Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

/, Литература, Блесок бр. 51/Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

На патот на ова движење му стои друга, во денешно време доминантна струја, која со еден збор ја нарекуваме глобализација, иако би било добро да се употребува постариот термин: неоколонијализам – и со него јасно да се означат насилните токови на велекапиталот и алчноста, кои современиот свет го бутнаа во дивиот вител на само-прејадување и бесконечното продуцирање како пазарење. Светот во целост се претвора во огромна спирала на продукција и консумирање, во поле на коешто успеваат поединци или поединечни привилегирани претпријатија, приграбувајќи ги огромните пазарни вишоци коишто веќе во следниот миг мораат пак да ги инвестираат во пазарните текови за да не спласнат. Велекапиталот се врти согласно својата логика и независно од човекот. Вртењето на велекапиталот ја произведува сферата на вишоци, која физички е ограничена и му овозможува само на мал дел од земната популација да учествува во привилегиите кои ги овозможуваат вишоците (на пример: материјално богатство, здравствени, образовни и слични услуги). Но, поделбата на богати и сиромашни, успешни и пропаднати, не е нешто вечно. Сферата на богатството не е одредена и поделена еднаш засекогаш, туку и самата диво се превртува и постојано се менува. Оваа непостојаност и вечната закана од една, и ароганцијата на оние што моментално пливаат по врвовите на брановите, од друга страна, формираат динамично поле на судири на моќта, во коишто најголемата моќ дејствува како одлучувачки принцип на којшто треба да му се поклонуваат сите што се (сакале или не) вовлечени во нејзината динамика. Тековите на капиталот сами ги тераат сите вплетени (а тоа сме сите) да се борат за привилегии, а истовремено будно да внимаваат спомнатите привилегии да не им ги одземат другите. Конечниот ефект на спиралното кружење на капиталските влогови и вишоци човекот го расчовечува, го обезвреднува како човек и го вовлекува во бескрупулозните игри на насилство. Ова, на пример, прекрасно го покажува славниот роман на Елис „Американ Психо“ (во описот на судбината на поединецот). Или, програмата на војната на ѕвездите (на глобално ниво). Ако ние лаиците се обидуваме да сфатиме што се случува во заднината на несфатливите корпорациски проекти, можеме да си помагаме со информациите што ги разоткри пропаста на енергетскиот гигант Енрон или делумниот колапс на њујоршката берза, односно падот на вредностите на акциите на „веб претпријатија“. Човекот добива впечаток дека сè повеќе се работи за виртуелни компании кои се базираат врз практични махинации и ефикасно уверување-лобирање (маркетинг) и кои во последната фаза (се работи за голата балканизација на световниот пазар) зад фасадата на убавите (празни) зборови и идеолошките (лобистички) конструкти, всушност водат немилосрдни битки на шаховската табла, надвор од етичката (надвор од човечката) сфера на тековите и доминациите на капиталот. Веќе од самиот почеток, Балканот бил целосно вплетен во мрежата на световните релации, секој најмал настан на овој несреќен полуосторв целосно зависел од влијанијата и одлуките однадвор. Балканот бил „планетарен“, за судбината на луѓето на оваа почва не одлучувале само локалните фактори туку и световните договарачи и релациите меѓу нив. Ова е комплементарна игра, која тешко се резимира или согледува во целоста на сите детали. Во судирите на Балканот се случуваше, вплетуваше и развиваше современиот планетарен свет. Судењето во Хаг на воениот злосторник Милошевиќ, со којшто, во времето на најужасните злостори зад коишто стоеше и ги одредуваше, сите светски водачи склучуваа договори како со рамен на себеси (под превез на договарање за мирот), тоа одлучно го разоткрива. Да се сетиме на сите идеолошки обрасци, со коишто насилството на една од најсилните армии во Европа над цивилното жителство (што гласало за демократија!) се обидуваа да го претстават како граѓанска војна, етнички судир, верски војни, племенски битки, национални кавги и судир на цивилизациите (христијани и муслимани), а заборавија да ги спомнат тенденциите за демократизација. Со сличната дикција и денес ги полнат првите страни на светските медиуми, а истовремено сосема еднострано или делумно ги толкуваат моментално најгорештите проблеми и конфликти на планетава, и со истиот метар мерат сосема различни работи (под поимот тероризам се трупа сè што моментално им се спротивставува на интересите на оние што имаат моќ – кога на пример се обидуваат да ги оправдаат ужасите што Шарон ги прави на окупираните територии). Но, да не ги набројуваме во неповрат нештата што се јасни. Планетарната средина, во којашто човекот денес се обидува да го одврзе балканскиот јазол, во основа е балканизирана, значи потчинета на приликите на меѓусебно спротивставените сили на насилството и превласта, која познава еден единствен аргумент на надмоќта. Меѓународното право е заборавено, во светот на меѓународните односи пак превладува воената, политичката и економската моќ. Затоа, ако денес се обидеме да понудиме креативна алтернатива на состојбата на Балканот, тоа треба да го сториме во односите кои ги нарекуваме глобализација.

