Фантастиката во делото на Сречко Косовел

/, Литература, Блесок бр. 51/Фантастиката во делото на Сречко Косовел

Фантастиката во делото на Сречко Косовел

Ни се чини битно токму ова сознание за поетот како создател на новиот живот, што е „божем“ живот, квази-реален живот. Веќе во јануари 1923 година Косовел пишува (во писмото до Фаница Обидва): „Гледајте, јас мислам дека треба и покрај тоа што постои физичкиот и спиритуалниот свет, двата да ги пречкртаме и да веруваме во третиот, кој е хармонија на двата“ (подвлекла М. М.). Желба за градење нов, посебен, од стварниот сосема различен свет, а кој сепак е ограден од постоечкиов, го вознемирувала Косовел уште многу рано. Дури кога тој се определувал за „новиот свет“, на новите поетики, тој постојано повторувал: дури на урнатините на старото се раѓа новото. Косовел не верувал – како многумина други тогашни авангардисти – дека литературата, па дури и светот, започнува со нашето доаѓање: „Господа, сè она што денеска си го присвојува зенитизмот, експресионизмот, го имале сите уметности на сите времиња и сите епохи, оти веќе мисијата на уметноста сама е во човечкото општество да го носи новиот живот. Секогаш уметноста му била противтежа на механичкото утилитаристичко егоистично општество, секогаш, а не само денес“, запишал тој во Дневникот од април-мај 1925 година.
Во новиот живот расте она што расте од урнатините. Смртта, каква што ја попишува Косовел, е смрт во името на новото, умирање во името на раѓањето. Иако овој процес не е секогаш успешен. Не е нужно од смртта да се роди нов живот; може да остане и само мир, вечна тишина. Секако, Косовел битно се разликува не само од словенечките туку и од другите авангардни поети од дваесеттите години и по тоа што тој не се обидува да го подигне духот на новото, и при тоа да го оспори и понизи постоечки материјален свет, не се обидува ни да го презре разумот и науката во името на емоциите, екстатични и имагинативни доживувања. Тој едноставно е свесен за силната, битна разлика и несогласие меѓу спротивните категории, како и меѓу имагинарната („божем“) слика на човекот, каква што ја градиме во срцата, и грубиот надворешен свет на капиталот, компромисите, лажната демократија, злочините… Така може да се сфати зошто онаа јасност, озареност, за којашто пишува летото 1925 година, кога ја прифати нервозата како последица на истовремено дејствување на различните, спротивставени идеи и слики, не траела долго. Веќе во декември истата година тој пишува (во писмото до Фаница Обидова): „Дека човекот може да биде дури и сам себе туѓ, тоа го сфаќам дури сега. Некогаш имав утеха во литературата, денеска веќе ја немам. Јас не знам што е со мене и зошто тоа е така. Знам само дека сум скршен и дека ѝ нема помош на оваа страшна сива болка во мене. Знам само дека би требало да викам, да се извикам, би требало да ја разурнам над себе сиот овој сив куп на пепелта што ме гуши, дави и убива. Тој сив куп на апстрактноста што ми ги мачи дамарите до крајност и ме вика кон едноставното, свежо и првично. Сто конфликти има што човекот би требало да ги победи, но тој е скршен и без волја.
Сиот оптимизам, сета волја за работа, сета енергија, сето тоа е вештачко, родено од жедта за правдата, од жедта за спасот на нас самите, од жедта самите да си го создадеме новиот свет, каде што правдата ќе биде правда и човекот човек. А нашиот живот е тажен па дури и на овој спас не му веруваме потполно. Се бориме зашто сакаме да живееме, но ние не живееме.“
Светот што си го изградил Косовел – богат, интегрален, меѓусебно повеќепати поврзан, но етеричен, жив само во поетовата душа, срцето и духот – бргу исчезнува! Како и вечниот барач, патник, Косовел е секогаш на пат (колку често пее за патиштата и пругите, за железнички станици, возови, автомобили!). Како што животот на мајка му го „подигнал“ во оној свет, така и патувањето го дематеријализирал; вистина е дека често доаѓал на Крас па повторно заминувал и така ги опишувал овие свои стварни патишта. Но среќен е само оној Косовелов патник кој е апстрактен, имагинарен, патник опишан како таков, како појава:
Горите спијат уморни
под тивкиот шум на дрвјата;
патнику, на тебе кој мисли,
кога се враќаш дома?

Светла е сенката твоја,
бели се твоите раце,
давале, давале, давале
би цвеќето ладно на болното срце“
(„Ноќна арабеска“)
Колку повеќе оддалечен, колку повеќе сличен на сенката, толку поблиска и посилна е утехата што ја носи. Кога патникот застанува во „топли и јасни денови“ поетот веднаш го опоменува: „патнику, што застануваш во овој воздух, светол, јасен“ („Топли и јасни“). На патникот не му е доделено да ги живее „топлите и јасни денови“, заокружени и среќни мигови, туку вечното барање на некои несигурни, имагинарни подрачја.
Светот којшто го замислува, гради и „раѓа“ Косовел, е крајно компликуван: тој го поврзува минатото со сегашноста на поетски односно имагинативен начин, а оваа целост, овој свој свет тој го означува со математичкиот поим: интеграл.

Превод од словенечки: Намита Субиото

АвторМарија Митровиќ
2018-08-21T17:21:22+00:00 ноември 27th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 51|