однатре нешто како да го притискаше. Неколкупати го мереше притисокот – беше идеален, како на космонаут. Не му се гледаше телевизија, не му се јадеше. По долгите бессони ноќи внимателно се гледаше во огледалото и му се чинеше дека од ден на ден сè повеќе венее. Си повторуваше дека е поради горештината, но и самиот не си веруваше.
Беше се уплашил. Не многу, сосема малку.
Едно утро стана рано, се избричи, облече чиста кошула и повика такси до гробиштата.

АвторЕлена Алексиева
2022-07-12T11:35:04+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 144|