Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

/, Литература, Блесок бр. 51/Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Балканот може да биде и земја однатре, длабока темна обраснатост во душата на непроодните стебла под коишто царуваат диви ѕверови и несентиментални птици пејачки. Она што му подарува значењето на зборот Балкан потекнува однатре. Најпрвин внатре во поединечен човек, а потоа помножено со сите поединци и со други суштества, до бесконечната неспознајност на колективната самоспознајност, што се дави во океаните на заблуди, илузии, лажни очекувања, безнадежност, депресии, недоразбирања, слики без дно и така натаму. (Дали Злото постои само по себе, значи не само како отклон од доброто?). Ако зборуваме за отвореноста, тогаш најпрвин помислуваме на отвореноста во основната смисла, на отвореноста на бесконечноста, отелотворена во бранувањето на ридјето и планините, обраснати со непреодните шуми. Но, во лажната претстава за Балканот, прв план стои нешто што пречи. Балканот како нешто што попречува. Значи нешто што би требало да биде поинакво од нас, кои сме, хм, добри. Кои не спаѓаме на Балканот. Во нас се покажува местото кое на себе предупредува со болка, место на коешто прескокнува грамофонската игла и ја враќа веќе отсвирената музичка одломка назад на недовршениот напев, без продолжување. Ако оваа слика ја преместиме во пракса, се наоѓаме во рамките на славната кинеска поговорка, која добронамерната помош ја поставува под знак прашалник, во разликувањето дали е подобро на рибарите и на нивните семејства рибите да им се подаруваат или да се научат како да ги ловат. На Балканот имаме работа со дарување а не со подучување на риболов (освен при ловење во матна вода). Дарувањето риби е ќорсокак, мртов тек, круг без крај, прескокнување во место, поради коешто ова место никогаш нема да се конституира како почеток на самостојно движење, развој, реконституција. За Балканот, само материјалната помош не значи напредок и обнова на некогашната состојба, туку висење во воздух и паѓање во бездна. Но, што да се прави? Рековме дека нештата продолжуваат во внатрешноста. Не е доволно човек да се занимава со констатирањето на фактите, на причините за фактичката состојба, или со интерпретацијата на минатото. Треба да се направи нешто ново, рез, да се застане попреку и болно да се посегне во ткивото на раздорот, кое му пречи на просторот на сожителството. Она што пречи е нередот на празниот живот, полето на живеење од денес до утре и чекање работите да се средат; тоа е висење во воздух, препуштање на нештата да течат безглаво сметајќи на некаква природна регулација, некаков дарвинистички еволуциски принцип, кој ќе ја среди оваа работа сам по себе. При тоа, Западот игра клучна улога, зашто токму од неговата интервенција зависи во која насока ќе се движат идните дејства. Но, се разбира, Западот не знае што да прави. И посредниците од широкиот свет се изгубени. Балканот е, значи, полето на празниот тек во којшто е замрзнат регресивниот тек на настаните, а ништо не е направено за состојбата да се отстрани. Што е разбирливо. Освен што добивме неколку фолклорни слики на типичниот балкански цинизам (на пример Кустурица и други режисери кои ја обработуваа стварноста на последните војни на Балканот), како луѓето и покрај ужасните околности и неверојатните бранови болка да се фатат за колку толку поднослива огледална слика на себеси и да продолжат со урнебесната забава до бесвест, ниеден навистина не се обидел сериозно и креативно да го одгатне балканскиот ребус. Напротив. Западот блада за некаква племенска примитивност на луѓето на Балканот (како Американците во Виетнам, Англичаните и Французите во колониите, Германците и Италијанците во Втората светска војна да не правеле еднакви или дури полоши свинштини). Јазолот се шири како црна дупка и проголтува сè повеќе луѓе и народи и ги заплетува во клопчето на конфликти и радикална омраза, поради што и во најтолерантните средини, во коишто некогаш разнородното жителство живеело во сожителство, тоа веќе не е можно. Границите меѓу повеќе националните држави одеднаш, како водата што миговно и по целиот волумен се кристализира во мраз, кога температурата ќе досегне критичка точка, се формирале во бесконечната мрежа на внатрешните, фрактални граници кои допираат од распарчените покраини и поделените градови до дното на душата на секој поединец. Границите не се веќе работа на разделбата на единечните национално чисти (исчистени) региони, туку претставуваат темелен расцеп во секој поединец, поради којшто тој се претворил во некаков „политички психотичар“. Се работи, значи, за лоша и опасна патологија или дури регресивна шизофренија, за status quo, што со прескокнување во место од човекот, во крајна инстанца, прави непријател на самиот себеси. Она темелно по што Балканот е „Балкан“, е оваа раз-двоеност par excellence – ограниченост како разделница воопшто. Темелната тенденција е, значи, раз-двојување, основната сила која преовладува е дијагоналната разурнувачка разделница. Полето на прескокнување уште пред крајот на „напевот“ назад на некое необмислено место, кое не е почетокот, ја означува онаа повратна јамка, која во процесот на доближувањето дејствува како доближените полови на магнетот со ист набој – одбивачки. Се работи за некој одбоен првичен притисок, што доближувањето го спречува веќе на почеток. Најпрвин во главите и срцата на луѓето. Причините за тоа не се секогаш познати, но се универзални, во духот на веќе претставената балканизација, што сè повеќе важи и за Западот во целост, од којшто делот е и Балканот.