***

Гледајќи на целата работа од овој аспект, добиваме слика што на два дела ја цепи некоја црта. На едната страна од цртата постои кралството на разликите, различните култури и јазици, дури и цивилизации, кои се синхрони, повеќе или помалку меѓусебно преплетени, длабоко зависни, а дефинитивно коегзистираат веќе од памтивек и претставуваат некоја реалност, која не може да се поништи. Од другата страна имаме т.н. глобална демократија, која за себе вели дека претставува круна на светот, најпотполниот облик на уреденото човечко општество и организацијата на меѓусебните односи. Таа го гради својот настап врз формирањето на агресивната монохромна едно-култура (доминација на еден единствен јазик) и ја исклучува потребата за разговор со поинаквите, или воопшто не ги зема в обѕир. Оформена е, значи, новата поделба на светот, повторно заснована врз насилството и моќта. Фактот дека постојат повеќе глобални системи, т.е. цивилизации, кои не сакаат да ѝ се подредуваат на цивилизацијата на демократијата, Западот го прикажува како неопходно зло, како потенцијална закана на темните сили или некакви оски на злото. Себеси се претставува како напредната партија, а својата агресија како борба за најдобриот од сите можни облици на стварноста. Искрено да се соочиме со овие работи и да си го поставиме прашањето за Балканот уште еднаш, врз основа на почетните точки, кои ни ги нуди нацртот за новиот поредок на светот. Дали апсолутната моќ (воена и економска превласт) е таа, која треба да ги крои односите меѓу вплетените? Дали да го следиме примерот на демократичниот Запад, па водството и формирањето на состојбата на Балканот да им ги препуштиме на институциите на моќта, кои насилно ќе ја уредат земјата со вештачки наметнатата „демократија“ и со насилните интервенции на апсолутно моќната „полиција“? На Балканот веќе имаме темелно искусено каде води говорот на моќта и употребата на насилството. Три милиони раселени, стотици илјади убиени, уништени цели покраини, економијата на нула, сеопшта омраза и недоверба, процут на организиран криминал и воено профитерство, разрушени домови, уништени традиционални вредности и изгубена битка за сите. И Белград настрада и потклекна за повеќе децении назад. Хаос, уништување, тотална сиромаштија, зависност од надворешната помош и така натаму и така натаму. Јасно е дека на ваков начин ништо не може да се реши. Војната ги продлабочи пукнатините меѓу луѓето до непрепознавање. Болката е голема и ужасна, раната е огромна и ќе потрае пред да се зацели. Многу вода ќе претече по балканските реки, пред на Балканот пак да се воспостави некогашната состојба на примордијалното зеленило на бескрајните шуми, во коишто растат едно до друго безбројни дрвја давајќи му засолниште на богатиот живот што се развива меѓу нив. И тоа само ако дојде до решителен, темелен пресврт од употребата на насилството или наметнувањето на лажната демократија, зад која се крие вон-човечка и вон-етичка превласт на интересите на велекапиталот, што на местото на продорноста на визијата го поставува оперативниот модел на про-визијата, како што духовито се изрази нашиот пријател Јанко Рожич.

АвторИсток Осојник
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|