Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

/, Литература, Блесок бр. 51/Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Балканот вон балканалиското насилство на едно-националноста

Но, пред да се простиме од развиените култури околу Медитеранот, уште еднаш ќе се обѕрнеме назад кон нивните благородни извори, кон формите на живеење, кон судбините на луѓето и нивните случки во првите векови на нивниот развој на почвата на Балканскиот Полуостров; значи, во времињата кога се формираат основните закони на општествениот и политичкиот живот кои и денес нè детерминираат. Да се обѕрнеме на времето на митовите, или, уште подобро, на времето на транзицијата од митскиот во светот на филозофијата. Во ерата кога боговите се повлекуваат од светот и им го препуштат кормилото на луѓето. Она што денес го нарекуваме класична грчка трагедија, сè уште ни го покажува страшниот свет на роднински убиства, ужаси, неправедност, злосторства, предавства и игри на моќ кои, во поглед на изобилството суровост, тешко може да се сретнат во која било друга култура. Во јатката на нашата цивилизација како црна дупка во средиштето на галаксијата почива страшниот конститутивен чин, кој го воспоставил новиот свет со насилството, нешто за коешто денес размислуваат само уште антрополозите. Сите други се повикуваат на Сократ, којшто поради неговата откриена соработка со тиранскиот Алкибијад бил обвинет и само/убиен. Прашањето, кое не може да се заобиколи, е дали е можно со мудроста да се заобиколи соработката со арогантните игри на моќта, чиишто последици се разновидни злосторства. Овој сомнеж за судбината и јавното дејствување на првиот од сите филозофи засега нека биде доволно како недообмислено предупредување. И, дали е случајно дека неговиот прв ученик (и основач на академијата) ја изработил идејата на државата (politeiа), во којашто биле веќе формирани разликувачки закони за државјаните, кои се или не се пожелни во неа. Значи, ограничувачката politeiа, со која владеат исклучителните, социјално привилегираните, значи државата на исклучителните, формирана врз екскомуникацијата како принцип, што од тогаш понатаму ќе се практикува во различни прилики и за различни групи луѓе (поинакво сексуално ориентирани, Роми, етнички малцинства и слично), коишто не се вклопуваат во доминантната рамка. Од таму, па до изгонувањето на цели популации, не е многу далеку. Би можеле да кажеме дека во античкиот грчки свет може да се најде сè што три илјади години подоцна како негов затскриен отсјај ќе им го припишеме на настаните на Балканот. Но, всушност, се работи за некоја глобална основа која важи за целиот западен свет.
Внимателниот читател веќе одамна забележа дека немаме намера да напишеме некаква методичка статија, која пред нас систематски би покажала некоја, на почетокот само магловито навестена теза. Нашата намера е поопшта, како што денес би рекол водечкиот граматичар во овие покраини. Не сакаме уште еднаш, чекор по чекор, доказ по доказ, да развиваме некоја историска анализа на оргијастичкото ѕверство, последицата на сите од узди пуштени погроми на човечките животни, ослободени од сите задршки или какви било забрани, значи бак(х)аналии; или, уште подобро, балканалии, при коишто sparagmos (ритуално черечење) не е веќе работа на божјата разиграност туку дејствување на луѓето од онаа страна на етичко, значи надвор од она, кое со речиси веќе застаклените очи го нарекуваме цивилизирано. Ако на ова му се придодаде уште атрибутот на племенското, значи онаа мистична примитивност што владеела со светот под заштита на боговите во „пред-политичкиот“, „земскиот“ свет на древните оплодителни мистерии, добиваме веќе комплетно заокружен идеолошки поим, кој бил употребуван како официјално прифатена интерпретација за ужасното случување на Балканот. На западниот свет, кој под споменатиот идеолошки килим поттурнал редица за себе непријатни детали, прикажаната слика му е, нормално, многу подопадлива