ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

/, Литература, Блесок бр. 144/ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

ПРЕКИНУВАЊЕТО НА САМСАРА

– Тате – почна пак Иван Петров Помладиот, но овој пат покротко, со љубезна поучност, – имаш ли ти претстава низ какви перипетии поминавме, за да ти го направиме тој подарок? Знаеш ли дека за еден простосмртен граѓанин во главниот град практично невозможно е да се добие државен гроб освен ако не го наследил од баба си? Притоа односниот граѓанин треба да е, условно речено, добростоечки. Зашто, ако си мислиш дека единствениот расход е заокружената сумичка, која фигурира во документот и која ти воопшто не ја ни погледна, многу се лажеш. Што да кажам за директорот на одделението за гробно планирање и за поткупчето, што си го прибра, за да ги направи неопходните промени во регулативниот план, за да се отвори местенце за уште едно гропче? А за секретарката на шефот на општинската служба, каде што требаше некако премолчано да го поттурне за потпис изменетиот гробен план, така што ем да не се види промената, ем да успееме навреме за родениот ти ден? А за сметководителката, која мама со солзи во очите ја убедуваше на нашата молба да стави помал регистарски број, за да можеме да го земеме новото место пред сите други? Ех, тате, тате! Да знаеш само какво одење по маки беше, кои врски, кои нерви, какво душевно измачување за нешто толку просто во таа наша проклета, до дно гнила држава!
– Мама се беше дотерала како тазе вдовица – се јави ќерката и првпат се насмевна, а насмевката ѝ беше убава, сè уште млада. – Жалам што не бев таму за да го гледам тој спектакл. Треба да бил мајсторски изведен, ако се суди според резултатите.
Иван Петров го грабна документот, скриен под салфетката, повторно го отвори и почна да зјапа во напишаното.
– Е?
– Тоа се многу пари – забележа тој глуво по долго молчење.
– Сега, се убеди ли? – Иван Петров Помладиот тешко го прикриваше триумфот во тонот.
– Човек треба да е ненормален за да даде толку пари за два квадрата пустелија обрасната со плевел.
Ќерката се кикотеше.
Лицето на Иван Петров Помладиот помодре.
– Нема да речам дека си неблагодарен, татко си ми и те почитувам. Само ќе те замолам уште еднаш внимателно да размислиш. Ајде, подарокот настрана. Гледај го како инвестиција. Ама ти нема сам да лежиш во тој гроб, а. Еден ден, да сме здрави и живи, и мама ќе дојде кај тебе. Потоа тетка, јас… Тој замолчи навреме, пред малата Никол да биде вклучена во списокот, па воопшти: – Никој не е вечен.
– А, не – приговори ќерката. – Без мене. Јас во масовен гроб нема да легнам. Претпочитам да ме кремираат и да ми ја расеат пепелта.
– И каде, ако не е тајна? Покрај езерото Комо можеби? – ја зајаде брат ѝ.
– Сеедно. Ако сакаат нека ја истурат во клозет, ич не ми е гајле.
Иван Петров ја слушаше повторната остра расправија меѓу децата и неволно си ги спомна како мали. Воопшто не беа пораснале, а камоли да се опаметат. А кој беше виновен? Сигурно пак тој, кој друг. Нели и без тоа излезе дека целата држава му тежи на совеста, а што останува за сопствените деца.
Вратата се отвори и на прагот застана жена му. Расположението ѝ беше неприродно весело.
– Ку-ку! – почна да се смее таа заканувајќи им се со прстот. – Што сте се развикале така! Ќе го разбудите детето.
Ти си куку, си помисли Иван Петров и се обиде да си ја претстави како „тазе вдовица“, како што ја беше опишала ќерката. Беше помлада од него, сочувана, а уште и се одржуваше. Малку беше накачила со годините, лицето ѝ беше мазно и во моментот младешки сјаеше под грижливо уредената фризура. Немаше потреба долго да чека. Како ништо ќе ѝ се залепи некој бодар дедо.
– Што се случува, се разбравте ли? – праша таа и без потреба почна да ги разместува чиниите по масата. – Ама вие ништо не сте изеле!
Иван Петров Помладиот ја погледна под око и ги наведна рамениците. Потоа му кимна на татко си.
– Се разбравме – рече стариот Иван Петров и воздивна. – Ајде, жено, носи тортата, гледаш ли кое време стана. И викни ја снаата, да доаѓа веќе. Нема сами да ја јадеме, хм.

Повеќе никој не спомна збор за подарокот. Сигурно го дискутираа меѓу себе – имаа обичај да заговараат, но Иван Петров гледаше да не ги забележува. Не беше огорчен. Дури си резонираше дека правилно постапиле, далекосежно. Повеќе се лутеше на себе што чувството за хумор го беше изневерило во најкритичниот момент. А тој се сметаше за богзнае каков мајтапчија. Ама, од друга страна, и неговите беа некои мостри! Гроб ќе му подаруваат! Зошто не директно ковчег!

Сепак, еден ден, бидејќи немаше што да прави, одлучи да го провери новиот подарок. Се качи на трамвајот што одеше до гробиштата и по долгото патешествие од срцето на градот до периферијата, слезе на последната станица со две бабички и три Ромки од комуналното.
Цела вечност талкаше Иван Петров низ гробишниот парк додека не го откри својот гроб. Не бидува, на некои места таблите со броеви на парцелите беа извадени, па и самиот распоред не беше како што треба. Тесните, растурени асфалтирани алеи, пак, неретко ненадејно завршуваа и никаде не водеа. Немаше ни кого да праша. Работен ден беше и освен двата погреба, кои ги пресретна на почетокот, Иван Петров повеќе не виде жива душа.
Голема инвестиција, нема што! – си мислеше бесно. – Исто како да си ги вложиш парите во буниште!
Ожедна, огладне, нозете почнаа да му потклекнуваат. Чат-пат го вадеше општинскиот документ, за да го провери бројот на парцелата, иако веќе му беше сосема јасно: таква парцела немаше. Ги измина католичките гробишта, покрај кои дремеше оставен багер. Сосема ја беше изгубил насоката, не беше сигурен ни како да се врати, ни каде да продолжи. Тргна по трагите оставени од багерот – секако, од некаде треба да беше дошол. Таму можеби ќе најде некого. Но трагите го одведоа единствено до висока, неискосена трева, каде што – многу далеку од неговите преостанати сили – се наѕираше оградата од гробиштата.
Иван Петров газеше во тревата, запре нерешително и пак го извади документот.
Одненадеж пред него, небаре од никаде, изникна човек. Беше црн, брадосан и зад себе влечеше лопата.
– Што бараш? – рече човекот и се потпре на лопатата.
Иван Петров се поколеба.
– Едно гробно место. Ете тука… – и му го подаде документот.

АвторЕлена Алексиева
2022-07-12T11:35:04+00:00 јули 11th, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 144|