Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

/, Литература, Блесок бр. 51/Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Споменатата измислица ни нуди одговор. Онаму каде што расте опасноста, расте и решението, запишал еден германски поет, постојано интензивно размислувајќи за основните услови на земниот живот на поетот како творец на човечки достоен живот (и на творечкиот живот воопшто). Тука се отвора цепутка во којашто може да се наѕре некој траг, како што би рекол францускиот филозоф Дерида. Движењето на трагата значи онаа диференцијална пукнатина во којашто движењето на разликата е основен услов за формирање на говорот, за појавување на јазикот како таков. Сожителството на разликите како облик на творечкиот дијалог, што како таков воопшто се воспоставува. Треба да се посегне таму каде што Балканот дејствува како поле на изворните точки, во полето на совеста на поединецот, која ќе се отвори за „етична реконституција“. А тоа може да се случи и се случува во полето на културата. Тука, во оваа сфера се формираат примордијалните слики на светот, врз основа на кои се формира спектарот на начините на конкретната коегзистенција. На тие различни слики треба да им се даде можност на дијалог, на средба, на запознавање на другите. Треба да се создаде можност за креативна и плодна измена на глобалите идеи, што ќе ги привлечат најпрвин најистакнатите творци, визионери од различни средини, и преку нив треба да се формираат мрежите на функционалната комуникација меѓу различните културни пракси. Значи на нешто што нема да биде изградено врз мерење на меѓусебните моќи и на монолозите на насилството, туку врз почитување, познавање и разбирање на другиот со истовремено презентирање на својата различност како рамноправна изјава во разговорот на многуте. Треба одново да се формира просторот на дијалогот, да се најдат сите можни различни облици на соработката во културната сфера, по што ќе следат и сите останати подрачја на дејствувањето (политиката, економијата и така натаму). Треба да бидеме свесни дека културата не е некојси додаток кон секојдневниот живот и на останатите сфери на живеењето, туку таа, во целосното проткајување на животната пракса со сите облици на живеење на светот, претставува специфичен израз на состојбата на сите и, истовремено, начин на можна автокорекција и на креативен саморазвој. Човекот е она што е, бидејќи ја имаа таа самокорективна способност, што ја покажува она кое го викаме култура. Културата не се концерти на класична музика во којашто може да ужива само елитното друштво. Не, класичната музика го покажува дострелот на луѓето коишто се препознаваат себеси и ширината на својот израз во високо развиената артикулираност на музиката. Културните производи не се само бескорисно уживање за луѓето коишто немаат што да прават, туку реализирано високо ниво на саморазбирање, формирано со тешка работа во потребата по целосен пристап кон околностите на својата работа и животот. Културниот производ е показател и резултат на нашите способности во нашите секојдневни дела, а не хохштаплерска привилегија на пренајадените разгаленици. Ова јасно го открива впечатливата карактеристика што може да се препознае во недостатокот на вкус кај набрзина обогатените богаташи коишто се китат со ужасно скап но безвреден кич, оти не се способни да разликуваат меѓу зрното и плевелот. Секоја ера си има свои Трималиони, коишто ја гледаат цената и мислат дека парите и сеопштата завист (недостапноста) гарантираат за квалитетот на производот. Мислат дека културата е работа на марка, а не на квалитетот на производот или на длабочината или целоста на личното „естеско“ доживување.
Балканот, да резимирам, е, значи, состојба, а не место, во која што живеат луѓето кои меѓусебно се разликуваат поради бројните историски, етнички и други причини. За одврзување на таму настанатиот јазол не е битна само материјалната помош однадвор туку пред сè овозможување да се развијат цивилизирани облици на сожителство, кои меѓу различните групи луѓе ќе го овозможат потребното изменување и соработување. Дури тоа придонесува кон напредок и кон потребната самостојна креативност. Темелот на разбирањето е почитување на различноста. Почитувањето значи комуницирање, разбирање, прифаќање. Тоа го овозможуваат јазикот и културните институции, кои различните јазици ги поврзуваат во креативен круг. Но јазикот не е само средство за комуникација, туку целоста на светот (јазикот е светот, рекол Хумболд), како што се покажува и случува во мислите и претставите. Едно од примарните полиња на отвореноста и покажување на највнатрешната вистина на себеси како мислата, претставата или изворното искуство на другиот, е литературата (поезијата). Поезијата е оној прозорец, каде што вистината на авторот пристапува до читателот на некој посебен, „вистинит“ (logos alethes) начин. Тоа, се разбира, не е единствено подрачје на разоткривачкиот говор. Кон неа ги вбројуваме уште останатите уметности, филозофијата, науката и во крајна линија и верувањето како интимна инспирација, кога не се работи за ексклузивни, властољубиви установи. И така натаму. Битно е, значи, за почеток најдобрите, што значи најмногу отворените, најмногу артикулираните, етички реализираните поединци од различни средини да се сретнат на различни форуми и да почнат продлабочено да разговараат за заедничките работи, а секој од својата специфична изворна заднина да го донесе оној подарок кој претставува иден единствен детаљ во спектарот на новиот заеднички свет; што го овозможува новата заедничка претставата на светот, формирана како резултат на ваквите средби. Она што во моментот е неопходно, е нова „Корчулска школа“, односно нова трајна престижна средба, која би ги привлекла споменатите поединци од овој простор. Тие треба да бидат луѓето вредни за почитување, коишто не се компромитирале, т.е. не дејствуваат поради волјата за моќ, личните привилегии и шовинистичките или себичните мотиви. Без оглед на различните актуелни потреби на доминантните трендови во светот, за овој свет е неопходно луѓето на некое место да разговараат отворено и без страв дека ќе ѝ попречат на доминантната слика на светот и дека ќе предизвикаат бес и повратни акции кај демагозите и моќниците кои ја шират. За светот, таквата точка на „искажување вистина“ е од непроценливо значење. И тоа нека се случи како „трага во движење“, значи, како еквипримордијален проект, кој ќе се формира дури во текот на самото случување. Нека, значи, се случува како формална, институционализирана можност на вистината, којашто се искажува, но не се декларира, бидејќи вистината никогаш не го кажува последниот збор. Вистината е нешто отворено, нешто што тече. Со оваа можност, на Балканот му ја враќаме некогашната традиционална световност. И го елиминираме долгот што пред нас го поставија српските и ним сличните академици. И му оставаме на времето да покаже дека сме имале право.

АвторИсток Осојник
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|