***

Темелниот поим, кој ги превртува работите на глава, е сожителството. Во оптиката на сожителството се покажува позитивната „понуда – содржина“ на Балканот. Овде мислиме на скапоцената ризница на мултикултурноста, која го обогатува човекот, кој дејствува и создава надвор од полето на одбивачкото прескокнување во празно. Кралството на разликите, кои ја дробат насилната Единствена Вистинска Слика на светот и ја облагородуваат во движечки кристал на секогаш нови погледи на светот во динамично богатство на различните перспективи и содржини, човекот го обогатува и како поединец и како општествено битие. Мултиперспективиноста не е начинот на мислењето и живеењето, што само рационално го препознава дводимензионалниот облик на со-живеење на различните општествени заедници па дури и народи еден до друг. Таа креативно работи на преливањето на сите разлики во покомплетниот конгломерат на разнородните популации, кој ги опфаќа различните групи, а нивната меѓусебна инаквост ја преточува во поцелосна подгрупа на секој поединец, односно на некој надминат заеднички креативен меѓу-простор. Се работи, значи, за превоспитаната способност, што човекот како специфичен вид препознатливо го дели од другите хомоидни видови: за високо развиена култура. Тоа, нормално, не значи дека човекот поради тоа вреди повеќе од другите суштества. Културата е, еволуциски гледано, решавачки прогресивна одлика која човекот не го конституира како најсилната ѕверка на планетава, туку како етичко битие – способно за надминување на миговните, себичните и тесно сфатените услови на неговата директна средина. Етичкото не значи и морално. Немаме намера да филозофираме во кондиционалот, кој се повикува на среќа. Или да се повикуваме на идеалните утопии, врз основа на коишто би формирале низа услови, на коишто би требало да им се потчини идното општество. Етичкото е многу повеќе, тоа е она што е веќе тука и што постои, што е практички дејствувачко и што одликува. Етичкото е она поради што човекот е општествено битие и веќе неколку милиони години успешно ја владее компликуваната социјална динамика на конструктивните односи, кои го одликуваат цивилизираното општество. Значи, она внатрешно совпаѓање на законот и личната слобода, задоволството и среќата, ако сакате. Согласување со слободата на другиот, и со тоа со својата. Етички е, значи, она што овозможува да се земе в обѕир другиот, како длабок личен праг на индивидуалната самореализација. Зашто дури со тоа да му ја допушти на другиот неговата лична среќа, човекот може да се самореализира во мирот на допуштањето. Тоа се нарекува со-живеење. Во полето на постојаниот тек на разликите надвор од врвната и унифицирана содржинска еднаквост. Структурирано е полето и не само содржината, законот ја формира мрежата на еднакви услови за сите, без оглед на нивните партикуларни лични, племенски или национални приказни. Законот, изграден врз етичките принципи на цивилизираното општество, а не врз мрежата на привилегии на еден единствен доминантен животен стил, кој го наметнува најсилната фракција.

АвторИсток Осојник
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|