Лице в лице

Лице в лице

Неупотребливи дарови
За корисноста на музиката
Снег во чевлите
Убави мртви мориња
Лајбниц
Лице в лице
Мишима
Пролетни занаети

Само што почна превратничкото доба
кога управникот на операта избра иронија
затварајќи се во концертен клавир
на кој со „берета“ издупчи четири дупки за воздух.

Тие години само ѕидовите на празната хала
го повторуваа неговиот солилоквиум
низ музичкото буре пропуштен во етер –

За корисноста на музиката во превратничко доба –

Да се собори гонг во поле наместо казан,
да се спуштат ѕвоната врз вреќите со брашно и сол,
златниците и копчињата во зевовите на трубите
а теглите со џем и маст во клавирите
построени во предворјата
како црни желки вкочанети
при вовлекувањето на главата под оклопот;

Тајните белешки да се нанижат на виолински жици
смотани во клопче, напикани
во прибор за риболов;

Дете што нема креветче би можело
во преуреден контрабас

И војската ќе биде посреќна ако дажбата
ѝ се дели со отворени тамбурици
наместо со мала црпалка

Тапанарските палки да ѝ се понудат на локалната полиција
зашто секогаш постои кожа позатегната од кожата

Заради контрола на мелодијата
прапорците од санките да се преселат на капите
впрочем, и музиката еволуира со селидба
од долно во горно

Колку повеќе тишина, толку повеќе и звучници
магнетофони да ја забележат непризнатиот трепет

Да се растури пазарот за придушувачи
На гудалата да се закачат знаменца

А повластениот простор на преносителот на звукот
множителот на веќе исчезнатиот тон
да се остави само на молчеливите карпи:
помеѓу нивните амнезии
доволните растојанија никогаш нарушени не ќе бидат

Музиката лесно се откажува од инструментот
во превратничко доба, нејзин е сиот свет
ако заборави на орудијата –

Така тропотеше, сува семка во клавирот:
управникот на опустената бина и завесите
засекогаш подигнати како смотани едра…

Само што одбра иронија, го спуштија во подрум
плеќите на ложачите, домарските раце
зашто полираното дрво е добро за потпала
кога халата треба да се загрее
за доаѓањето на хорот

А клавишите – до последното домино – да се напикаат во вреќа:
со нив некој веќе ќе смисли
правила на нова друштвена игра.

2018-08-21T17:20:58+00:00 август 1st, 2011|Categories: Поезија, Блесок бр. 77-79|