отколку изворната, оти вторава има исклучително еколошки предзнак и во западњакот предизвикува недопадливи помисли за опасна и претерана продукција и емисија на отровните супстанции во воздухот, што шумите ги претвора во овенати насади на смртно повредени билки. Дотолку повеќе, ако го земеме в предвид мачното сознание дека, без бесконечните килими на хлорофилот и без сончевите ќелии на кислородот, во блиска иднина многу тешко ќе сметаме на зголемена потрошувачка на пневматските уживања, со коишто ни се закануваат разни криви на популациската статистика. Со оваа лоша досетка полека се приближуваме кон универзалното значење на Балканот, кое ја вклучува и потиснатата основа во идеологизираниот поим на Балканот. Она што уште пред малку се чинеше невозможно, допрва стана очигледно. Балканот не е поим, врзан само на ограничено географско подрачје, туку опишува нешто што има далекусежни последици. Балканот е, ако ја парафразираме славната крилатица за провинцијализмот како состојбата на духот, состојбата на светот. Тоа што денес се случува во светот, е Балканот како (како што вели Иво Урбанчич) „метафора – meta-phero – отелотворување во збор на суштината на битот, кога суштината на битот ’се пренесува’ во збор како врз него заснована“. Тоа значи дека Балканот е зборот којшто ја означува/затскрива испревртената вистина на Западот, употребувајќи ја во идеолошка смисла како лик кој го одвлекува вниманието далеку од вистинската состојба на „западната демократичност“. Овој Западњак е всушност западниот свет во целост, кој како огледало се поставува на спротивниот брег и оттаму со прст се заканува кон Балканот наместо кон себеси. Сите ужаси што се случувале на Балканот се ужаси што се случуваат во доменот на битните влијанија од Западниот свет и ги покажуваат сокриените темелни вистини кои го создаваат и водат светот. Вистините, со коишто се сретнуваме во класичните текстови на грчката драматика, се вистини за нашиот современ свет. Балканот, во споменатото идеолошко значење, е скриена јатка на западната цивилизација. Впрочем, не веќе скриена, оти во последното време, под превезот на крстоносната војна за најчистите идеали на западната демократија, таа сè повеќе се покажува како апокалиптичка закана на ароганцијата и моќта, и не трудејќи се да се сокрие. Si vis pacem para bellum (Доколку сакаш мир, подготви се за војна!). Дали можеме сега да ѝ веруваме на оваа славна изрека повеќе отколку во времето на Цезар? Малку веројатно. Онаму каде под превезот на мирот мавтаат со оружје, не е сè чисто. Ако в небо се вие прамен чад, сигурно некаде (ќе) гори. Ако како одлучувачки аргумент во меѓународните односи надвладее принципот на посилниот, тогаш можеме лесно да зборуваме за време кога историјата треба одново да се преобмисли, а пред сè поимот на Западната демократија да се измери со психоаналитичкиот метар кој важи за психоза. Она што е изречено треба да се прифати не на ниво на изгледот, на она кое го претставува, туку на ниво на целосниот ефект што го создава. Најблагородните вистини за највисоката од сите цивилизации треба да се сфатат како идеолошко преправање, што ја покажува/затскрива непромислената и смртно опасна ароганција на самоуништувачката моќ и западњачкото насилство. Ако тоа го сфаќаме како онаа тајна лекција што почива во потисната основа во идеологизираниот поим на Балканот како нешто темелно и универзално, не можеме да останеме рамнодушни. Реченицата од еден роман, дека светот подивел, не е веќе само погрешна претстава на главниот јунак за состојбата на нештата, туку опасен факт што треба да биде почетна точка за сериозно промислување, како да се постапи оттука понатаму. Имено – и тука сме на почетокот на промислувањето за визијата на идното случување на Балканот – размислувајќи за иднината на Балканот, не можеме да го заобиколиме размислувањето за иднината на светот.

АвторИсток Осојник
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 51|