ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

/, Литература, Блесок бр. 144/ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

Додека да стигне до своето место, стана жива вода. Иако не беше уште девет, веќе печеше. Наоколу беше пусто, и багерот беше исчезнал, па Иван Петров си го спомена со извесна носталгија. Добар ориентир беше, солиден. Сега таму, на местото каде што стоеше, немаше ни трага. Не изгледаше ни дека некој нешто правел со него, но на Иван Петров тоа воопшто не му беше важно.
Седна под липата, наслушуваше. Тишина. Смртната бучава на движењето надвор од оградата не го вознемируваше. Над него се слушна птица – гласно, извикувајќи, па замолкна. По извесно време повторно се јави. Иван Петров не знаеше каква е, но му стана мило што не е сам. Поточно, беше сам, но среде други живи суштества. Не беше како да чмае по цел ден затворен во апартманот и да се чуди на која страна да фати. А тука различно се дишеше. Воздухот беше сладок, иако липите одамна беа прецветани. Му стана полесно. Се развесели. Одлучи малку да се раздвижи, но штом излезе од сенката на дрвото, се откажа.
Добро е што нема никој, си помисли, па откако погледа наоколу, си одбра едно местенце каде што тревата, за чудо, беше сè уште свежа, се испружи и ја потпре главата на една пенушка. Ете, имаше целосно оправдување, ако му е ќеф, тука да го помине цел ден. Не дека некој ќе му побара објаснување, но тој сакаше да биде подготвен, за секој случај.
При сета глупост да дојдам дури дотука на ова убиствено време – си размислуваше Иван Петров, – двапати поголема глупост би било да тргнам за назад точно сега, кога жегата во секој миг станува пострашна и пострашна. Не сум млад, треба да внимавам на здравјето. Особено што во последно време ич не се чувствував добро. Ми се случувало да тргнам кон дома и на сред пат нешто да ми се случи со срцето! И презадоволен од таа ем сосема разумна, ем мајсторски искривена аргументација, тој потона во блажена и заслужена дремка.
Го разбуди страшното чувство за нечие присуство. Замајан од сонот, ги отвори очите и навистина, на неколку чекори од него, клечеше мало голо Ромче, само со црвени шорцеви, гледајќи го љубопитно. Иван Петров се збуни, но така убаво се беше олабавил, што немаше сили да стане. Ромчето продолжуваше да зјапа во него, без ни малку срам.
– Кој си ти? – со мака изговори Иван Петров и во последен момент силно се проѕевна.
– Паун – одговори Ромчето сериозно.
– И што бараш тука, Паунчо?
– Чичо Христо рече да дојдеш.
Иван Петров конечно успеа да се исправи, се намести криво-лево и пак се оптегна на пенушката.
– Жалам, момче, но јас чичко Христо не го познавам.
Ромчето мислеше, мислеше, па повтори:
– Чичо Христо рече да дојдеш.
Иван Христов одеднаш се сети.
– Ама ти за Христо гробарот ли ми зборуваш?
Ромчето кимна со сериозен израз на лицето.
– А зошто подобро тој да не дојде? Јас сум возрасен човек, опасно е да се моткам на оваа жега. Ајде, бегај и кажи му дека тука го чекам.
Момчето не се помрдна од местото.
Извесно време обајцата со Иван Петров се набљудуваа молкум, потоа Паунчо треперливо рече:
– Чичо Христо рече да те доведам. Чичо Христо рече без тебе да не се враќам. Инаку ќе ме тепа.
– Добро, штом е така… Ти само не плачи. Никому нема да му дозволам да те тепа.
Паунчо веќе беше истрчал напред и на Иван Петров не му преостана ништо друго освен да тргне по него.
Пред една барака, покрај стара дрвена макара од оние на кои на времето ги мотаа каблите за далноводите, се беше расположил Христо гробарот и три Ромки со светлопортокалови елечиња. Двете беа постари, а третата сосема млада.
– Е, чичко Иван, бидува ли така? Да го минеш целиот пат дотука, а да не се јавиш!
Ромките се разместија, младата се насмевна срамежливо и му направи место. Иван Петров седна меѓу нив.
Импровизираната маса беше натрупана со храна – слатки, солени, парчиња пита и безброј пластични чаши со пченица наредени како војници. Во средината се модрееше голема картонска кутија со црвено вино. Денот очигледно беше испратил не само еден покојник на вечниот им пат.
– За кого е поменот? – се заинтересира Иван Петров.
– Не поменуваме, туку празнуваме – се насмеа гробарот. – За некого крај, за некого почеток. Знаеш како е.
И му налеа.
– Ајде, во твое здравје! Добро си дошол!
Ѕвецкање на чаши не се слушна, нели беа пластични, но винцето им се услади.
– Ова се Дочка, Ценка и Софка – ги претстави дамите гробарот. – Колешки од чистотата. А ова е чичко Иван, за него сум ви кажувал.
Софка, младата, пак се насмевна, веќе не толку срамежливо. Беше уште момичка, убава, очичките ѝ играа, со мургавата рака расеано го галеше момченцето, кое во тој час ѝ беше седнало во скутот.
– А овој јунак овде е Паунчо, но со него веќе се знаете.
Кога слушна дека му го споменуваат името, детето пргаво рипна од колената на мајка си и исчезна зад бараката.
– Ти деца имаш ли? – праша постарата, веројатно Дочка.
– Имам – одговори Иван Петров. – Но големи се. Имам и внучка. Никол. Малку помала од Паунчо.
– Баш убаво – се јави другата. – Децата се убаво нешто, дар од Бога. Нека ти се здрави и живи.
Повторно наздравија.
Иван Петров немаше претстава кое време е, не му беше гајле. Одамна беше минало пладне. Кога виното во картонот заврши, гробарот го извади шишето што го чуваше до половина полно и тури во чашите.
Подоцна, колку и да се напрегаше, Иван Петров не успеа да си спомне што им беше зборувал. Ја паметеше само грубата, дури и неприлична смеа на гробарот и високите, возбудени женски гласови.
Од сите најмногу се смееше Софка.
Откај гробиштата завеа ветрец. Двете возрасни Ромки станаа да си одат.

АвторЕлена Алексиева
2022-07-12T11:35:04+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 144|