Броеви, просеци, формули… секој ден од седум до три, пет дена во неделата. Во пет до три гледа на часовникот. Брза на автобусот број десет во четири и десет. За време на возењето пополнува лото ливче. Го пребројува ситните пари за леб. Еден и четириесет. Во лифтот притиска број шест. Го врти бројченикот на шпоретот на два. Ги менува каналите на телевизорот: на единица ништо, на број два ништо… на број осумнаесет ништо. Го вклучува радиото: деведесетитри запирка шест. Четири годишни времиња. Го гаси радиото и ги одбројува ударите на четката за заби. Го гаси светлото, легнува во кревет. Умот не се гаси. Детски наивно се обидува да брои овци. Броеви, просеци, формули… Се мачи, стенка, станува и повторно легнува. Под капаците само броеви, просеци и формули на темна позадина. Тој е дел од тие броеви, просеци. Тој е свесен за тоа, но од тоа не може да се побегне. Тој е еден од оние кои гласале на изборите, тој е еден од вработените, тој е еден од редовните ТВ претплатници, тој е број. Тој си е сам себеси работа и самиот себеси се уморува. Тој го мрази она што стана, но не гледа начин да го промени тоа. Тој не е човек, тој е машина која им служи на другите. Тој не е човек, тој е статистичар.
Четири раскази
АвторБерислав Благоевиќ